Свет
Трамп негативен на Ковид-19

Претседателот на САД, Доналд Трамп, е негативен на Ковид-19 и не е заразен за другите луѓе, изјави Шон Конли, докторот на американскиот претседател, десет дена по објавата дека Трамп и првата сопруга Меланија се болни од коронавирус.
Во меморандумот објавен од Белата куќа неколку часа пред почетокот на собирот во градот Санфорд во американската држава Флорида, со што американскиот претседател ја продолжува кампањата за претседателските избори, Конли рече дека тестот на лабораториите „Абот“ покажал негативен резултат.
Конли истакна дека негативниот тест и другите клинички и лабораториски податоци покажуваат, како што рече, отсуство на видливи копии на вирусот. Лекарот на претседателот исто така рече дека медицинскиот тим, врз основа на упатствата на Американскиот центар за контрола и превенција на болестите, утврдил дека претседателот не е заразен за другите луѓе.
На 2 октомври претседателот на САД објави дека тој и Меланија Трамп се позитивни на коронавирусот. Вечерта Трамп беше префрлен на болничко лекување во воената болница „Волтер Рид“ во предградието на Вашингтон, а првата дама го продолжи третманот дома. Епилогот од нејзиното лекување засега е непознат во јавноста.
Трамп го заврши болничкото лекување минатиот понеделник кога се врати во Белата куќа, а во саботата првпат се појави во јавноста на митинг во Белата куќа организиран за поддршка на полицајци и други службеници што го спроведуваат законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Вашингтон го тужеше Трамп: „Присилната окупација мора да престане“

Вашингтон ја тужеше администрацијата на Доналд Трамп поради распоредувањето на Националната гарда во главниот град на САД.
Тужбата, поднесена во федералниот суд, бара од судот да издаде наредба со која се забранува распоредувањето на Националната гарда. Одлуката за распоредување се смета за неуставна и крши неколку федерални закони.
„Вооружените војници не треба да ги надгледуваат американските граѓани на американска почва“, напиша главниот обвинител на округот Колумбија, Брајан Швалб, на X.
„Присилната воена окупација на Вашингтон е кршење на нашата локална автономија и основни слободи. Мора да престане“, додаде тој.
Откако се врати во Белата куќа во јануари, американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да ја прошири улогата на војската на американска територија, што критичарите го сметаат за опасно проширување на извршната власт што може да поттикне тензии меѓу војската и обичните граѓани.
Свет
Зеленски првпат коментираше за поканата на Путин да дојде на состанок во Москва

Како одговор на поканата на рускиот претседател Владимир Путин да дојде во Москва на разговори, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека поканата всушност значи дека Путин не сака состанок.
Зборувајќи на прес-конференција во Париз по состанокот на група земји подготвени да обезбедат воена помош на Украина, Зеленски рече дека бил информиран за повикот на Путин од американски посредници.
„Нашите американски партнери ни кажаа дека Путин ме поканил во Москва и верувам дека со поканата всушност сака да ја избегне средбата“, додаде тој.
Сепак, тој рече дека самиот факт што се појави прашањето за организирање состанок не е лош.
„Русија почна да зборува за состанок, што не е лошо. Но, досега не ја гледаме нивната желба да се стави крај на војната“, рече Зеленски.
Зборувајќи на прес-конференција во Пекинг вчера, рускиот претседател Путин рече дека би бил подготвен да се сретне со Зеленски ако ја посети Москва.
„Никогаш не сум го одбил тоа, под услов состанокот да е добро подготвен и да може да доведе до некои позитивни потенцијални исходи. Американскиот претседател Доналд Трамп ме праша дали можам да организирам таков состанок. Одговорив да, можно е. На крајот на краиштата, ако Зеленски е подготвен, нека дојде во Москва, тогаш состанокот ќе се одржи“, рече Путин.
Свет
26 земји се подготвени да испратат војници во Украина

Дваесет и шест земји се подготвени да учествуваат во меѓународните сили како дел од безбедносните гаранции за Украина во случај на мировен договор со Русија, објави денес францускиот претседател Емануел Макрон по самитот на сојузничките земји во Киев.
„Како форма на зајакнување на мирот, 26 земји се обврзаа да распоредат војници во Украина, каде што ќе бидат присутни на копно, на море или во воздух“, изјави Макрон пред новинарите, стоејќи до украинскиот претседател Володимир Зеленски во Елисејската палата во Париз.
Францускиот претседател не кажа кои земји ги понудија своите војници, но се знае дека Франција и Велика Британија се меѓу нив.
„Вечерњи лист“ објави дека Хрватска не е меѓу земјите кои се подготвени да испратат војници во Украина, ниту пак се Италија и Полска.
Макрон рече дека тој, колегите европски лидери и украинскиот претседател имале телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп по нивниот самит и дека придонесот на САД кон планираните гаранции ќе биде финализиран во наредните денови.