Македонија
Приказната за „Отворен Балкан“ не е завршена – Рама и Ковачевски застанаа во одбрана на иницијативата
Приказната за „Отворен Балкан“ не е завршена. Резултатите се видливи. Ваков е заклучокот на премиерите на Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, за иницијативата, прашани од новинарите дали „Отворен Балкан“ го загрозил Берлинскиот процес, но и дали иницијативата е завршена.
„И 1.000 пати да се вратам назад, ‘Отворен Балкан’ ќе го основав повторно. Иницијативата е отворена за сите земји и воопшто не е иницијатива што исклучува“, рече Рама.
Премиерот беше прашан и зошто Албанија е дел од „Отворен Балкан“, без разлика на ставот на Косово и крвопролевањето во регионот.
„Какво зло има нашиот регион, освен придобивките“, праша Рама, а за братството или крвопролевањето – рече дека тоа е најпогрешниот пат на албанското размислување денес.
„Нема погрешен пат од тоа да се закотвиме во минатото и да се обвинуваме меѓусебно кој е вистински патриот. Патриот е тој што ја сака својата земја и не му сака зло на никој друг“, заклучи Рама.
Додаде дека целта е со срце да се поддржи Берлинскиот процес за да прерасне во функционален процес, како што се покажа „Отворен Балкан“. Берлинскиот процес, рече Рама, не застана поради „Отворен Балкан“, туку поради: не потпишувам, ќе се видиме утре, задутре. Берлинскиот процес е мост чии столбови треба да се зајакнат, додаде премиерот на Албанија.
Во одбрана на „Отворен Балкан“ на заедничката прес-конференција застана и премиерот Димитар Ковачевски. Дециден е дека иницијативата не е во спротивност со ниту една друга, а тоа најдобро се мери според резултатите.
„Надворешни трговската размена меѓу Македонија и Србија зголемена 50 отсто во однос на 2019 година. Помеѓу Албанија и Македонија во однос на истата година размената е зголемена 40 проценти, туристичката размена од Србија кон Македонија во однос на 2021 година 500 проценти. Македонија не можеше да замисли ниту, пак, Албанија или Србија да го имаат најголемиот штанд на саем за вино во Италија. Тоа е можно ако отидете заедно и тоа ќе ви го потврдат сите винарници. Тоа што во Берлинскиот процес се мачеа со години да го направат, признавање дипломи, движење со лични карти и слично, го направивме ние во ‘Отворен Балкан’, а ќе го направиме и во Берлинскиот процес“, рече Ковачевски.
Според него, секоја земја што не се приклучила кон „Отворен Балкан“ не можела да им овозможи на граѓаните зголемена трговија, мобилност и стандард.
Најлесно е да бидете политичар што зборува за минатото и ништо не ветувате. Тука не можете да погрешите, рече тој, коментирајќи дека тешко е да зборувате за иднината и да давате ветување за нешто што носи подобар живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

