Топ
Сомнителна пратка во британската амбасада во Скопје, коверт со епрувети дадени на вештачење

Коверт со две епрувети пристигнал во британската амбасада во Скопје, а бил адресиран до еден од вработените.
Според информациите на МВР, вчера во 14:05 часот во полиција, од британската амбасада било пријавено дека по пошта пристигнал сомнителен пакет, адресиран за вработен кој не очекувал никаква пратка.
При преземени мерки, полициски службеници од Единицата за откривање експлозивни средства и направи утврдиле дека не станува збор за експлозивна направа, туку во пратката имало бел коверт, во кој имало две епрувети, кои биле одземени ѝдадени на вештачење.
Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со протестен марш на семејствата, ќе се бара правда за настраданите во пожарот во Кочани

Во Кочани за денеска во 12:05 часот е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април.
Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер. Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица.
Топ
Три лица загинаа, а осум се повредени во сообраќајната несреќа на патниот правец Кичево-Гостивар

Три лица загинаа, а осум се повредени во сообраќајната несреќа што вчера вечерта се случи на патниот правец Кичево-Гостивар. Од 21 часот сообраќајот на овој патен правец беше во прекин.
Според информациите на портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, вчера во 20:55 часот, во ОВР Кичево е пријавено дека се случила сообраќајна незгода на патот Кичево-Гостивар, помеѓу Кичево и селото Трапчин Дол во која учествувале три возила.
Според првичните информации три лица починале како последица на добиените повреди, а осум лица се повредени. Дел од нив се пренесени во болницата во Кичево, дел во Клинички центар Мајка Тереза во Скопје.
Македонија
Велигден е тука, но нашите деца ги нема, не прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, пишува Златкова, мајка на загинато момче во дискотеката во Кочани

Велигден е тука, но нашите деца ги нема. Престанаа да им чукаат срцата, ги закопавме во црната земја. Некои биле заљубени, некои требаше да се заљубат, некои од нив имаа и сопруги и сопрузи и мали дечиња и штотуку родени дечиња. Кој сега ќе се радува на нив? Некои од децата не дочекаа полнолетство, некои не дочекаа матура, некои требаше да дипломираат и да станат академски граѓани кои ќе работат чесно како што ги учеле нивните семејства.
Не прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, напиша на социјалните мрежи Јулија Златкова, мајка на момче кое загина во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Какво е чувството да знаеш дека детето никогаш повеќе нема да се врати дома, да ги видиш неговите убави очи, неговата убава насмевка, да го слушнеш како се смее , да дочекаш уште еден Велигден со него. Еве ќе ви кажеме, живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца, да им раскажеме колку тие фалат дома .
Ќе се навршат уште малку 40 дена, 40 црни денови без нашите сонца, без нашите анѓели чии кревети од тој ден останаа празни, а нашите срца и души засекогаш завиени во црнило.
Времето поминува, но правдата како што се чини нема изгледи дека ќе излезе на виделина.
Зарем немате ни малку човечност во вашите души?
Зарем толку сте ефтини што со пари се купувате?Ееееј вие убијци на нашите деца!
Зарем нашите невини деца требаше да ја платат цената на вашата алчност и корумпираност? Со нивните штотуку расцветани животи? Вие сте дно на дното! Никој од нас не растел дете да стане херој, туку да стане човек. Вие ги убивте нашите деца! Ееее убијци, многу од вас се исто толку виновни како и сопственикот на Пулс-монструм, почнувајќи од премиер, министри, разно- разни инспектори, па се до обичните полицајци, сите сте гледале, ама не сте виделе ништо! При очи сте биле слепи! Срамота! Бедни сте, ситни души кои за проклети пари на душа ќе ги носите нашите убиени и многу повредени деца! На душа. Само што вие душа немате.
Затоа Ви кажуваме, дека ние родителите и блиските на нашите починати чеда, ќе продолжиме да излегуваме и понатаму, секоја сабота и се надеваме дека на крај нема да останеме единствено само ние, доколку на нашите сограѓани им досади да не следат нас, кои ја бараме правдата за нашите убиени чеда. Но ќе продолжиме да излегуваме и да ги потсетуваме челниците на оваа скапана држава дека сме тука и до наш последен здив ќе ја бараме правдата за сите починати и повредените на 16.март , бидејќи ние си ги закопавме нашите деца поради нечии грешки, поради тоа што некој бил корумпиран, поради тоа што ја злоупотребил својата функција за пари, за корист за личен бенефит.
Правдата мора да излезе на виделина!
Нашите безгрешни деца мора да бидат осветени!
Ние родителите, нема да дозволиме виновниците да останат неказнети!!!!!!!!
Нашите деца ги нема повеќе, но можеби поради нашиот бунт кон овој трул државен систем ќе се смени нешто, па идните генерации ќе имаат побезбедна иднина од нашите деца.
Вечна Ви слава Ангели, утре наместо да кршиме јајца дома како секоја година претходно, ќе ви донесеме јајца на Вашите вечни почивалишта“, пишува Златкова.