Култура
Петиција против пазарењето со културата – Не шуткајте нè во невидливи ќошиња
Интензивни реакции на социјалните мрежи по шпекулациите дека Владата преговара со Беса за ресорот култура. Оваа информација не ја потврдија офцијално од Владата, но владини извори велат дека коалицискиот партнер Беса го бара Министерството за култура притоа нудејќи некомпетентен кадар за челното место. Петицијата ја иницираат културните работници и ја адресираат до премиерот и пратениците на Собранието на Македонија.
„Ви се обраќаме од позиција на културни работници на кои културата им е професонална дејност со цел да ви посочиме дека вашите решенија за и во полето на културата, кои некои ги нарекуваат висока политика, односно стратешки чекори, за нас се само пазарење и ние не ги прифаќаме“, стои во петицијата.
Тие, меѓу другото, наведуваат големо „не“ за културата на продажба, „не“ за културата да ја води партија, туку професионалците од полето, „не“ за манипулација и партиски пресметки преку културата, „не“ за културата на (мртви) споменици, „не“ за култура на поделби, „не“ за култура за сите по малку, „не“ за култура на пoпулизам и бројки, без вредносен систем и квалитет, и уште многу други („не“) содржани во претходните забелешки.
„Ние сметаме дека културата мора да доживее реформи, да ја обнови јавната сфера, која е дерогирана и пропадната. Културата и институциите мора да бидат автономни. А уметноста ослободена или, како што вели социологот и теоретичар Растко Мочник, единствено слободно поле. На културата треба да ѝ сe овоможи развој преку стратешки планови и политики, развиени од професионалци во секторот. Само таков третман на културата може да вроди со резултати, долгорочни и стабилни, видливи во секоја пора на општествениот живот, признаени и прифатени од нејзините креaтори – уметниците и културните работници, заедницата и граѓаните“, стои во петицијата.
Според нив, стратешкиот развој бара анализа, долгорочен план и континуитет во неговото спроведување, а не брзи и професионално неиздржани промени што го нарушуваат процесот на развој на културата и продуцураат фиктивни ад хок резултати.
„Доста ни е од партиски заробени институции, од продажби, од симулации на автономија, од поткупувања и докусурувања, од шуткање на просторот за култура во некои маргинализирани невидливи ќошиња. Преку културата мора да развиваме, да инспирираме, да градиме дијалози, да се еманиципираме и образуваме. Мора долгорочно да градиме квалитетни културни системи и вредности, заедно, сите – и институционалната и вонинституционалната култура. Културата и уметноста имаат политички, економски, историски значења и градат општествени вредности, без кои една средина ќе биде бара, а не плодна почва за развој“, пишуваат тие.
Културните работници се залагаат за култура на квалитет, соработка, еманципација, дијалог, вклученост, различности и уште многу други нешта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

