Свет
Чарлс Купермен ќе го наследи Болтон

Вршител на должноста американски советник за национална безбедност ќе биде Чарлс Купермен, поранешен заменик на Џон Болтон, јави Би-би-си повикувајќи се на извори во Белата куќа.
Откако американскиот претседател Доналд Трамп објави на „Твитер“ дека го разреши советникот за национална безбедност, се појавија информации дека Трамп и Болтон имале несогласувања за голем број предизвици во надворешната политика, од Авганистан до Иран. Многумина во Белата куќа не беа задоволни од однесувањето на Болтон.
„Болтон работи одделно од остатокот од Белата куќа“, изјави поранешен функционер на администрацијата на Трамп. Според него, Болтон не присуствувал на состаноците и ги следел своите иницијативи.
Американскиот претседател Доналд Трамп и досегашниот советник за национална безбедност, Џон Болтон, имале жестока караница за планот на Трамп да ги прими лидерите на талибанците во Кемп Дејвид, пренесе Си-ен-ен повикувајќи се на два неименувани извора запознаени со настаните.
Американската телевизија наведува дека не е јасно дали расправата се водела преку телефон или во живо. Си-ен-ен пренесува и наводи и на неименувани извори од опкружувањето на Трамп дека Болтон со месеци иритирал луѓе не само поради различните политички ставови, туку и поради начинот на однесување.
Изворот прецизирал дека Болтон ги иритирал функционерите во Белата куќа со своите тактики, стилот и храбрите настапи. На пример, како што рекол изворот, Болтон патувал со многу членови од персоналот, понекогаш не со истиот авион како претседателот и се однесувал речиси како да е државен секретар. Си-ен-ен додава дека Болтон не бил во судир само со Мајк Помпео, туку дека не го поднесувал ниту шефот на персоналот на Белата куќа, Мик Малвени.
Многу од функционерите, како што наведува телевизијата, за оставката на Болтон дознале од твитот на Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран и Израел наскоро ќе постигнат мировен договор, објави американскиот претседател Доналд Трамп

Иран и Израел наскоро ќе постигнат мировен договор, објави американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
– Иран и Израел треба да постигнат договор – и ќе постигнат. Исто како што успеав Индија и Пакистан да постигнат договор, напиша Трамп.
Тој додава дека во моментов се одржуваат многу разговори и состаноци.
– Наскоро ќе имаме МИР меѓу Израел и Иран! Работам напорно и никогаш не ги добивам заслугите, но тоа е во ред, луѓето разбираат. Да го направиме блискиот Исток повторно голем“, нагласува Трамп.
Свет
Ердоган повика на итно запирање на конфликтот меѓу Израел и Иран

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска телефонски разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп, и повикал на „итна акција“ за да се спречи конфликтот меѓу Израел и Иран да го запали целиот регион.
– Претседателот Ердоган ја поздрави денешната изјава на претседателот Трамп за решавање на конфликтот меѓу Израел и Иран и ја нагласи потребата од итно дејствување за да се спречи катастрофа што би можела да го запали целиот регион, се вели во соопштението од кабинетот на турскиот претседател.
За време на телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери, втор во последните 24 часа, „претседателот Ердоган потврди дека спиралата на насилство предизвикана од израелските напади врз Иран предизвика непоправлива економска и цивилна штета на двете страни и дека оваа опасна ескалација треба да се запре“, се додава во соопштението.
Ердоган, исто така, му соопштил на Трамп дека може да ја преземе улогата на медијатор за решавање на конфликтот, откако претходно и рускиот претседател Владимир Путин изрази потготвеност за посредување меѓу Израел и Иран.
Свет
Иран попладнево започна нов бран ракетни напади врз цели во Израел

Иран попладнево започна нов бран ракетни напади врз цели во Израел, објави иранската новинска агенција Фарс. Во Тел Авив и други локации во централен Израел се објавени тревоги, а сирените се огласија и на северот од земјата.
Израелското Министерство за национална безбедност ги повика граѓаните да останат блиску до засолништата и бункерите.
Секое движење на јавни места треба да се сведе на минимум и да се избегнуваат јавни собири. Овие наредби ќе останат во сила додека не се објави ново известување, соопштија израелските власти.
Ова е прв пат од почетокот на конфликтот Иран да изврши дневен напад врз Израел. Досега сите напади беа изведувани во текот на ноќта