Македонија
Мицкоски со пакет мерки за граѓани и бизнисот: Повисоки просечни плати за 25% , пензии за 20 отсто
„Состојбата во која се наоѓа нашата држава е неповолна, би рекол повеќе од загрижувачка. Иако имаше многу ветувања, нема резултати. Проблемите се зголемуваат, а многумина во изминатиов период приоѓаат и ми велат „ја губиме надежта“. А, проблемите се на секаде. Тука е невработеноста, земјоделците живеат на работ од егзистенција, докторите се незадоволни, пациентите исто така. Стопанството е во криза, присуството на корупција веќе е констатиран факт, исто како што е и отсуството на борба против криминалот. Екологијата не е тема во државата, но таа не чини затоа што не чини здравјето на нашите луѓе. Иселувањето е огромно поради лошите услови за живот. Младите се најпогодени. Многу нерешени проблеми имаме. И свесен сум дека многу од работите се последица на една системска негрижа присутна 29 години, но сето тоа кулминира последните 3, а нели ветувањата беа поинакви, ќе дошол живо и се требаше да биде поинаку“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, многумина не сакаат да продолжат со агонијата приредена од недоговорените политички елити и сакаат нов лист, нов почеток и излез од илјадниците проблеми. Проблемите се големи, но не се нерешливи.
„Изминативе 2 години работев и најголемиот дел од моето време го посветив на средби и комуникација со граѓани и со стопанството. Последната година силно и интензивно работевме на програма и мерки кон кои ќе се обврземе, а кои треба да ја донесат обновата, која пред се е неопходност за нужно рестартирање на нашето општество. Во изработката на нашите мерки и проекти кон кои ќе се обврземе да ги исполниме свој придонес дадоа стратешките соработници, универзитетски професори, експерти од странство од различни области, комисиите во ВМРО-ДПМНЕ, а клучниот сегмент беше мислењето и потребите на граѓаните и стопанството.Презаситени се луѓето од политика на поделби, празни обвинувања, прочитани политичари. Потребни се мерки и проекти, и многу работа.
Затоа отпочнуваме серија на прес конференции каде ќе промовираме мерки и решенија кои ќе бидат дел од обновата која доаѓа, а кои ќе овозможат повеќе за секого. Тоа се мерки и проекти кон кои се обврзуваме и кои ќе треба да донесат повеќе пари, повеќе средства, повеќе надеж, повеќе насмевки. Повеќе за пензионерите, повеќе за работниците, повеќе за стопанството и бизнисот, повеќе за граѓаните и стандардот, повеќе за Македонија. И слободно можам да кажам дека ова пред се ќе биде економска обнова, обнова заоснована на економски темели за кои најважен услов ќе биде правдата.За да имаме развој ни треба повеќе во економијата, почитување на законите и повеќе во стандардот кај граѓаните„, рече Мицкоски и додаде:
„Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечна плата во државата за минимум 25% во еден мандат. Ќе пораснат платите за минимум 25% во следните 4 години. Тоа ќе значи повеќе пари за работниците или во просек за 6.500 денари повеќе од платата која што ќе биде исплатена просечна во државата во декември месец 2019-тата година. Ќе се бориме жилаво за силен економски стандард за секој еден работник.Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечната пензија на пензионерите за минимум 20% во еден мандат или тоа ќе значи повеќе од 3.000 денари повеќе за секој еден пензионер. За повеќе пари, за повеќе достоинство на пензионерите. За мирен живот се обврзуваме во првите 100 дена Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да го промени Законот за пензиско и инвалидско осигурување и согласно новото законско решение пензиите ќе се прилагодуваат во двата основа, порастот на трошоците за живот и со просечниот раст на нето платите.
Во однос на невработеноста, тука нема да има пораст. Туку драстично ќе ја намалиме. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе Невработеност под 10% – едноцифрена невработеност. Повеќе работни места, повеќе среќни лица, повеќе работа за младите, повеќе работа за способните, повеќе работа за стручните. Под 10 проценти невработеност за помала сиромаштија и решавање на проблемите.Се обврзуваме за обнова која ќе донесе повеќе работа за младите, 0% персонален данок за млади до 29 години. Ова ќе значи ослободување од персонален данок за вработување на млади до 29 години кој имаат годишен нето приход до 6.5 илјади евра. Младите да имаат шанса тука да ја градат иднината. Дополнително, преку градење на модерна иновациска инфраструктура која подразбира отворање на иновациски центри, бизнис инкубатори и акцелератори, научни и технолошки паркови ќе им овозможиме на младите и креативните луѓе целосна поддршка во реализација на нивните бизнис идеи. Ние сме силно убедени дека Македонија има млади талентирани луѓе кои имаат силни претприемачки и иновативни идеи и затоа ќе работиме на создавање најповолни услови за искористување на нивниот потенцијал.За стопaнството, бизнисот и граѓаните ќе има повеќе пари.Ќе паѓаат даноците, а тоа значи повеќе пари за стопанството и граѓаните. Целосно ќе го напуштиме концептот на прогресивен данок и ќе воведеме рамен данок до 8%. Ќе стартуваме од 10%, од кој за 1% ќе имаме намалување во првите 100 дена, што значи рамен данок од 10 на 9%, а во период од две години уште за дополнителен еден процент ќе дојдеме на 8%.Се обврзуваме за обнова кој ќе донесе нов модел на реиндустриализација. Тоа значи нов економски модел кој ќе биде базиран на модерна реиндустријализација и зголемување на извозната конкурентност на македонската економија“, додаде тој.
