Македонија
Скандал: директорката на училиштето каде учеше Вања избркала хрватски новинари – „Избришете ги сите фотографии!“
Директорката на „Јохан Хајнрих Песталоци“, училиштето каде што учеше Вања, не им дозволила на хрватски репортери да фотографираат и ги избркала од училиштето, иако медиумската екипа имала дозвола од градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, пишува „Јутарњи лист“.
„Ова училиште нема никаква врска со она што се случи и ве молиме напуштете го училиштето. Избришете ги сите фотографии“, им рекла авторитативно таа.
Фотографиите, како што вели порталот, ги избришале и пробале да ѝ објаснат дека во училиштето се дојдени по препорака на градоначалникот.
„Порано бев ученик во ова училиште, четири години бев директор, а претходно држев часови за ученици од прво до четврто одделение“, им рекла таа.
Новинарите успеале да поразговараат и со наставничката на Вања, која веднаш ја извести мајката за исчезнувањето.
„Тоа е само мој начин на работа. Едноставно, кога видов дека не е на час, се јавив да видам зошто ја нема“, накратко им рекла таа.
Нејзините очи биле полни со солзи.
„Ова училиште го посетуваат 863 ученици и е подарок од швајцарскиот народ за Македонија откако претходното училиште беше срушено на истото место во разорниот земјотрес на 12 јули 1963 година. Во знак на благодарност го носи името на Јохан Хајнрих. Песталоци, швајцарски педагог и образовен реформатор“, пишува „Јутарњи лист“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

