Топ
Mладо момче од Кичево загина во сообраќајка, пет лица се тешко повредени

Дваесет и тригодишно момче од Кичево (М.К.) загина во сообраќајна несреќа што се случи синоќа околу 23 часот на патот Македонски Брод-Кичево.
Кичевчанецот кој управувал „бмв“ се судрил со 40-годишен сограѓанин кој возел „ауди“, а во несреќата учествувале и четири паркирани возила, информираа од МВР.
Смртта на 23-годишникот е констатирана во болницата во Кичево.
Со тешки телесни повреди се здобил вториот возач на аудито, како и уште четири сопатници во двете возила. Кај две лица констатирани се полесни.
Извршен бил увид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителниот акт за пожарот во Кочани – одобрен во целост

Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје во целост го одобри обвинението поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од Судот наведуваат дека со оглед дека станува збор за обвинителен акт во кој што има 37 обвинети лица кои што имаат 33 бранители, било исклучително тешко да се достави обвинителниот акт до сите нив, особено од причина што на голем дел од нив мерките притвор биле заменети, па во моментот на достава Претседателот на советот за оцена имал потешкотии да може да утврди кој обвинет каква мерка има и каде се наоѓа за да може да се изврши доставата.
„Особено потешкотии имаше и доставата на делот од бранителите на кои и покрај тоа што им се најавуваше терминот на достава, сепак истите не беа пронајдени во нивните канцеларии. Доставата ја вршевме преку судските служби на Основен кривичен суд Скопје, сѐ со цел да не се одолговлечи истото доколку оди по редовна пошта. Дополнителен проблем при доставата се јави поради тоа што во првично поднесениот обвинителен акт, пред истиот да биде доуреден, во диспозитивот не беа целосно наведени личните податоци на обвинетите од страна на Основниот суд Кочани, како и решенијата за адресите каде се издржува мерката куќен притвор, што дополнително мораше да го проверува Кривичниот суд“, соопштија од Судот.
Македонија
Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети, кој е на црната листа на САД

Судскиот совет го разреши судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, од функцијата. Инаку, тој во декември минатата година, заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, беше ставен на црната листа на САД за примање мито и одолговлекување судски предмети поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК.
Судскиот совет по спроведена постапка за утврдување на одговорност на судијата Енвер Беџети, на 26.05.2025 година донесе одлука за негово разрешување.
Беџети ја обжали одлуката, а Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на денешната седница донесе одлука со која го потврди решението на Судскиот совет од мај годинава.
Груби и Беџети лани беа ставени на црната листа на САД.
„Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нагризува јавната доверба. Никој не е над законот, а одговорноста е од суштинско значење за напредок“, рече тогаш американската амбасадорка, Ангела Агелер.
Македонија
Вработени во Општина Гази Баба организирале создавање и палење депонии, објави Арсовска

Општината Гази Баба и нејзиното јавно претпријатие се затекнати во незаконски активности кои директно ја загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните. Возила со општински ознаки, кои само пред една недела добија нови црвени таблици заради разграничување од комерцијалните, се затекнати во создавање диви депонии на подрачјето на Јурумлери, објави градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска.
Наместо да ја извршат својата законска обврска и да го исчистат просторот на Вардариште, додава таа, одговорните во општината самите организирале создавање на депонии.
Дополнително, вели Арсовска, дел од нив биле и запалени, со што е предизвикано сериозно загадување.
„Оваа практика претставува сериозен доказ дека дел од општинските структури активно учествуваат во создавањето и ширењето на диви депонии, а потоа свесно ги палат, со што предизвикуваат голема штета по животната средина и по квалитетот на воздухот. Потсетуваме дека ваквите активности се во директна спротивност со законските обврски на општините и претставуваат кривични дела за кои мора да следи соодветна одговорност“, вели Арсовска.
Таа ги повика сите надлежни органи веднаш да постапат согласно законските надлежности.