Економија
Од денеска поевтин роаминг во регионот

Цените на роамингот во Западен Балкан ќе бидат намалени од девет на 35 проценти од денеска, во согласност со втората фаза од спроведувањето на регионалниот договор за роаминг.Цените ќе останат исти само во Црна Гора и во Босна и Херцеговина.
Имплементацијата на Договорот за намалување на роамингот во регионот, потпишан во април, започна на 1 јули 2019 година и дека од 1 јануари 2020 година ќе започне имплементацијата на втората фаза, која предвидува нови пониски трошоци.
Врз основа на регионалниот договор, од 1 јули 2019 година до 30 јуни 2021 година, се предвидува постепено намалување на цените на роамингот во неколку фази.
Од 1 јануари 2020 година, начинот на пресметување на надоместоците за роаминг се менува така што сите корисници ќе плаќаат за роаминг по принцип што подразбира збир на домашната цена (тековно платена во домашен сообраќај) и такси за роаминг.
Од 1 јули следната година, се планира дополнително да се намалат цените за роаминг за дојдовните повици и преносот на податоци за сите корисници. Од 1 јули 2021 година се планира целосно да се укинат такси за роаминг во регионот на Западен Балкан, односно за корисниците да плаќаат за услуги за роаминг под истите услови што важат за домашниот сообраќај.Регионалниот договор за роаминг беше потпишан во април годинава од претставниците на шест држави од Западен Балкан(Србија, Црна Гора, БиХ, Македонија, Албанија и Косово) на Вториот дигитален самит во Белград.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.
Економија
Халкбанк со Промо депозит по повод месецот на штедење

По повод октомври, месецот на штедењето, Халкбанк АД Скопје ја започна својата традиционална кампања посветена на промовирање на финансиската писменост и одговорно управување со личните финансии, преку воведување на нов Промо депозит создаден за да им овозможи на граѓаните поповолни услови за заштеда и дополнителна сигурност во време на економски предизвици.
Депозитот може да се отвори во сите филијали и експозитури на Халкбанк низ земјата. Минималниот износ на вложување е 30.000 денари или 500 евра, а каматната стапка е фиксна иизнесува 3% за штедење во денари, односно 2% за шедење во евра или долари, а рокот на орочување е 13 месеци. Штедењето во американски долари претставува новитет во понудата на банката, со што клиентите добиваат дополнителна можност за диверзификација на своите заштеди. Клиентите можат да изберат исплата на каматата на крајот на периодот на орочување или месечно, во зависност од своите потреби и планови.
За овој депозит не се дозволува делумно повлекување или дополнителни уплати пред истекот на рокот, што овозможува целосна стабилност и предвидливост на приносот.
„Халкбанк секоја година го одбележува mесецот на штедењето со посебни понуди и иницијативи, со цел да ги охрабриме граѓаните да размислуваат долгорочно и одговорно кон своите финансии. Штедењето не е само индивидуална придобивка, туку и темел на стабилен економски систем. Затоа, секоја година во овој период нудиме дополнителни стимули за штедачите. Преку Промо депозитот им овозможуваме на нашите клиенти сигурен, транспарентен и исплатлив начин да ги зголемат своите заштеди,“ велат од банката.
Со оваа кампања, Халкбанк уште еднаш ја демонстрира својата улога како одговорна и стабилна банка, која се грижи за финансиската благосостојба на своите клиенти и постојано нуди решенија што ги поддржуваат нивните цели и планови.
Халкбанк потсетува дека штедењето е првиот чекор кон финансиска сигурност и независност, а со внимателно управување со средствата, секој може да го изгради сопствениот пат кон стабилна иднина.
ПР
Економија
Божиновска со амбасадорот Сулстром: Шведска поддршка за енергетски реформи и инфраструктурни проекти во Македонија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Н.Е. г. Ола Сулстром.
На средбата беше потврдена досегашната добра соработка меѓу двете земји и изразен заеднички интерес за нејзино продлабочување, особено во делот на енергетиката и инфраструктурните проекти.
Министерката Божиновска го запозна амбасадорот Сулстром со клучните стратешки проекти на Министерството во областа на енергетската инфраструктура и енергетската ефикасност, како и со плановите за забрзување на енергетската транзиција. Таа посочи дека Македонија е посветена на модернизација на енергетскиот систем, зголемување на учеството на обновливите извори и подобрување на енергетската одржливост, што отвора можности за соработка со шведските партнери и компании.
Во фокусот на разговорот беше и можноста за искористување на Фондот за техничка документација (TDF), инструмент преку кој Шведска поддржува изработка на техничка документација за инфраструктурни и енергетски проекти. Досега македонски проекти не учествувале во овој фонд, а министерката Божиновска истакна дека учеството во TDF би можело да биде значајно за унапредување на проектите во областите на енергетската ефикасност, модернизацијата на инфраструктурата и паметните енергетски решенија со оглед на големото искуство на шведските компании и институции во овие области.
Тој истакна дека голем број шведски компании се заинтересирани за случувањата во енергетскиот сектор во Македонија и регионот, при што изрази желба да се поттикне поголема економска соработка – како преку присуство на шведски фирми во македонскиот енергетски пазар, така и преку настап на македонски компании на шведскиот пазар.
Амбасадорот Сулстром нагласи дека Шведска останува силен пријател и поддржувач на Македонија во процесот на евроинтеграциите и изрази надеж дека земјата ќе стане полноправна членка на Европската унија во најскоро време.
Средбата помина во конструктивна атмосфера, со заедничка определба за интензивирање на билатерарната соработка и иден развој на партнерства во полето на одржливата енергија и зелениот развој.