Македонија
Претепаното момче во Аеродром има потрес на мозокот и скршеници
Лицето кое вчера беше брутално претепано во Аеродром добило скршеници во пределот на носот и вилицата, имало исеченици по глава бидејќи било удирано со пиштол, а последица на тоа бил и потрес на мозокот, тврдат извори за „Макфакс“ кои додаваат дека 27- годишното момче од Драчево било намерно чекано на локацијата и нападот бил со умисла. Неговата девојка, која на видеото се слуша како бара помош, била удрена со бокс.
„Нападот бил пред угостителски објект на улица Методија Шаторов Шарло, каде повеќе лица, од кои тројца пријавителот ги познал, физички ги нападнале В.Г.(27) и М.З.(21), и двајцата од Скопје. В.Г. во еден момент изгубил свест. Потоа, заедно со М.З. со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје“, се единствените информации во билтенот на МВР.
Од таму молчат дали напаѓачите се пронајдени и кратко одговорија „Настанот е објавен на веб-сајтот на МВР“. Блиски извори до претепаното момче велат дека пет лица учествувале во крвавата тепачка, од кои тројца тој ги познавал. Истите извори тврдат дека напаѓачите се поврзани со група дилери и лихвари.
Крвавата тепачка се случи вчера околу 22 часот во скопската населба Аеродром кај „Тобако 2“. Од видеото се гледа дека како четири лицаа бегаат од местото со автомобили. Очевидци велат дека слушнале викање и женски глас како бара помош.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Скопје и се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, СДСМ 19, Европски фронт 18, ВЛЕН 13, Левица 6 и ЗНАМ 5 мандати
Државната изборна комисија ги објави првичните резултати за парламентарните избори, а бројките ги потврдија пресметките на партиските штабови.
„На ниво на држава по мандати коалицијата ’Твоја Македонија’ со ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, коалиција ’За европска иднина’ со СДСМ 19 мандати. Коалицијата ’Европски фронт’ има 18 мандати, коалиција ВЛЕН 13 мандати, политичка партија Левица 6 мандати и ЗНАМ 5 мандати. Може да се случат некои мали промени да претрпат овие бројки. 94,05 е голем процент на обработени податоци, не верувам дека ќе има некои сериозни промени. Тоа ќе го знаеме веќе утре“, рече претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Вечерва почнаа да течат и рокови за приговори за парламентарните избори. Приговори за текот на гласањето може да се поднесат до 19 часот на десетти мај, а приговори за сумирање и утврдување резултати до 32.30 часот исто така на десетти мај.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја слави двојната победа, Мицкоски порача: Сите кои што мислеа дека можат да ја уништат Македонија, завршија на буниште
Членовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, заедно со своите симпатизери ја слават победата на претседателските и парламентарните избори на плоштадот во Скопје.
На насобраните луѓе им се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ја ослободивме Македонија. Сите тие кои што мислеа дека можат да ја ограбат Македонија, да ја понижат, да ја уништат, денеска завршија на буниште, а набргу ќе одговараат“, порача тој.
Мицкоски претходно ги повика граѓаните да дојдат на плоштадите низ сите градови на Македонија заедно да ја прослават победата.
Македонија
Ахмети: ДУИ е втора сила во државата
ДУИ е втора сила во државата, изјави вечерва лидерот на интегративците, Али Ахмети.
„Ние Европскиот фронт сме втора сила во државата. Ние всушност го имавме ВМРО-ДПМНЕ како главен противник, затоа што ВМРО многу му помогна на Влен, но разликата помеѓу Европскиот фронт и Влен е преку 30.000 гласови“, рече Ахмети.
Според официјалните податоци на ДИК, ДУИ освои 18 мандати, коалицијата Влен освои 13 мандати.
ВМРО-ДПМНЕ која извои убедлива победа со 59 пратеници и ќе го добие мандатот за формирање Влада, најави дека ќе почне преговори со Влен за коалицирање. Партискиот лидер, Христијан Мицкоски и вечерва повтори дека е време ДУИ да замине во опозиција.