Топ
Се преврте автобус со 16 војници на АРМ, пренесени се во болница со полесни повреди
Изутринава се случи сообраќајна незгода на патот Струмица – Штип кога се преврте автобус во кој се превезувале 16 војници на АРМ.
Како што соопштуваат од Генералштабот на Армијата, во несреќата странично се превртел автобусот на магистралниот пат Струмица – Штип, кој превезувал припадници на Армијата на Република Северна Македонија во рамките на организираниот превоз на релацијата Струмица – Радовиш – Штип – Петровец.
Во сообраќајната незгода, која се случила во 6.47 лчасот на осум километри пред Штип се превезувале 16 припадници на Армијата до своите работни места во горенаведените гарнизони, при што според првичните сознанија кај некои од нив има полесни повреди и во моментот сите припадници се превезени во болницата во Штип, каде што им се вршат лекарски прегледи со цел утврдување на нивната здравствена состојба.
Увид на место на настанот е извршен од страна на јавен обвинител и МВР, а на самото место излезе и тим од воената полиција.
„Припадниците на Армијата, по извршените прегледи, ќе постапуваат во согласност со дадените препораки од лекарите. Автобусот од типот „сетра“, во сопственост на фирмата „Тритерол“ од Струмица, која го реализира организираниот транспорт на наведената релација, има потврда за исполнување на потребните технички услови за превоз на патници“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Трагична несреќа во Конче: 46-годишен маж убиен за време на лов, бил застрелан во стомакот и раката
Едно лице вчера е убиено за време на лов во селото Габревци. Според информациите на МВР, уапсени се 11 лица за незаконит лов, а едно од лицата е осомничено и за убиство од небрежост.
На 10.11.2025 полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш ги лишија од слобода М.Б.(40) од село Габревци, Љ.М.(64) од село Долни Липовиќ, М.Д.(50) од село Габревци, В.Р.(52) од село Ракитец, М.М.(67) од село Ракитец, С.Р.(34) од село Ракитец, Г.Р.(69) од село Ракитец, В.И.(48) од село Ракитец, В.Н.(72) од село Долни Липовиќ, Г.К.(51) од село Дедино и Ј.Б.(47) од село Габревци, сите во општина Конче. Лишените од слобода, заедно со Ј.П.(46) од село Ракитец, општина Конче, на 10.11.2025 во атар на с. Габревци биле во лов на дивеч без да поседуваат дневни дозволи за лов.
За време на ловот, во еден момент М.Б. од својата ловечка пушка од небрежност испукал еден истрел и го погодил Ј.П. во пределот на стомакот и раката, по што М.Ј. и Љ.М. го качиле повредениот во патничко возило и тргнале кон Итна медицинска помош Радовиш. По пат ја известиле Итната медицинска помош и на место викано „Дедински Чаири”, атар на село Дедино, се сретнале со возилото на итната помош, каде што лекар констатирал смрт кај Ј.П..
Увид на местото изврши јавен обвинител, а телото на починатиот е дадено на обдукција.
Од сите инволвирани се одземени ловечки пушки и муниција, а ловечка пушка и муниција се одземени и при претрес на домот на М.Б., извршен со судска наредба.
М.Б., Љ.М. и Г.К. се задржани во Полициската станица Радовиш, а во текот на денот против М.Б. ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „убиство од небрежност“.
Додека, по целосно документирање на случајот против сите лица ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „незаконит лов“.
Македонија
(Видео) Кузеска: Власта да ги објави бројките и да го разреши Трипуновски
Откако скандалот кој го најави СДСМ се потврди, денес е време власта да почне да одговара на клучните прашања кои ги засегаат и земјоделците и јавноста, но и време е конечно да видиме оставка од Трипуновски кој три дена се крие од јавноста, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Јавноста и граѓаните треба да знаат дека ИПАРД средствата кои се сега суспендирани се доделуваат како 50% грант за земјоделците, а 50% тие сами обезбедуваат за секој проект. Ова значи дека сите оние кои досега веќе започнале со инвестицијата веќе вложиле свои средства или средства од кредити за половина инвестиција а сега остантите 50% заради корупцијата на власта нема да им бидат исплатени и не се знае кога и дали ќе бидат воопшто исплатени. Прво прашање што мора да го одговори итно власта е: Колку корисници веќе имаат потпишано договори и имаат вложено свои средства? Што ќе преземе владата за да ги заштити овие луѓе бидејќи е јасно дека заради корупцијата на луѓето на Трипуновски и Мицкокси тие се оштетени“, рече Кузеска.
Таа кажа дека ваквите суспензии може да траат две до три години, а прашање е дали воопшто ИПАРД програмата по ваков скандал ќе продолжи.
„СДСМ бара итно објавување на сите документи и извештаи поврзани со програмата IPARD, бројот на корисници и извештај за ризикот кој е настанат како резултат на корупцијата и итна оставка од Трипуновски и сите назначени лица кои биле дел од овој процес кои може да бидат компромитирани“, рече Кузеска.
Македонија
Изнервирана затоа што бебето плачело, го удирала со раце и тупаници по устата и носот: Обвинителството поведе истрага против мајката
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишна жена со престојувалиште во ‘Ржаничино, која е осомничена за запуштање и малтретирање дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.
На 9 ноември во вечерните часови таа грубо ја запоставила својата мајчинска должност за грижа и воспитување, го запуштила и малтретирала својот 6-месечен син. Изнервирана затоа што бебето плачело, почнала да го удира со рацете и со тупаници по устата и носот нанесувајќи му повреди со крвавење.
Повредите кај детето ги забележал сопственикот на домот во кој престојувала осомничената и уште една пријателка, кои го однеле детето на лекарски преглед.
На Клиничкиот центар на детето му биле констатирани повеќе нови повреди – контузии и хематоми, но и постари подливи од претходни повреди. Во исто време констатирано е дека осомничената од раѓањето не го однела детето ниту на лекарски преглед ниту на вакцинација, меѓу другото, со цел да прикрие дека физички го удира бебето.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничената, пред сè, поради опасноста од бегство. Детето жртва за кое не е познат другиот родител е згрижено преку Центарот за социјални работи.

