Свет
Трамп воведе забрана од 30 дена за сите летови од Европа кон САД
Американскиот претседател Доналд Трамп во телевизиското обраќање до нацијата соопшти дека САД ќе ги суспендираат сите летови од Европа за Соединетите Американски Држави на 30 дена со цел во да се спречи ширењето на пандемијата со коронавирусот во светот. Одредбата ги опфаќа сите европски земји, освен Велика Британија, а не важи за американските граѓани и оние со постојан престој во САД.
Трамп не прецизираше кои земји се вклучени во рестрикцијата, но во соопштението објавено потоа се наведува дека станува збор за 26 земји од шенген-зоната. Тој оцени дека во Европа имало многу случаи на ковид-19, бидејќи владите не презеле мерки какви што презема Вашингтон. Одвоено Стејт департментот им препорача на Американците да не патуваат во странство. Во САД досега има околу 1.200 заразени со вирусот, додека 37 починале.
„Европската Унија не успеа да воведе такви мерки на претпазливост (како САД) и да забрани патувања од Кина и другите жешки точки“, изјави Трамп.
Тој додаде дека тоа било причина за појавување на нови жаришта на болеста во САД. Истовремено, Пентагон најави забрана за патувања на својот воен и цивилен персонал во рок од 30 денови, а кон такви дестинации како Јужна Кореја, Италија, Иран и Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Смената на режимот во Иран би била најдобрата работа
Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа изјави дека смената на режимот во Иран „би била најдобрата работа што може да се случи“.
– Само зборуваат и зборуваат и зборуваат веќе 47 години – наведе Трамп.
Тој потврди и дека најголемиот носач на авиони во светот „УСС Џералд Р. Форд“ од Карипско Море ќе биде распореден на Блиски Исток. Тој ќе се придружи на носачот „УСС Абрахам Линколн“ и на бродовите разорувачи со наведувачки ракети, кои во регионот се повеќе од две недели.
– Ќе ни треба во случај да не постигнеме договор. Многу брзо заминува – истакна Трамп.
Но, Трамп навести дека е можен договор со Иран и избегнување на воена операција.
– Ако ни дадат прав договор, нема да го сториме тоа – посочи Трамп.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos

