Топ
Објавени имињата на застреланите Македонци во Грција

39-годишен бизнисмен, сопственик на казино во Македонија е застреланиот од непознати лица на Халкидики со над 20 куршуми, а неговиот пријател е тешко ранет. Орхан Бајрами (роден 1984 година) е мртов, а Сеад Слезовиќ (1978) е повреден. Двајцата бизнисмени биле активни во Македонија, во казино и фабрика за пијалоци, пишуваат грчките медиуми.
Денеска напладне двајцата бизнисмени требало да се одјават од хотелот.
Инцидентот се случил во 3.30 часот наутро во Ханиоти, Халкидики кога, според очевидци, маскирани напаѓачи упаднале во изнајмената хотелска соба, истрелале повеќе од 20 куршуми и исчезнале.
Повредениот е згрижен во болница на Халкидики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кина со години се подготвува за царините на Трамп, вели уредник на „Економист“

Кина внимателно и долгорочно се подготвуваше за царините од Вашингтон и има низа краткорочни и долгорочни контрамерки, тврди Дејвид Рени, уредник за геополитика на „Економист“.
Во интервју за Би-би-си, Рени вели дека кинеските функционери и академици со кои неодамна разговарал во Пекинг, свесно очекувале трговски конфликт за време на претседателската кампања на Трамп.
„Кина сака да планира. Сакаат петгодишни планови. За нив е исклучително тешко да се справат со таков каприциозен, трансакциски американски претседател“, рече Рени.
„Тие се подготвуваа многу внимателно и многу долго. Имаа краткорочни подготовки специфични за САД, но и долгорочни мерки за да се обидат да ја преориентираат и ребалансираат целата нивна економија, да ја намалат зависноста од извозот“, додаде тој.
Еден од најјасните примери на кинеската стратегија е воведувањето царини за американската соја. Рени истакнува дека мерката директно влијае на гласачката база на Трамп во средниот запад на САД, додавајќи дека Пекинг може истовремено да набавува соја од Бразил и Аргентина.
„Логиката во Пекинг оди вака: Што можеме да направиме за да ги повредиме гласачите на Трамп, да го привлечеме неговото внимание и да го купиме на друго место?“, објасни Рени.
Од утрово стапија на сила кинеските царини од 84 отсто за американските стоки, како одговор на тарифите од 125 отсто што претходно ги наметна администрацијата на Трамп. Аналитичарите предупредуваат дека ваквиот развој на настаните може силно да го погоди американското земјоделство, но и да ги зголеми цените за американските потрошувачи.
Засега и двете страни не покажуваат знаци на попуштање. Пекинг вели дека „ќе се бори до крај“, додека слични пораки доаѓаат од Вашингтон.
Свет
Трамп: Ако пропаднат преговорите со Иран, ќе следи воена акција

Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли можноста за исклучување воена интервенција против Иран, додека високи американски претставници се подготвуваат за разговори со иранската страна за нуклеарната програма на Техеран, јавува агенцијата Анадолија.
Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, Трамп рече дека разговорите во сабота ќе го означат почетокот на, како што рече, „процес“.
Тој додаде дека нема временска рамка за тоа кога треба да завршат преговорите, но рече дека неговата одлука за тоа кога „ќе истече времето“ ќе се заснова на „чувства“.
„Имаме малку време, но немаме многу време, бидејќи нема да им дозволиме да имаат нуклеарно оружје. Сакам да напредуваат. Сакам Иран да биде одличен. Единственото нешто што не можат да го имаат е нуклеарното оружје. Тие го разбираат тоа“, рече Трамп.
„Ако тоа бара воена сила, ќе ја имаме војската. Израел очигледно ќе биде силно вклучен. Ќе биде предводник. Но, никој не управува со нас. Ние правиме што сакаме“, додаде тој.
Трамп веќе во понеделникот рече дека претстојните разговори во Оман, кои треба да започнат во сабота, се „во најдобар интерес на Иран“. Во таа прилика тој повторно се закани со воена акција доколку преговорите не успеат, предупредувајќи дека Техеран ќе биде „во голема опасност“ без договор.
Според Аксиос, повикувајќи се на два информирани извори, Стив Виткоф, специјалниот пратеник на Трамп, ќе ја предводи американската делегација во преговорите со Иран.
Свет
Америка тврди дека го почитува суверенитетот на Панама во Панамскиот канал

Соединетите Држави го почитуваат суверенитетот на Панама во Панамскиот канал, изјавија панамскиот министер Френк Абрего и американскиот министер Пит Хегсет по средбата во Панама Сити, најавувајќи продлабочување на соработката во областа на безбедноста.
„Дефинитивно го почитуваме суверенитетот на Панамците и Панамскиот канал“, рече американскиот министер во средата во разговор со новинарите непосредно пред да се качи на авионот назад за Вашингтон, изразувајќи благодарност до панамската влада што ги пречека американските војници на нејзина територија „преку ротациони заеднички вежби“.
Според него, каналот е клучен терен кој Панама ќе го штити во соработка со САД, а не со Кина.
Панамската влада силно ги негираше тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Кина го контролира каналот.
Министерот Абрего изјави за новинарите дека неговиот американски колега „на состанок зад затворени врати го признал суверенитетот на Панама во Панамскиот канал“.
Абрего додаде дека Панама нема да дозволи постојани воени бази на нејзина територија.
За време на посетата на Хегсет, САД и Панама издадоа заеднички изјави за продлабочување на соработката во областа на безбедноста. Но, верзијата на англиски јазик на Пентагон не содржи реченица од панамската верзија на шпански јазик за суверенитетот на Панама во каналот, забележува Ројтерс.
Во реченицата се вели дека „(американскиот) секретар Хегсет, исто така, го призна лидерството и неотуѓивиот суверенитет на Панама во Панамскиот канал и соседните области“, објави новинската агенција.
Хегсет е првиот американски министер за одбрана што ја посети Панама во последните децении. САД го изградија Панамскиот канал пред повеќе од сто години и го предадоа на Панама во 1999 година.
Трамп рече дека откажувањето од каналот е лош договор за САД.
Повеќе од 40 отсто од американскиот контејнерски сообраќај, вреден приближно 270 милијарди долари годишно, минува низ Панамскиот канал, а американските бродови сочинуваат повеќе од две третини од сообраќајот во вештачкиот воден пат што го поврзува Атлантикот со Пацификот.