Македонија
Пожар во Ѓорче Петров

Пожар избувна покрај мостот во скопската населба Ѓорче Петров, спроти бензинската пумпа на „Макпетрол“.
Од Центарот за управување со кризи јавуваат дека во близина има куќи, но пожарникарите се на терен и веќе интервенираат.
Наскоро повеќе информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова одржа предавање на Универзитетот АДА во Баку: Светот е во длабока криза и ова е последен повик за нешто да биде променето

Светот е во длабока криза и ова е последен повик за нешто да биде променето, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето предавање вчера попладне пред академската заедница и студентите на Универзитетот АДА во Баку, за време на нејзината официјална посета на Република Азербејџан.
Според претседателката, на 80-годишнината од создавањето на Обединетите Нации, светот се соочува со војната во Украина, закани од нестабилност и масовни миграции. Посочи дека сите носат одговорност за ваквите состојби, со чинење, но и со нечинење.
Рече дека го очекуваме почетокот на мировниот процес за Украина. Не можеме да речеме дека утре ќе заврши, но тој мора да започне што поскоро, рече претседателката, бидејќи како што истакна, не постои лош мир, како што не постои добра војна. Потребен е дијалог, наместо монолог во наоѓањето решенија.
Посочи дека Обединетите Нации треба да имаат примарна улога во изнаоѓањето мировни решенија, како во случајот со војната во Украина, особено во ситуација кога се нудат различни концепти и од страна на ЕУ и од страна на САД, но и кога нема единствена стратегија внатре во Европската Унија. Но, посочи и на потребата за реформи на светската организација, бидејќи како што рече, 80 години по нивното формирање, не можеме да останеме со нешто што е конструирано во 1945 година. Според неа, време е за жена генерален-секретар на ОН. Укажа на потребата да биде слушнат гласот и на помалите држави. Според претседателката, видовме многу лица на глобализацијата, но мора да бидеме свесни дека мултиполарниот свет е тука и постои. Според неа, моќните треба да бидат свесни за останатите и дека не може да наметнувате апсолутна моќ. Поредокот не може да биде базиран само на моќ, рече претседателката.
Во своето предавање претседателката ги опфати концептите на политиката, од Аристотел, преку Хана Аренд до Харолд Ласвел. Ги претстави и фрапантните укажувања за важноста на Евроазија и Украина за големите сили во тезите на Халфорд Мекиндер, Николас Спајкмен, Збигњев Бжежински и Хенри Кисинџер.
„Ако ме прашувате за кого бијат камбаните, ќе речам за човештвото и за потребата жените да ја преземат својата улога во процесот на носење одлуки, рече претседателката во своето предавање. Светот виден низ женски очи е поинаков“, посочи таа.
Пред присутните рече дека во македонскиот парламент, 42% од пратениците се жени, дека таа го зголеми бројот на жени во Кабинетот. Посочи дека нејзиниот аѓутант е жена и дека двете главни позиции во рамки на Агенцијата за разузнавање се водени од жени.
Ги истакна своите заложби за културна дипломатија и потсети на зборовите на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кој светот го разбирал како поле за културен натпревар меѓу народите.
Во контекст на односите со земјата домаќин, претседателката Сиљановска-Давкова гледа одлични можности за економска соработка и трговска размена. Сите сме свесни за ресурсите на Азербејџан и за нивната присутност на Балканот и во дел од земјите на Европската Унија, рече претседателката и изрази очекување за потпишување на декларација за пријателство и стратешко партнерство меѓу двете држави, што ќе придонесе за конкретизирање на соработката во повеќе сфери од заемен интерес.
На претседателката Сиљановска-Давкова и беше врачен почесен медал на универзитетот АДА, во знак на сеќавање за одржаното предавање.
Македонија
Милошоски: Борбата за реформи во судството ќе биде тешка

„Тоа што вчера СДСМ и ДУИ не гласаа за интерпелациите за Судскиот совет е доказ за тоа чии инсталации се овие петмина членови во РСС: Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Миљазим Мустафа и донаторката на СДСМ, Тања Чачарова“, пишува на социјалните мрежи, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
„Кого треба да заштитат ваквите инсталации во правосудството можеше да се види вчера во случајот тежок 168М€ со перење на пари преку канцероген мазут. Иако во оваа мега афера има и еден осомничен кој е во бегство (Васко Ковачевски, СДСМ), сепак синот на пратеникот од ДУИ, кој е еден од двајцата главни актери во случајот „канцероген мазут”, помина само со домашен притвор, откако обвинителот, по нечив налог, во последен момент го изменил предлогот.
Завчера пак, инсталациите на СДСМ и ДУИ во Судскиот совет, одлучиле дека најдобриот избор за в.д. претседател на Врховниот суд е Џемали Саити – судија кој има тесни врски со раководството на ДУИ.
Ова покажува дека борбата за реформи во правосудството ќе биде тешка, а инсталациите на СДСМ и ДУИ ќе направат се за да остане “како до сега”. Затоа потребна е и поддршка од јавноста, меѓу другото и за поддршка на интерпелацијата како уставен принцип преку кој Собранието им изгласа недоверба на 5те членови на Судскиот совет. После оваа недоверба треба да биде јасно дека тие лица веќе немаат демократски легитимитет да учествуваат во работата и во одлучувањето на РСС“, додава Милошоски.
Македонија
Герасимовски: Исчистена дивата депонија позади амбасадата на Грција, граѓаните да пријавуваат проблеми со јавна чистота

Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека општинските служби со механизација вчера ја исчистија дивата депонија која била лоцирана позади Амбасада на Република Грција. Тој потенцира дека чистењето на дивите депонии е приоритет на општина Центар, затоа што тие претставуваат закана за здравјето на граѓаните и животната средина.
„Во текот на вчерашниот ден ја исчистивме дивата депонија позади Амбасада на Република Грција. Со камион се подигна отпад од мебел, пластика и картони. Депониите се потенцијален извор на инфекции, загадување и опасност за жителите. Наша обврска е да реагираме брзо и ефикасно, грижата за чиста и здрава околина мора да биде заедничка одговорност на институциите и граѓаните“, изјави Герасимовски.
„Ова е третата исчистена депонија во последните неколку месеци. Претходно беа отстранети дивата депонија позади трговскиот центар Буњаковец, до катната гаража и дивата депонија во близина на трговскиот центар Ист Гејл Мол којашто беше под надлежност на Градот Скопје“, информира општина Центар.
„Ги повикувам сите граѓани да пријавуваат диви депонии и проблеми со јавната чистота со цел навремена интервенција на општинските служби. Пријавите можат да се достават на телефонските броеви: 076/350-767 и 02/3203-693. Нашите служби веднаш ќе излезат на терен за да ја подобриме хигиената во Центар. Само со заеднички напори можеме да создадеме поубаво и почисто место за живеење“, посочи Герасимовски,