Топ
МНР чека потврда дали македонски државјанин е меѓу жртвите на тројното убиство во Боливија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се огласи по објавите во српските медиуми за тројно убиство во Боливија, во кое наводно еден од убиените е македонски државјанин.
Од министерството информираат дека македонската амбасада во Бразил е во постојан контакт со Амбасадата на Боливија во Бразилија.
„За потврда на идентитетот на жртвите се очекува завршување на обдукцијата, која сè уште е во тек. По добивањето на официјална информација од боливиските власти за идентитетот на жртвите и околностите на настанот, Министерството ќе ја информира јавноста“, соопштија од МНР.
Медиумите синоќа објавија дека телата биле пронајдени во црни пластични ќеси. Според неофицијалните информации, тие биле мачени, а потоа и ликвидирани во Боливија, пренесува белградска „Политика“. Убиениот македонски државјанин, како што пишуваат медиумите, е Дејанчо Л. oд Струмица, а уште еден, српски државјанин од Ниш, бил предводник на меѓународна организирана криминална група која се занимавала со дистрибуција на големи количини на кокаин од Јужна Америка на теротории на одредени земји во Западна Европа. Неофицијално дел од медиумите во Србија денеска споменуваат и дека третиот од тројцата убиени бил Бугарин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се гледаме во вториот круг, рече Шукова и повика недела да биде празник на демократијата и на слободата на одлучување

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, ја заокружи кампањата за првиот изборен круг со повик до граѓаните да гласаат со срце и разум за единствената конкретна програма. Им се обрати и на противкандидатите и ги повика да придонесат недела да биде празник на демократијата.
„Само со гласање може да ги промените работите во Скопје и да го спасите по четири години уништување. Нашиот град не може да издржи уште четири години уништување, импровизации, партиски бизниси и некомпетентност. В недела ве повикувам со срце и разум да гласате за единствената конкретна програма и понуда. Гласајте за вашиот дом, за бројот 5 затоа што вие заслужувате чист, зелен и функционален град. За моите противкандидати, ве повикувам сите да придонесеме недела да биде празник на демократијата, на слободата на одлучувањето и почитувањето на волјата на нашите граѓани. Се гледаме во вториот круг“, рече Шукова.
Таа потсети дека нејзиниот план за Скопје е јасен – повеќе зелени површини, нови паркови и ботаничка градина, чист Вардар и безбеден сообраќај.
„Знаеме како да го направиме Скопје град што повторно ќе дише, ќе се движи и ќе живее подобро“, рече Шукова.
Повика скопјани да излезат на гласање и да се изборат за „нашиот дом“.
Македонија
Секој изгубен ден во политички престрелки е изгубена можност за Скопје, в недела масовно да излеземе, повика Ѓорѓиевски

На последниот ден од изборната кампања за првиот круг на локалните избори, кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО- ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, накусо ги повтори сите ветувања што ги даде изминативе дваесет дена. Рече дека денес нема да држи политички говори, туку ќе им се заблагодари на скопјани за досегашната соработка.
„Ви благодарам за секоја подадена рака, за секој совет, за секоја критика и најмногу за огромната надеж што ја почувствував во вашите очи, надеж дека Скопје, конечно, може и мора да биде подобро“, рече Ѓорѓиевски.
Рече дека кампањата ја водел искрено и наместо со празни ветувања, пред скопјани излегол со докази оти она што го направил во Кисела Вода за него не се само бројки, туку доказ дека зборот го претвора во дело.
Рече дека зад него не стои само неговата политичка партија, туку тим од врвни експерти, професори, архитекти, уметници, но и обични и чесни луѓе, кои „о живеат и дишат овој град.
Повика в недела, масовно, референдумски, скопјани да излезат на гласање во сите општини.
„Нашиот град повеќе нема време за губење. Секој изгубен ден во политички престрелки е изгубена можност за Скопје. Затоа ве повикувам в недела масовно да излеземе и да ја донесеме одлуката. Да не дозволиме да изгубиме уште две недели во неизвесност и политички калкулации“, рече Ѓорѓиевски.
Побара силна и чиста поддршка за да може веднаш да почне со работа и по којзнае кој пат во изминатите дваесет дена повтори дека ако скопјани не го изберат во првиот круг, само ќе ги продолжат голготата и хаосот во кој градот живее со години.
„Ве повикувам да го заокружите бројот 9. Тоа не е глас само за мене, ниту глас за една политичка партија, тоа е глас за работа, за ред, за одговорност, за визија, глас за иднината на градот Скопје. Од срце ви ветувам на сите – ќе бидам градоначалник на сите скопјани. Не градоначалник што седи во канцеларија, туку човек што ќе работи, ќе слуша и ќе обединува. Човек што ќе биде на терен, меѓу вас, решавајќи ги проблемите онаму каде што настануваат. Ајде заедно да го вратиме сјајот на нашето Скопје“, повика Ѓорѓиевски.
Рече дека веќе се чувствува победнички оти верува во силна поддршка од скопјани. Нагласи дека е отворен за соработка и дека секоја добра идеја што ја нема во неговата програма ќе ја прифати и ќе ја реализира до крајот на мандатот.
Македонија
Андоновски: Македонија добива современ и сеопфатен план за дигитален развој

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска ја претстави новата Национална стратегија за информатичко-комуникациски технологии – „СМАРТ/МК 2030“, со што, како што кажа, Македонија, по осум години, конечно добива современ и сеопфатен план за дигитален развој.
„Овој документ претставува патоказ за тоа како нашата држава ќе ја оствари својата дигитална иднина – усогласена со европските вредности и стандарди за Дигитална декада 2030, но и македонската визија и потреби“, истакна министерот Андоновски.
„СМАРТ/МК 2030“ е национален документ, дел од поширока европска дигитална агенда за развој. Како земја кандидат, Македонија ја прифаќа рамката на Европската дигитална декада, која предвидува четири цели до 2030 година: дигитално обучени граѓани и квалификувани ИКТ експерти, безбедна и поврзана инфраструктура, дигитализирани јавни услуги и дигитално интегрирани бизниси.
„Нашата стратегија директно ги следи овие европски приоритети. Таа ја зајакнува институционалната конвергенција со земјите членки, создава можности за учество во европските дигитални програми, и овозможува пристап до финансиски инструменти и техничка помош од Европската Унија. Со неа, стануваме активен дел од Европската дигитална заедница – како партнер што придонесува со сопствени знаења, решенија и иновации“, рече министерот Андоновски.
Додаде дека оваа стратегија е резултат на широк и инклузивен процес. Се одржаа десетици јавни расправи и online консултации. Во нејзината подготовка беа вклучени над 300 експерти, институции, стопански комори, невладини организации, универзитети и претставници од ИКТ индустријата.
„Секоја препорака, секоја мерка и секој приоритет произлегува од заеднички консензус – како да изградиме дигитална Македонија што ги обединува сите општествени сектори“, рече Андоновски.