Македонија
На Костовски му го фалсификувале потписот за да се уништи опремата за прислушување
На инженерот Звонко Костовски во МВР, сведокот на СЈО, на денешното судење му беше предочен допис, кој, наводно, тој го испратил до Петтата управа во УБК, со кој наводно бара од својот шеф, Горан Грујевски, да биде расходувана, т.е. раздолжена опремата за прислушување поради зафаќање преголем простор за чување на податоците.
Костовски во сведочењето за предметот „Таргет – Тврдина“ рече дека таквиот документ не е негов. На втората страница, на која е потпишан, рече дека потписот е негов. Пред судот рече дека првата и втората страница од документот се со различен фонт, а не бил ист и печатачот на кој бил печатен документот, како и бојата на хартијата.
„На првата страница буквите се задебелени во споредба со втората страница“, рече Костовски. Тој рече дека онаму каде што пишува ‘строго доверливо’ на првата страница е пократка од линијата на втората страница и дека двата листа од дописот се разликуваат.
„Евиденцискиот број е венсен со мастилно пенкало. Секретарката користеше обично хемиско пенакло“, рече сведокот.
„На 21.11 2014 година, кога е заведен документот, Горан Грујевски беше доктор на правни науки и беше незамисливо на Грујевски да му се обратиш и да го ословиш со магистер“, рече Костовски.
Сведокот рече дека во 2015 година одделот бил преименуван, што не стои во документот, а најде и правописни грешки, кои, како што рече, никогаш не ги прави.
Костовски рече дека се сомнева оти станува збор за лист изваден од друг негов документ што го потпишал и е вметнат во дописот што наводно го пратил до Грујевски.
Сведокот на СЈО рече и дека целиот начин на изразување не соодветствува со стилот со кој тој се изразува. „Одделот за информатика никогаш не знаел каква опрема има во УБК за прислушување. Никогаш не ни бил испратен таков допис за раздолжување таква опрема“.
Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

