Топ
Kривичнa пријавa против напаѓачите на лекарот во тетовската болница

Полицијата поднесе кривична пријава против двајца браќа во врска со физичкиот напад на лекарот во тетовската болница.
Од МВР соопштија дека е поднесена пријава против А.Б.(43) од тетовска Голема Речица и неговиот брат Л.Б.(40 ) од Тетово, поради основи на сомнение дека сториле кривично дело „насилство“.
Тие се сомничат дека вчера околу 9 часот и 30 минути, на Одделението за кожни болести во тетовската клиничка болница, физички го нападнале лекарот А.Е.( 45 ).
Двајцата осомничнени се приведени во Полициската станица Тетово. Во текот на денешниот ден со соодветен поднесок тие ќе бидат изведени пред судија во Основниот суд Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) На 400 невработени Владата ќе им плати по 24.000 денари ако се пријават за помош во гасењето пожари, најдобрите ќе добијат и вработување

Владата ги повика невработените да се пријават на огласи што ќе ги распишат општините за помош во справувањето со пожарите. Ќе добиваат месечен надоместок од 24.000 денари, а оние кои ќе се покажат како најдобри, ќе добијат и вработувања. Повикот до невработените е нова мерка на Владата опфатена со оперативниот план за вработување која првпат се спроведува кај нас.
„Наместо да дејствуваме несинхронизирано и откако штетите се веќе направени, денес започнуваме со процес на навремена подготовка превенција и мобилизација на ресурси и луѓе. Мерката предвидува вклучување на 400 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за извршување јавни работи со фокус на создавање на противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари. Секој ангажиран учесник ќе добива месечна финансиска поддршка од 24.000 денари. Сите оние кои ќе покажат особен интерес, посветеност и висока подготвеност, по завршување на оваа мерка ќе бидат трајно ангажирани преку нивно вработување во институциите кои се надлежни за оваа работа“, рече портпаролката на Владата, Марија Митева.
Владата смета дека мерката има двоен ефект, еколошки и социјален оти обезбедува приход и вклучување на невработени лица, а во исто време се гради функционален и одржлив систем за заштита од пожари. Предвидено е да бидат опфатени 14 општини, односно сите општини во кои има противпожарни единици со исклучок на Кочани и Струмица кои не аплицирале за мерката.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов ги повика сите граѓани, „особено оние кои бараат работа со малку поголем предизвик и кои истовремено сакаат да помогнат на татковината да се справи со пожарите кои претстојат“, да се пријават на огласите кои ќе бидат распишани од страна на општините. Ангелов кажа дека лицата кои ќе се пријават во Скопје на огласите на Општина Кисела Вода, се очекува бројката да биде меѓу 80 и 100, ќе бидат распоредени во тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување. Предвидено е да поминат кратка обука, а потоа од најдобрите ќе бидат одбрани неколкумина за новата специјална единица за заштита и спасување.
„Можеби сумата на прв поглед не е примамлива, но сите оние кои ќе се пријават на овој оглас, на територијата на целата држава и ќе покажат особен успех во справувањето со пожарите ќе имаат можност професионално да бидат вработени во некоја од територијалните противпожарни единици низ државата. За жал две општини не аплицираа на овој оглас, Општините Кочани и Струмица не аплицираа, и бројките кои беа предвидени за овие две општини најверојатно ќе бидат распоредени во останатите општини. Оние кои ќе се јават на овој оглас треба да бидат психофизички здрави, верувам дека сите тоа го знаат, но дополнително ќе утврдиме на кој начин ќе биде проверена и физичката подготвеност на овие луѓе бидејќи луѓе кои имаат хронични болести срцеви заболувања, луѓе кои имаат проблем со шеќерот не е добро да се пријавуваат на вакви огласи“, рече директорот Ангелов.
Извршната директорка на ЗЕЛС, Дивна Перишиќ, сметадека со овие вработувања малку ќе се доближиме до неопходната бројка пожарникари, која е над 1500. Сега, според податоците кои ЗЕЛС ги прибира Општините, бројката на вработени пожарникари е меѓу 700 и 800 во цела држава. Со 400 нови вработувања ќе се реши половина од проблемот, а другата половина Перишиќ најави дека ќе се обидат да ја решат со изработка на нов закон за заштита од пожари во чија изработка ќе учествува и ЗЕЛС.
Македонија
Владата со бесплатни инвитро процедури и даночни олеснувања во борба против падот на наталитетот

Пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека Македонија повеќе од една деценија се соочува со сериозна фертилитетна рецесија и ја истакна неопходноста од итни чекори, но и промена на начинот на размислување во општеството.
Како дел од предвидените владини мерки, Стаменкоска-Трајкоска зборуваше за шест бесплатни инвитро процедури, стимулација за прво и второ дете, како и даночни олеснувања за мајките.
„Мајката ќе биде ослободена од персонален данок на доход една година за првородено дете, две години за второ родено дете, а за трето и повеќе – секоја година, сè додека првото дете не стане полнолетно“, прецизираше таа.
Рече дека Македонија повеќе од деценија е во фертилитетна рецесија. Повеќе од една деценија бројот на новородени рапидно се намалува, а само за последните четири години Македонија изгуби еден град со големина на Кавадарци.
Според официјалните податоци што ги презентираше, ако во 2016 година биле родени 23.000 деца, во 2024 година бројката паднала на 16.737. Тоа значи дека за само осум години, годишниот број на новородени се намалил за над 9.000.
„Во 2024 година родени се 16.737 дечиња, а починале 20.187 луѓе. Тоа значи дека починале 3.500 луѓе повеќе отколку што се родиле“, предупреди Стаменкоска Трајкоска, додавајќи дека демографските трендови се алармантни.
Таа потсети дека во 1950 година стапката на фертилитет била 5.7, додека денес е 1.5 – што е четири пати помалку. За да постои природен прираст, потребно е стапката на фертилитет да биде најмалку 2.1.
На крајот, подвлече дека политичарите и институциите имаат обврска да ја отворат јавната дебата и да ги поддржат сите напори за зголемување на наталитетот.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера пресече дека нема да се воведе данок за немажените и неженетите, откако претходно ја спомена таа можност, како насока на која Владата размислува. Вчера целосно ја отфрли ваквата идеја, коментирајќи дека целта била да се поттикне јавна дебата.
Македонија
Апелот на Министерството за здравство да не се снимаат пациентите од дискотеката во Кочани е загрижувачки, смета Хелсиншкиот комитет

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува сериозна загриженост поради апелот на Министерството за здравство до медиумите да не ги фотографираат или снимаат пациентите што беа повредени во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, а кои се лекуваат во болницата во Кочани.
Од Хелсиншкиот комитет наведуваат дека иако заштитата на приватноста и достоинството на пациентите е од голема важност, состојбата и условите во кои се лекуваат жртвите од оваа трагедија претставува највисок јавен интерес.
„Апелите што имаат цел да ограничат медиумско покривање во вакви ситуации се проблематични и претставуваат потенцијален обид за институционално ограничување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Со тоа Министерството ризикува да воспостави штетна пракса, која може да води кон цензура и самоволни ограничувања на медиумската работа. Ја потсетуваме институцијата дека новинарската етика и професионалните стандарди се предмет на саморегулација и дека за овие прашања се надлежни телата, како Советот за етика во медиумите и Судот на честа при Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ)“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Од таму наведуваат дека ќлен 16 од Уставот на Република Северна Македонија гарантира слобода на изразување, како и забрана на цензурата.
Според нив, вакви инструкции што доаѓаат од државни институции, дури и кога се претставени како апели, може да се сфатат како форма на институционален притисок.
Хелсиншкиот комитет апелира до Министерството за здравство да се воздржи од наметнување неформални ограничувања врз работата на медиумите и ги охрабрува новинарите да продолжат да известуваат професионално, етички и со чувствителност кон жртвите, но и со јасно чувство за одговорност кон јавниот интерес.