Топ
Отворена истрага: уапсен 27-годишен скопјанец за детска порнографија
Секторот за компјутерски криминал при МВР до обвинителството поднесе кривична пријава против Ф.М.(27) од Скопје, за сторено кривично дело „Производство и дистрибуција на детска порнографија“.
„По добиена информација од полицијата во Германија за спроведена истрага во врска со сексуална злоупотреба на деца и поседување и дистрибуција на материјал со сексуална злоупотреба на деца, како и дека станува збор за профил на апликацијата “Telegram”, со телефонски број и ИП адреса од Р.С.Македонија, од страна на Секторот за компјутерски криминал при МВР беа преземени мерки и активности за прибирање на докази при што по утврдување на корисникот“, соопшти МВР.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот, одреден период набавувал и поседувал фотографии и видео записи детска порнографија кои ги зачувал на својот мобилен телефон и таблет. Материјалите во форма на фотографии и видеа на кои биле прикажани очигледни полови дејствија со деца ги прибавувал од други лица преку различни интернет апликации, веб страници и форуми.
На 20 август бил извршен претрес во домот на Ф.М. (27) при што пронајдени и одземени се предмети за понатамошна постапка.
Ф.М. е лишен од слобода во Полициска станица Гази Баба.
Со цел негово обезбедување во текот на постапката, јавниот обвинител предложи да му бидат определени повеќе мерки на претпазливост, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, одземање на патна исправа, повремено јавување во Судот, но и забрана да користи какви било интернет апликации на мобилни телефони и други уреди, како и забрана да одржува какви било контакти со лицата со кои преку интернет профили во странство разменувал детска порнографија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски бара да одговараат и лицата кои земале плата а не оделе на работа, но и оние кои им потпишувале плата
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски разговарал со претставниците на финансиската полиција во врска со обвинувањата кои ги изнесе за незаконитости во работењето на повеќе јавни претпријатија. Ѓорѓиевски претходно објави дека се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
„Имавме тематска средба со претставници на финансиската полиција. Во интерес на истрагата нема да давам повеќе информации. Од она што досега го изнесов, околку 500 се отстранети од списоците оти земале плата а не оделе на работа, односно го прекршиле Законот за работни односи. Тоа не се лица кои ќе бидат заменети со нови, туку се случува оти вршеле злоупотреба во институциите. Тоа е околу 5 милиони евра оштета на годишно ниво“, рече Ѓорѓиевски во разговор за МРТ.
Ѓорѓиевски порача дека е потребна и командна одговорност, што подразбира да не бидат само отстранети лицата кои не оделе на работа, туку и да имаат одговорност оние којшто потпишувале за тоа да се случува и директорите.
Македонија
Фондацијата „Роми за Европа“ бара правда и системска акција по случајот со насилство врз 8-годишно дете во Македонија
Фондацијата „Роми за Европа“ со седиште во Брисел изрази длабока загриженост по објавено видео од Македонија на кое се гледаат возрасни луѓе кои мачат 8-годишно дете од ромската заедница и му се закануваат. Организацијата го оцени случајот како сериозно прекршување на човековите права и упати повик до институциите за целосна и независна истрага.
„Овој случај не се однесува само на страдањето на едно дете – тој покажува колку длабоко е дозволено расизмот против Ромите да пушта корени,“ изјави претседателот на фондацијата, Желјко Јовановиќ, нагласувајќи дека властите треба решително да дејствуваат за да обезбедат правда и да спречат повторување на вакви случаи.
Од фондацијата потсетуваат дека сторителите се ставени во куќен притвор, но додаваат дека потребна е поширока институционална реакција и системски мерки за превенција и санкционирање на дела од омраза.
Во соопштението се наведува дека според податоците на Агенцијата на Европската Унија за основни права (ФРА), 16 проценти од Ромите во Северна Македонија во изминатата година доживеале вознемирување поради нивното етничко потекло, а неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права укажуваат на недоволно ефикасни истраги во случаи на насилство кон Ромите.
Фондацијата потсетува дека Северна Македонија со потпишувањето на Познањската декларација за вклучување на Ромите и Западен Балкан презела обврска за конкретни мерки во борбата против дискриминацијата и омразата.
„Само преку решителна и принципиелна акција може да се обнови довербата и да се покаже вистинската посветеност на Северна Македонија кон европските вредности,“ се наведува во соопштението на фондацијата, која е подготвена да им помогне на институциите во земјата во овој процес.
Култура
Почина поетесата д-р Славица Свидерска
Друштвото на писателите на Македонија со длабока тага информира дека денеска, на 12.11.2025 година, почина поетесата Славица Свидерска (1984, Битола). Доктор на филолошки науки, лекторка по македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Факултетот за странски јазици во Тирана.
Зад себе остави богато поетско, есеистичко и научно творештво од областа на теорија на книжевноста. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија. Преведувана е на десетина јазици и добитничка е на повеќе поетски награди во земјава и во странство.
Авторка е на поетските книги „Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“ (2016), „Политики на стравот“ (2021), Golgotha Feminarum (2023), „Мистичен си свету“ (2025), научните монографии „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013), „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и книжевно-филозофските есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017).
Погребот ќе се одржи утре, 13.11. од 11 до 12 часот на Светонеделските гробишта во Битола.

