Топ
40-годишникот им дал да пијат лекови во комбинација со алкохол – детали за случајот со децата кои завршија на Токсикологија
Скопското обвинителство донесе наредба за спроведување истрага против 40-годишниот Д.Ѓ. во чијашто куќа беа најдени четворицата малолетници, од кои две во бесознание.
Тој бил во пријателска врска со роднина на едното од децата кое понекогаш престојувало таму, па така тинејџерите во текот на вечерта, пред два дена, пристигнале на наведената адреса.
Од Обвинителството велат дека Д.Ѓ. е осомничен за тешки дела против здравјето на луѓето и и за излагање на опасност, оти на децата им дал да пијат алкохол во комбинација со лекови и им го нарушил здравјето.
„Осомничениот, додека на 11 јули во вечерните часови во неговиот дом престојувале четири деца на возраст од 15 до 17 години, ставил во промет лекови што се штетни за здравјето. Тој заедно со децата почнал да конзумира алкохол и во текот на вечерта извадил лекови “тергатол 200 мг”, “запира 10 мг” и “дијазепам 5 мг” кои ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил на малолетниците да ги испијат за подобро расположение. Им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохолот, иако бил свесен за штетната последица што може да настапи и со тоа тешко им го нарушил здравјето“, соопшти Обвинителството.
Во врска со повредите на децата, од СВР Скопје информираа дека малолетните лица се довеле до полусвесна состојба, со неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентарот во дневната соба во која престојувале, и при тоа се здобиле со повреди.
Следниот ден попладнето полициски службеници ги пронашле оштетените деца во неговиот дом во бессознание и со сериозно влошена здравствена состојба. Со возило на итна медицинска помош биле префрлени на Клиниката за токсикологија, каде што кај децата било констатирано високо присуство на бензодијазепини во крвта.
Осомничениот претходно станал и во дневната соба ги затекнал децата како лежат во сериозно влошена здравствена состојба која претходно самиот ја предизвикал, но и покрај тоа ги оставил без помош.
Надлежниот јавен обвинител оцени дека се исполнети законските основи и до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
МВР претходно соопшти дека полицијата стигнала по пријава на 40-годишникот дека бил нападнат од малолетно лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Трамп: Луѓето што ги гледавме како идни лидери на Иран се мртви
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека постои голема неизвесност околу иднината на Иран по ескалацијата на војната на Блискиот Исток.
Тој рече дека дел од иранските функционери кои САД ги сметале за можни идни лидери на земјата загинале во заедничката американско-израелска кампања на бомбардирање.
„Повеќето луѓе што ги имавме на ум се мртви“, изјави Трамп на почетокот на средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Белата куќа. Тој додаде дека е можно новиот лидер на Иран да биде исто толку лош како врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи, кој беше убиен во напад минатата сабота.
Коментарите на Трамп доаѓаат во момент кога израелските сили заземаат нови подрачја во јужен Либан и наредија евакуација на најмалку 80 либански села.
Израелската војска соопшти дека мерката има за цел да ги заштити израелските погранични градови од ракетните напади на Хезболах, милиција поддржана од Иран. Во исто време, израелски борбени авиони извршија силни воздушни напади во близина на Бејрут и иранскиот главен град Техеран.
САД ги затворија своите амбасади во Саудиска Арабија и Кувајт откако беа погодени со дронови и ги повикаа американските државјани веднаш да напуштат 14 земји на Блискиот Исток.
Иранската државна телевизија ИРИБ објави дека ирански дрон погодил област во близина на американскиот конзулат во Дубаи. Канцеларијата за медиуми на владата на Дубаи соопшти дека пожарот предизвикан од инцидентот со дрон е ставен под контрола и дека нема повредени.
Трамп изјави дека одлуката за воена операција била донесена за да се спречи можен напад од Иран.
„Преговаравме со тие луѓе, а моето мислење беше дека ќе нападнат први“, рече тој.
На прашањето дали Израел го притиснал да започне воена акција, Трамп одговори: „Ако ништо друго, можеби јас го поттикнав Израел“.
Американски официјални лица запознаени со разузнавачките податоци, сепак, велат дека Трамп ја преувеличил непосредноста на заканата од Иран.
Во официјалното известување испратено до Конгресот, Трамп наведе дека нападите врз Иран се изведуваат за заштита на САД, американските сили на Блискиот Исток и за одбрана на регионалните сојузници, меѓу кои и Израел.
Тој нагласи дека не постои временска рамка за завршување на воените операции.
„Иако САД се стремат кон брз и траен мир, во овој момент не е можно да се предвиди целосниот обем и траење на воените операции“, напиша Трамп во писмо до сенаторот Чарлс Е. Грасли, привремен претседател на Сенатот.
Од саботата, кога САД и Израел започнаа напад врз Иран, а Техеран возврати со стотици дронови и ракети, загинале повеќе од 800 луѓе, најмногу во Иран, но и на други места на Блискиот Исток.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.

