Свет
Пекинг повторно се затвора поради ширењето на вирусот на пазарите
Во Пекинг повторно се затвораат сите училишта и универзитети по појавата на нови случаи на Ковид-19 во главниот град. Властите во Пекинг им препорачаа на жителите да ги избегнуваат патувањата надвор од градот, а во населби што се погодени од коронавирусот целосно е забрането движењето. Секоја личност, која навистина мора да го напушти градот, ќе мора да има потврда дека нема коронавирус, а тестот не смее да биде постар од седум дена.
Неколку населби се затворени, а 30.000 ресторани се дезинфицирани во Пекинг кога коронавирусот повторно почна да се шири, јавува Си-ен-ен.
Здравствената комисија во Пекинг објави 27 нови случаи на Ковид-19, вкупно 106, пет дена по појавата на инфекцијата на пазар за храна.
Пазарот во југозападниот дел на Пекинг, област Фенгтаи, наречен Ксинфанди, зафаќа 277 хектари и има над 2.000 тезги, кои продаваат претежно овошје и зеленчук, но и месо и морска храна. Според официјалните податоци, околу 70 проценти од градскиот зеленчук и 10 проценти од свинското месо се испорачуваат од тој пазар.
Пазарот е затворен уште од саботата, но неговата големина и бројот на луѓе што го посетиле или работеле таму го зголемуваат ризикот од ширење на епидемијата. Властите пронајдоа речиси 200.000 луѓе, кои изминативе две недели биле на пазарот, преку посети од врата до врата и со повици. Тие ќе мора да останат дома на медицинско набудување и да бидат тестирани на коронавирус.
Областа Ксичегн објави дека седум станбени заедници околу пазарот ќе бидат затворени поради откривањето на коронавирусот во неделата. Слична забрана за движење и затворање следува и во други населени места околу пазарот. Ќе бидат затворени вкупно 29 станбени единици во градот.
Во Кина се потврдени 40 нови случаи на коронавирус, од нив 27 во Пекинг, соопштија здравствените власти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