Мицкоски вели дека се обврзуваат на обнова која ќе донесе 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за еден мандат. Ова значи повеќе поддршка од државата за домашната економија и компании и привлекување на странски директни инвестиции преку реформиран модел кој ќе биде привлечен за светски големи компании.
„Можам да кажам дека веќе водиме разговори со неколку големи европски компании кои се одвратени поради корупцијата, беззаконието и лошата бизнис клима во овие три години да инвестираат во државата. Чекаат и тие поволна клима после 12-ти април да започнат со инвестирање.Се обврзуваме за обнова која ќе донесе раст на БДП за минимум 4% годишно. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе повеќе пари за бизнисот, помалку давачки и бирократија. Ова значи намалување на парафискални давачки за фирмите кои што се резултат на анализата и средбите со стопанските комори и стопанствениците кои што ги имавме изминатиов период, но не само за парафискалните давачки, тука имаме и детална анализа за сите оние административни бирократски процедури. Дел од нив целосно ќе бидат напуштени, а за дел од нив роковите на одговор на институциите ќе биде намален. Се обрзуваме за повеќе од 90% реализација на планираните капитални државни инвестиции годишно, внимателно планирање и испорака на тоа што е испланирано. Сега имаме историско најниско ниво кое се движи околу 69 проценти и тоа после ребалансот на буџетот. Над 90 проценти реализација на капитални државни инвестиции подразбира повеќе работа во градежништвото, повеќе работа во трговијата и повеќе бизнис за претприемачите“, додаде тој.
Сите 11 проекти, според него, се дел од програмата која што ќе биде мотив плус за граѓаните да ја поддржат ВМРО-ДПМНЕ во периодот кој што следува и на предвремените парламентарни избори на 12-ти април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Живот со CTLA-4: ретка генетска состојба што го нарушува имунитетот
Во рамки на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, вниманието годинава е насочено и кон ретката дијагноза – цитотоксичен Т-лимфоцитен антиген 4 хаплоинсуфициенција (CTLA-4), состојба која се среќава кај помалку од еден на милион жители и е заведена под шифра МКБ-10 D84.8. Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на ретките болести. Во рамки на осмата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, одбележувањето ќе се одржи и во Охрид, во новоизградениот трговски центар, каде точно напладне ќе започне свечена програма под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“. Во Европска куќа во Скопје ќе биде промовирана официјална поштенска марка за СМА – Ден за свесност за ретки болести.
Станува збор за ретка генетска болест што настанува поради мутација или губење на една копија од генот задолжен за создавање на CTLA-4 протеинот. Овој протеин има клучна улога во „сопирањето“ на имунолошкиот систем. Кога тој недостасува или не функционира доволно, имунитетот станува прекумерно активен и ја губи способноста правилно да се регулира.
Недостаток на CTLA-4, нарушена контрола на Т-клетките
Недостатокот на CTLA-4 доведува до нарушена контрола на Т-клетките, што може да резултира со развој на автоимуни заболувања, како автоимун тироидитис, дијабетес тип 1 и воспалителни болести на цревата, зголемена подложност на рекурентни вирусни, бактериски и габични инфекции, хронични воспаленија, со можни оштетувања на различни органи, забавен раст и развој кај децата.
Иако имунолошкиот систем е „преактивен“, тој често не е доволно ефикасен во борбата против инфекции, што создава дополнителни здравствени компликации. Болеста најчесто се дијагностицира во детството или раната младост.
Дијагностицирањето вклучува детална клиничка проценка, анализа на семејната историја и генетско тестирање за откривање на мутација на CTLA-4 генот, кој се наоѓа на хромозомот 2q33. Дополнително, се прават испитувања на имунолошката функција и мерење на нивото на CTLA-4 протеинот во Т-клетките.
Раното препознавање е од исклучително значење за спречување на сериозни последици.
Третман и живот со болеста
Иако засега не постои лек што целосно ја излекува состојбата, со соодветна и навремена терапија пациентите можат да водат квалитетен живот. Третманот е насочен кон контрола на симптомите и спречување компликации и вклучува, имуносупресивна терапија за намалување на автоимуниот одговор, интравенозен имуноглобулин кај пациенти со чести инфекции, навремено лекување на инфекции со антибиотици, антивирусни и антигабични лекови, редовно следење од страна на супспецијалисти.
