Свет
Нов тест ќе ги открива заразените од Ковид-19 четири дена порано

Научниците кои работат за американската војска дизајнираа нов тест за Kовид-19 кој може да утврди присуство на вирусот 24 часа по заразувањето, период во кој луѓето се уште не покажуваат симптоми и неколку дена пред носителот да може да го шири вирусот на други луѓе.
Доколку Агенцијата за лекови и набавка го дозволат неговото користење, производството може да почне во средината на мај.
Најавите се дека овој тест ќе може да го открие присуство на вирусот четири дена порано од досега.
Тестот произлегува од проект на ДАРПА, агенцијата на американската војска задолжена за „напредно истражување“, чија цел била „рапидна дијагноза на труење од хемиско и бактериско војување“. Почетното истражување било итно пренаменето кога стартуваше пандемијата, а новите тестови се очекува во текот на една седмица по итна постапка да добијат одобрување од ФДА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Павел: Русија е главната закана за Европа

Денес на меѓународната конференција „Форум 2000“ во Прага, чешкиот претседател Петр Павел ја означи Русија како најголем непријател на европската слобода и безбедност и нагласи дека сега е јасно дека Русија никогаш не била дури ни подготвена навистина да преговара за прекин на војната во Украина.
„Мировните напори на претседателот Трамп ни дадоа можност да видиме дали Русија сака да преговара или не. Одговорот е не. Русија никогаш не била подготвена да преговара со добри намери. Наместо тоа, таа ја удвои својата цинична воена кампања“, рече чешкиот претседател на отворањето на дводневната конференција.
Павел го посвети своето воведно излагање на „Форум 2000“ првенствено на хибридни напади, особено, како што рече, на лагите и дезинформациите со кои Русија се обидува да внесе несигурност и раздор во европските демократски општества.
„Русија денес претставува главна закана за европската безбедност, слобода и демократија. Таа се стреми да го уништи нашиот демократски систем и сака да ја уништи Европа чекор по чекор“, рече Павел, пренесува Бета.
Чешкиот претседател предупреди дека војната во Украина не се води само со оружје на бојното поле, туку и со сајбер напади, дезинформации и лажење на Европејците во обид да се посее страв и недоверба кај граѓаните во нивните институции.
„Ова е сценарио што добро го знаеме во голем дел од Европа. Во Грузија, иако не сакам да го кажам тоа, Русија беше успешна, во Молдавија засега не успеа. Според една студија во Чешка, руските дезинформациски страници произведуваат повеќе содржина од медиумите“, рече Павел.
Чешкиот претседател апелираше до новата влада, без оглед на тоа како ќе биде формирана од најверојатниот иден премиер, Андреј Бабиш, да се погрижи оваа дезинформација да не исчезне и дека луѓето заслужуваат сигурни информации и автентични гласови.
„Токму затоа ни требаат силни јавни медиуми. Слободните медиуми не се доволни, ни требаат и независни универзитети и судство“, апелираше Павел до идната влада.
Петр Павел ги цитираше зборовите на чешкиот писател Карел Чапек од 1939 година за лагите во политиката, повлекувајќи паралела со денес и времето кога, со благослов на големите сили во 1938 година, Чехословачка стана плен на Хитлерова Германија.
„Во 1939 година, Чапек предупреди дека кога лагите стануваат јазик на политичарите, тие го трујат општеството и ја продлабочуваат бездната од која дури ни децениите не се доволни за да се извлече општеството. Во 1930-тите, се разбудивме доцна, денес не смееме да ја направиме истата грешка“, рече Павел.
На крајот, чешкиот претседател апелираше дека ако Европа и Чешка сакаат добра иднина за себе, но и за Русија, мора да учат од историјата и сега да ѝ помогнат на Украина да го зачува својот суверенитет и интегритет.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп: Му дадовме дозвола на Хамас за безбедносни операции во Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Хамас добил зелено светло за внатрешни безбедносни операции во Појасот Газа велејќи дека групата сака да ги запре проблемите и „ние им дадовме дозвола за одреден временски период“.
Палестинската милитантна група, која според предлогот на Трамп за прекин на војната мора да се разоружа и да престане да управува со Газа, распореди внатрешни безбедносни сили во делови од крајбрежната енклава откога примирјето стапи во сила во петокот велејќи дека сака да го запре беззаконието и грабежите и да спречи безбедносен вакуум.
„Тие сакаат да ги запрат проблемите“
Кога новинарите на „Ер форс уан“ го прашаа за извештаите дека Хамас се претставува како полиција и пука врз противниците, Трамп рече „тие сакаат да ги запрат проблемите и отворено зборуваа за тоа, а ние им дадовме дозвола за одреден временски период“.
„Имате речиси два милиона луѓе што се враќаат во уништени згради и многу лоши работи може да се случат. Затоа сакаме да бидеме сигурни дека е безбедно. Мислам дека ќе биде во ред. Којзнае“, рече Трамп.
Газа во урнатини
Поголемиот дел од Газа беше уништен за време на војната што започна со нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Безбедносните сили на Хамас се судрија со членови на кланот во градот Газа во последните два дена.
Министерството за внатрешни работи на Хамас издаде соопштение во неделата, во кое нуди амнестија за луѓето за кои вели дека се приклучиле на банди одговорни за кражба и грабежи под услов да не биле вклучени во крвопролевањето.
Фото: принтскрин
Свет
Виткоф: Семејствата, конечно, ги имаат своите најблиски дома; Стармер: Клучна фаза на крајот од војната

Американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, денес, изјави, откога Хамас ги ослободи сите преостанати израелски затвореници живи во Газа, дека е длабоко задоволувачки да се знае дека толку многу семејства, конечно, ќе ги имаат своите најблиски дома.
„Денес, дваесет семејства беа поштедени од неподносливата болка од незнаењето дали некогаш повторно ќе ги видат своите најблиски. Но, дури и во овој момент на олеснување и среќа, срцето ме боли за оние чии најблиски нема да се вратат живи. Донесувањето на нивните тела дома е неопходно и чин на достоинство и оддава почит кон нив засекогаш“, рече Виткоф во објава на социјалната мрежа X.
Како што вели, тој е длабоко благодарен за непоколебливиот дух на американскиот претседател Доналд Трамп додавајќи дека овој ден не би бил можен без него.
Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, изјави дека денес е првата, клучна фаза во завршувањето на војната на Блискиот Исток, пренесува „Танјуг“.
„Сега мора да обезбедиме траен мир и безбедна иднина за целиот регион. Велика Британија обезбедува дополнителна хуманитарна помош за цивилите во Газа, а ние ќе ги предводиме напорите за забрзување на нејзината обнова“, рече Стармер на „Икс“.
Британскиот премиер е во Египет, каде што се одржува меѓународниот мировен самит за Газа, организиран од американскиот претседател, Доналд Трамп, и египетскиот претседател. Абдел Фатах ел-Сиси, во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик.
Фото: принтскрин