Европа
„Нулта пациентот“ во Италија заздравува од коронавирус, неговата бремена жена е пуштена од болница
„Нулта пациентот“ заболен од коронавирус во Италија се чувствува подобро, префлен е од интензивна нега во специјален оддел и почнал сам да дише, откако повеќе од две недели беше приклучен на респиратор. Како што јавуваат медиумите, станува збор за 38-годишниот Матиа (38), менаџер од Касалпустерленг, кој бил првиот регистриран пациент со коронавирус во Италија.
Тој беше пренесен во болница во градот Кодог во провинцијата Лоди на 20 февруари, во многу сериозна состојба, со треска и пневмонија. Истиот ден, во истата провинција се појавија уште 15 заболени лица. 250 лица веднаш биле ставени под надзор, а речиси 50.000 жители на подрачјето каде што живее Матија биле во карантин. 18 дена подоцна цела Италија е ставена во карантин поради ширењето на вирусот, а на 60 милиони луѓе им е дозволено да се движат само под ограничени услови. Бројот на починати од коронавирусот до вчера беше повеќе од 460 во Италија.
Неговата сопруга, која беше под лекарски надзор и која е во осмиот месец од бременоста, по неколку дена е пуштена дома, соопштија лекарите. Се претпоставуваше дека младиот менаџер со денови ги имал симптомите на болеста. Неколку дена пред хоспитализација тој бил кај неговиот лекар поради високата треска. Лекарот му дал антибиотици, а менаџерот, наводно, одбил да биде хоспитализиран во тоа време.
Кога неговата состојба се влошила, тој и неговата бремена сопруга дошле во болница. Бидејќи имал богат социјален и спортски живот, тие претпоставувале дека тој лесно го ширел вирусот во околината. Менаџерот не бил во Кина, извор на вирусната инфекција. Но, како што тој и неговата сопруга им кажале на лекарите, кон крајот на јануари и почетокот на февруари вечерале со еден пријател кој се вратил од Кина. Меѓутоа, нивниот пријател немал никакви симптоми.
Италијанските стручњаци велат дека е можно болеста да се раширила толку многу низ нивната земја поради постоење на еден или повеќе „супер распрскувачи“, односно луѓе кои го носат вирусот и лесно го пренесуваат на другите, а притоа немаат никакви симптоми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