Поради различниот тек и тежина на болеста, потребен е индивидуален пристап и мултидисциплинарна грижа.
Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на ретките болести. Во рамки на осмата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, одбележувањето ќе се одржи и во Охрид, во новоизградениот трговски центар, каде точно напладне ќе започне свечена програма под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“.
Настанот ќе понуди културно-едукативна и забавна програма со песна, танц и креативни активности, посветени на лицата со ретки дијагнози, со порака дека реткоста не значи изолација, туку заедништво и поддршка.
Во Европска куќа во Скопје ќе биде промовирана официјална поштенска марка за СМА – Ден за свесност за ретки болести.
Настанот има цел подигање на јавната свест за ретките болести и поддршка на пациентите и нивните семејства.
Во рамки на програмата ќе биде прикажано промотивно видео со пациент, како и симболично откривање на официјалната поштенска марка посветена на СМА.
Македонија
СДСМ: Со случајот за Артан Груби се режира циркус, сè е однапред договорено
СДСМ со остра реакција оценува дека случајот со куќниот притвор на Артан Груби се претворил во, како што наведуваат, „циркус пред очите на целата јавност“, тврдејќи дека одлуките на институциите се дел од однапред договорено сценарио.
Од партијата обвинуваат дека Обвинителството, кое според нив е под контрола на премиерот Христијан Мицкоски, ја оправдувало одлуката за куќен притвор со наводна безбедносна проценка од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност.
„Само неколку часа подоцна, директорот на затворот ‘Шутка’, кадар на ВМРО-ОКГ, го демантираше Обвинителството, тврдејќи дека ниту АНБ ниту МВР воопшто не извршиле безбедносна проценка“, наведуваат од СДСМ.
Партијата посочува дека премиерот Мицкоски во телевизиско гостување изјавил дека станува збор за класифицирани информации кои не можат јавно да се соопштат, додека, како што велат, сега се појавуваат тврдења дека „странски служби“ уште пред една година доставиле предупредувања, а формална безбедносна проценка од АНБ и МВР не била изготвена.
„Кои се тие странски служби? И ако нема безбедносна проценка од АНБ и МВР, врз основа на што Обвинителството донело одлука за куќен притвор? Ако нема проценка, како тогаш се тврди дека била класифицирана?“, прашуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, контрадикторните изјави околу постоењето на безбедносна проценка – дека имало, па немало, дека била доверлива, па дека не постоела – претставуваат дополнителна потврда дека случајот е однапред договорен и режиран.
Од СДСМ оценуваат дека целата ситуација го нарушува кредибилитетот на институциите и ја продлабочува недовербата во правосудниот систем, барајќи целосна транспарентност и јасни одговори за основот врз кој е донесена одлуката за куќен притвор.
Македонија
Македонските државјани кои се наоѓаат во Израел да побараат помош, воздушниот сообраќај е затворен за цивилни летови
Во врска со последните информации за влошената безбедносна состојба во Израел, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.
-Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај, се соопштува утрово на фејсбук-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
МНРиНТ ги потсетува нашите државјани дека во случај на потреба од помош може да се обратат на следните контакти:
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив:
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
-Министерството преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој, наведува Министерството.
По влошувањето на безбедносната состојба во Израел и регионот, важно известување на својата фејсбук-страница утрово објави и Амбасадата на Северна во Израел, која ги повикува македонските граѓани кои во моментов се во Израел строго да ги следат упатствата издадени од Командата на израелскиот домашен фронт.
-На граѓаните им се препорачува: Да останат во или во близина на заштитен простор (засолниште, безбедна соба или друга одобрена заштитена зона); да се осигураат дека го знаат најблискиот заштитен простор; да ги чуваат основните залихи лесно достапни, вклучувајќи вода, храна, лекови, комплет за прва помош, фенерче, полнети мобилни телефони, да ги следат официјалните ажурирања и известувањата во реално време преку веб-страницата на Командата на домашен фронт (https://www.oref.org.il/eng), мобилната апликација и локалните медиуми. Веднаш да влезат во заштитените простори по добивањето известување и да останат таму додека официјалните упатства не покажат дека е безбедно да се напушти. За граѓаните кои планираат да патуваат до/да го напуштат Израел, летовите моментално се откажани до понатамошно известување. Препорачуваме внимателно да ги следите ажурирањата од авиокомпаниите и надлежните органи, се наведува во апелот од нашата амбасада во Тел Авив.
За каква било помош или итни прашања, достапни се броевите на Амбасадата: +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546
-Амбасадата продолжува внимателно да ја следи ситуацијата и ќе обезбеди дополнителни информации доколку е потребно, се наведува во известувањето.


