Македонија
Повеќето патници со коронавирус што слетале во Финска биле иселеници со косовски пасоши
Во однос на информациите за летот од Скопје до Турку, Финска, каде што според финските власти од авион со 157 патници, по доброволното тестирање, 24 биле позитивни на коронавирусот, Министерството за здравство, по проверка на информациите со службите од скопскиот аеродром и граничната полиција, информира дека станува збор за патници, иселеници, што доаѓаат во Македонија или транзирираат преку Македонија од разни причини, а потоа се враќаат на работа во Западна Европа за што со дозвола за престој или државјанство од ЕУ не важат рестрикциите при влез и излез од земјата.
Според добиените податоци, во посочениот лет повеќето од патниците патувале со косовски пасош (95 лица), фински пасош (60 лица), а преостанатите се со македонски (2), албански, бугарски, естонски и шведски пасоши.
Министерството за здравство собира информации од финските власти за тоа кои се 24-те патници позитивни на вирусот, дали станува збор за неколку семејства или се одделни случаи, каков тип тестови им биле направени, а Институтот за јавно здравје веќе работи на проверка дали на некои од патниците им била издадена мерка самоизолација во нашата земја. По добивање на информациите за позитивните, веднаш ќе се пристапи кон утврдување на контактите што тие лица со позитивни тестови евентуално ги имале во нашата земја.
Министерството за здравство повторно апелира задолжително да се почитуваат сите мерки за лична заштита при секое патување и секаде каде што е пропишано, зголемена дезинфекција на раце и одржување дистанца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пакуван помфрит со поминат рок требало да се продава на македонскиот пазар, АХВ го спречи увозот и го уништи
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), спречија увоз на 20.500 килограми замрзнат компир – помфрит, со поминат рок на употреба, 23.05.2025 година. Компирот, увоз од Холандија, бил наменет за продажба на македонскиот пазар.
-Забранетите количини замрзнат компир, во присуство на инсепктори за храна од Агенцијата, нештетно се уништени во петокот на депонијата Дрисла, врз основа на изречената мерка забрана за увоз и издаденото решение со наредба за нештетно уништување, стои во соопштението на АХВ.
Оттаму додаваат и дека во рамки на вонреден инспекциски надзор кај оператор со храна од животинско потекло, АХВ заплени и нештетно уништи и 2.000 килограми небезбеден пилешки стек.
-Поради непочитување на процедурите на Добра хигиенска и Добра производствена пракса, на операторот со храна изречена му е мерка времена забрана за работа и парична казна од 4.400 евра во денарска противвредност, наведуваат од Агенцијата.
Додаваат дека во раки на редовните и вонредните инспекциски контроли на официјалните ветеринари и инспекторите за храна, АХВ продолжува со спроведување на мерки за заштита на граѓаните од консумирање на небезбедна храна со тоа и за заштита на нивното здравје, и за заштита на здравјето и благосостојбата на животните.
Македонија
Поради одрон во прекин патот Крива Паланка – Деве Баир
Од 05:05ч. сообраќајот на магистралниот пат А2 Крива Паланка – Деве Баир е во прекин поради одрон.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Македонија
Побегна еден од осудените за автобуската несреќа со 16 жртви кај Ласкарци
Судот и полицијата уште трагаат по Ремзи Мифтари, осуден на 10 години затвор за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 луѓе, а 30-ина беа повредени. Мифтари требало да оди во затвор уште во мај, а гостиварскиот суд пред четири дена испратил барање до МВР и СВР Тетово за присилно приведување на издржување на затворска казна.
Од СВР Тетово велат дека пред четири дена ја добиле наредбата, но гостиварската полиција не успеала да го најде дома, ниту на други локации и во тек се активности за негово откривање. Претходно, за Мифтари била изготвена покана да се јави на издржување на казната во затворот во Идризово, но откако не се јавил во наведениот рок, затворот го известил надлежниот гостиварски суд, по што е покрената постапка за присилно приведување.
Откако Апелација му ја зголеми казната од шест на десет години затвор, Мифтари бараше нејзино одлагање со лекарско уверение за операција на кила на тестиси, но одлагањето на казната одамна му е истечено.
Ремзи Мифтари, одговорниот за превоз во „Дурмо турс“, и сопственикот на фирмата, Дурмиш Белули, се осудени на по 10 години затвор за трагедијата кај Ласкарци кога неисправен автобус полн со патници излета од патот. Загинаа 16 патници, а повеќе од 30 беа повредени.
Возачот Маноил Трифуновски беше осуден на 14 години затвор, а тројца вработени во техничкиот сервис на „Дурмо турс“ добија една петгодишна и две седумгодишни затворски казни.

