Македонија
Топлото време ги зголемува ризиците од труење со храна – избегнувајте мајонез, кечап, крем салати и сосови
Новото најавено зголемување на дневните температури, кои според метеоролозите во одредени региони ќе надминат 40 степени Целзиусови, ги зголемуваат ризиците од појава на труење со храна. Високите температури претставуваат потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив навреме не се преземат мерки за обезбедување доволни количини безбедна храна и вода за пиење.
За да се спречи појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, да се купува храна од проверени места каде има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди, се вели во препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство за консумирање безбедна храна и за заштита на животните во услови на високи температури.
Во нив се додава да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна, како што е месото, млекото јајцата и друго, да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач.
Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат.
По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња и другите животни кои може да дојдат во контакт со неа. Ако се јаде во угостителските објекти, водете сметка тоа да се оператори со храна кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем-салати, сосови, преливи и слично.
Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја! Порастот на температурите претставува стрес за секое животно кој може да се манифестира со намалено консумирање храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст, укажуваат од Агенцијата.
Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Исходот може да биде фатален и во двата случаи доколку не се дејствува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури дополнително придонесува за влошување на состојбата.
Забрзано и плитко дишење, несигурен од – (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза, се дел од симптомите по кои може да се препознаат топлотниот удар и сончаницата кај животните за што е неопходна итна реакција.
Во вакви услови животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на свеж воздух, да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо.
Сопствениците на домашни миленици да не ги оставаат животните во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, а треба да водат сметка и да избегнуваат нивни прошетки во текот на најтоплиот период од денот. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода и престој во проветрени простории.
На фармите да се внимава на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните треба да бидат заштитени од директните дејства на сончевите зрачења, односно на испустите потребно е да има натстрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински или вечерни часови, периоди кога треба да се организира и транспортот на животните или тие да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, од денес до сабота престојува во официјална посета на земјата.
Бегај денеска ќе се сретне со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, каде што ќе му биде приреден свечен прием. Предвидено е албанскиот претседател заедно со делегацијата да ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посети на Тетово, за која информираше градоначалникот Билал Касами во објава на Фејсбук.
„Во сабота, Тетово има чест да го пречека претседателот на Албанија. Оваа посета е посебен момент за зајакнување на соработката и братските врски меѓу Албанците во регионот!“, напиша Касами во објавата.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

