Македонија
Од утре жолта и портокалова фаза: не палете оган на отворено, не фрлајте цигари и догорчиња
Дирекцијата за заштита и спасување, согласно најавите на УХМР, ги информира граѓаните дека под влијание на многу топла воздушна маса во наредните денови ќе има пораст на температурите на воздухот. Особено топло ќе биде од четврток до средината на наредната недела, кога ќе биде активирана жолта фаза за високи температури, а во некои региони и портокалова фаза.
Дирекцијата за заштита и спасување покрај основните препораки за однесување во вакви услови, согласно Законот за заштита и спасување, презема и мерки и активности за превентивно делување за заштита од можни шумски пожари и други пожари на отворен простор.
Воедно, ДЗС апелира до lокалната самоуправа, граѓаните и посетителите на земјава да внимаваат кога се на отворено и:
-да не се фрлаат цигари и догорчиња;
-да не се фрла стаклен отпад и стаклени шишиња;
-да не се пали оган и скара на отворен простор и шума;
-да не се дозволува на децата да си играат со запалки, пламен и жар:
-да не се пали отпад и друг горлив материјал;
-да не се палат стрништа и меѓи
-имајте на ум дека почетниот пожар може да се изгасне со една чаша вода;
-ако се забележи пожар веднаш да се извести Територијалната противпожарна единица на бесплатниот телефонски број 193.
Во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, веќе се преземени превентивни мерки, од март донесена е забрана за движење во шума и шумско земјиште освен за вработените во ЈП „Национални шуми“. Забраната ќе трае до нејзиното отповикување.
ДЗС, со цел зачувување на шумите, од 15 јули до 15 август, на територијата на целата земја, ја спроведува Кампањата за заштита од пожари под мотото „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени – природата е наша одговорност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска-Давкова од Швајцарија: Тековната војна во Украина нè засега сите нас
Во обраќање на пленарната сесија на Самитот за мир во Украина, што викендов се одржува во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија, претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова истакнала дека тековната војна во Украина нè засега сите нас.
Како што соопшти Кабинетот на Силјановска-Давкова, таа оценила дека Украина е изложена на огромно човечко страдање и уништување, дека безбедносната архитектура на Европа е под закана, а на глобално ниво животите на милиони луѓе се засегнати од тешките економски последици.
„На најсилен можен начин ја осудуваме неиспровоцираната и неоправдана агресивна војна на Русија и ја поддржуваме Украина на најдобар начин, дури и повеќе од она што го дозволуваат нашите ограничени капацитети, ресурси“, истакнала претседателката Силјановска-Давкова.
Нашата држава, посочила претседателката, се приклучи кон Кримската платформа и целосно се усогласи со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, „а Украина беше главен приоритет за време на македонското претседавање со ОБСЕ во 2023 година“.
На хуманитарен план, како што рекла, „се приклучивме на меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и обезбедивме цивилна поддршка и итна помош за Украина и за украинските бегалци. Како поддршка на евроатлантските аспирации на Украина испративме воена опрема преку Пакетот за сеопфатна помош на НАТО“.
„Како суверена нација, само Украина може да одлучи за својата иднина. Од Украина зависи кога и како ќе ја ангажира Русија за евентуално усогласено решение. Праведниот мир мора да биде вкоренет во принципите на Повелбата на ОН за суверенитет и територијален интегритет. Обидот на Русија да стекне територија со сила е флагрантно кршење на овие основни начела. Кога опасните преседани остануваат неоспорени, тие можат да се претворат во толерирани практики. Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот, па дури и светскиот мир и безбедноста. Единствениот начин да се избегне ова е да се почитува Повелбата на ОН и принципите на меѓународното право, без исклучок“, нагласила претседателката Силјановска-Давкова, истакнувајќи дека воздржувањето од употреба на сила, почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите, и заштитата на човековите права и основните слободи, се цврсти принципи за кои не може да се преговара.
Претседателката Силјановска-Давкова во обраќањето денеска, наведува нејзиниот Кабинет, посочила дека „додека се развива рамката за иден мировен договор, ќе продолжиме да ја поддржуваме слободна, независна, демократска и суверена Украина“.
Македонија
Ангелов бара кружен тек кај „збунувачката“ крстосница со чести сообраќајки во населба Аеродром (ВИДЕО)
Центарот за управување со кризи, по барање на граѓани, поднесе иницијатива да се изгради кружен тек или итно да се постават семафори на крстосницата на бул. Васко Карангеловски во населбата Аеродром. За директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов оваа крстосница е „по малку збунувачка“ за учесниците во сообраќајот.
„Повеќемина граѓани со повик на единствениот број 112 во ЦУК, преку медиумите и преку социјалните мрежи побараа итно поставување на семафори или изградба на кружен тек на крстосницата на бул. Васко Карангелески, пред објектот на СВР Скопје. Иако има соодветна сигнализација крстосницата е збунувачка и предизвикува нејаснотии кај учесниците во сообраќајот околу првенството на премин поради што за краток период се случија четири сообраќајни несреќи“, изјави Ангелов.
Додава дека ЦУК поднесе иницијатива до Град Скопје и одржа една координативна средства на којашто е добиено известување дека се работи на планирање за поставување на семафори.
Македонија
Војната во Украина не е украински, туку европски и светски проблем, порача Силјановска-Давкова
Претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, пред почетокот на денешната пленарна сесија на Самитот за мир во Украина, што се одржува во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија, на која треба да има свое обраќање, изјавила дека една од најважните пораки е дека кон војната во Украина треба да се однесуваме не како кон украински проблем, туку како европски и светски проблем.
„Неподелени беа мислењата дека дијалогот е здрава работа, дека мировната конференција навистина и покрај многуте учесници дојде до единствени сознанија. Најчесто се повикувавме сите на Повелбата на Обединетите нации, најчесто се повикувавме сите на мировните решенија, изјавила претседателката Силјановска-Давкова“, соопштија од нејзиниот Кабинет.
Таа додала дека денеска учествувала и на панелот за безбедноста, односно опасноста по безбедноста за храната, од што и ние сме засегнати.
„Уште еден доказ дека она што се случува, односно војната, нè засега сите и дека сите треба да помогнеме за да се најде соломонско решение, тоа значи, праведно решение за Украина, решение што ќе гарантира постојан мир, јас велам Кантов вечен мир. Еднаш мислам дека е крајно време, наместо да велиме никогаш повеќе и повторно да се соочуваме со војна, да се потсетиме на ноторниот факт дека Европската заедница настана како мировен проект и дека Европската Унија, но и сите држави во светот, имаат обврска да го чуваат мирот“, нагласила Силјановска-Давкова.
Заблагодарувајќи се на Швајцарската Конфедерација за организирањето на Самитот, таа информирала дека остварила куси средби со претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, потпретседателката на Соединетите Американски Држави, Камала Харис, со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
На маргините на конференцијата, претседателката Силјановска-Давкова остварила средби со повеќе други светски лидери.