Македонија
Стручните лица порачуваат: Физичкото дистанцирање не треба да го попречи социјалното дружење
На каналите на социјалните мрежи за комуникација со граѓаните на теми за справување со последиците од коронавирусот, беше стримувана информативната видеосесија која ја опфати темата за психолошката поддршка за граѓаните на кои тоа им е потребно, а која произлегува од мерките за спречување на ширењето на КОВИД-19.

За време на видеосесијата беа посочени телефонските броеви, и другите канали за комуникација за психолошка поддршка, што Министерството за здравство во соработка со Клиниката за психијатрија ги отворија за бесплатна психолошка помош и тоа за различни структури и групи на граѓани.
На телефонските броеви одговараат стручни лица, психијатри од Клиниката за психијатрија, и тоа:
На 078/378-766 можат да се јавуваат трудниците и родилките на кои им е потребна психолошка поддршка можат да се советуваат во периодот од 09.00 до 16.00 часот;
На бројот 072/919-009 лицата со нарушување на слухот, говорот и гласот можат да се советуваат во периодот од 09.00 до 16.00, како и преку апликацијата „Viber“;
На бројот 070/291-657 е овозможена психолошка поддршка за лица во самоизолација на албански јазик во периодот од 09.00 до 16.00 часот.
За потсетување, функционираат и останатите телефонски броеви за психолошка поддршка, како бројот 072/912-676 за родителите на деца на предучилишна возраст и училишна возраст.
Возрасните лица, кои се во самоизолација, можат да се јавуваат за психолошка поддршка на 072/919-009.
Бројот 078/378-728 е определен за тинејџерите и нивните родители, а бројот 070/291-574 за родители на деца со попреченост.
Грижата за психичкото здравје е исто толку важно како и грижата за физичкото здравје во услови на пандемија со коронавирус, истакнаа гостите во видеосесијата Иво Куновски, психолог и Маријана Станковиќ, специјалист по медицинска психологија и когнитивно бихевиорален консултант, кои се дел од тимот на Клиниката за психијатрија кои работат на овие линии за прва психолошка помош.
Маријана Станковиќ, специјалист по медицинска психологија и когнитивно бихевиорален консултант, истакна дека стравот, вознемиреноста, и напнатоста се разбирливи од стравот од непознатото и дека одговорот на оваа ситуација може да биде дневна доза за оптимизам, разговори, како и да се користат интернетот и другите медиумски извори каде што можат да се најдат содржини, како и содржини кои нудат одредени едукативни содржини на кои граѓаните можат да им се посветат во периодите на изолација.
Стручните лица од Клиниката за психијатрија кои работат на поддршката на граѓаните потенцираат дека физичката изолација не треба да се идентификува со социјалното дистанцирање, и дека и во оваа ситуација треба да се пронајдат креативни и практични решенија за дружење и за лесни физички активности во моментите кога воведените мерки го дозволуваат тоа, или за време на забраната за движење кога социјалното дружење може и треба да се остварува преку интернет и социјалните мрежи.
Во текот на информативната видеосесија беше нагласено дека од оваа ситуација треба да се изведат позитивните придобивки како што е поголемото квалитетно време кое во оваа ситуација им се отвори како можност на членовите на семејствата кое треба да се искористи за меѓусебна поддршка и охрабрување кое како резултати може да ги зацврсти врските и довербата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.
Македонија
Димитриевски на првиот работен ден во новиот мандат: Најавувам над 30 инфраструктурни проекти во наредниот период
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на првиот работен ден од неговиот трет мандат изврши увид на повеќе теренски активности при што најави над 30 инфораструктурни проекти во периодот што следи.
„Почитувани сограѓани, прв работен ден по изборот, овде сме во населба Зелен рид, на улица Васко Карангелески. Улица којашто носи име на еден наш великан, вистински патриот. Сакам од овде да најавам дека во следниот период започнува реализација на повеќе од 30 инфраструктурни проекти во различни делови на градот, со акцент на централното градско подрачје, големите урбани населби и урбано-руралниот дел во градот.
Продолжуваме заедно, ви благодарам на довербата. Куманово заслужува континуитет, вчера тоа го доби, го потврди. А моја обврска е да продолжиме заедно да го градиме Куманово”, истакна Димитриевски .
Македонија
(Видео) ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори
Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори.
Гласањето како што информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, било спроведено во 32 општини и во градот Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи.
„Бројот на избирачки места беше 1.777, сите избирачки места се обработени со оригинални записници, вкупниот број на избирачи кои гласале е 424.923 лица, вкупниот процент на избирачи кои гласале е 41,93 отсто“.
Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња, како што кажа Кондарко е 404.464 гласачки ливчиња а 23.930 се неважечки.
Во десетте скопски општини гласале вкупно 474.304 избирачи, а на територијата на градот 167.575. Од нив, како што посочи претседателот на ДИК, 157.047 гласачки ливчиња биле важечки, а 10.528 неважечки.
За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 лица или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 отсто од гласачите.
Кондарко посочи дека од денеска од 16:30 часот течат роковите за евентуални приговори на првичните официјални резултати. Приговорите може да се поднесат директно до ДИК во рок од 48 часа, поднесување на приговори по електронска пошта не е дозволено.
Ако до среда до истекот на рокот, не бидат поднесени приговори, за местата каде нема приговори ДИК ќе ги објави конечните резултати во четврток. Доколку има приговори, Комисијата има рок од 72 часа за одлучување, а потоа следи 24-часовен рок за поднесување тужби до Управниот суд. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување, што значи дека конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до понеделник или вторник.

