Регион
Објавени видеа снимени неколку секунди по судирот на возови во Грција
Патниците што ја преживеаја тешката несреќа, во која синоќа се судрија два воза во близина на грчкиот град Лариса, изјавија дека слушнале силен удар, а потоа вагоните почнале да се превртуваат.
Како што рекоа, околу нив имало пламени јазици од сите страни, а некои се спасиле скокајќи од вагонот од голема височина.
„Слушнавме силен тресок. Следните 10 секунди беа пекол. Се вртевме околу вагонот додека не застана и потоа паднавме. Настана паника. Кабли, пожар… Пожарот почна веднаш. Беше секаде околу нас“, изјави Стергиос Миненис, кој ја преживеа несреќата, за „Ројтерс“.
Друг патник вели дека првите 10-15 секунди по несреќата биле хорор. И ја наведува истата ужасна ситуација – превртување, пожар, закачени кабли, скршени прозорци, заробени луѓе, кои врескаат.
Ангелос Цијамурас за медиумите изјави дека судирот се чувствувал како земјотрес.
„Тоа беше многу силен судир. Ова е ужасна ноќ. Тешко е да се опише местото на несреќата“.
Снимките направени веднаш по судирот покажуваат густ чад, кој излегува од превртените вагони. Најмалку еден беше целосно смачкан.
На местото на настанот излегле околу 150 пожарникари и 40 екипи за итна помош, соопшти противпожарната служба, а пренесува Би-би-си. Спасувачите објавија дека поради сериозноста на судирот, условите за спасување биле многу тешки.
„Никогаш во животот не сум видел вакво нешто. Тоа е трагедија. Пет часа по судирот, сè уште наоѓаме тела“, изјави за AFP исцрпен спасувач, кој излегол од смачканиот воз.
Волонтерот што дошол да им помогне на спасувачите рекол дека сите ќе останат на местото на трагедијата додека не го најдат и последниот човек во возот.
Според последните податоци, најмалку 32 лица загинаа, а 85 се повредени. Возот сообраќал на линијата Атина – Солун, а причината за несреќата засега не е позната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Следната година е многу важна, ќе ја одреди судбината на Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја оцени 2026 година како исклучително важна година поради изборите што ќе „ја одредат судбината на Србија“ и големите инвестиции планирани како дел од подготовките за изложбата ЕКСПО 2027, пишува „n1info.rs“.
Вучиќ изрази надеж дека граѓаните ќе „судат според постапките“ кога гласаат и ќе дадат поддршка на Српската напредна партија.
„Донесете ја одлуката со ладна глава и рационално. Погледнете што е направено, разгледајте ги плановите, програмите и луѓето кои се способни да спроведат нешто или не се способни“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека за него е важно што знае колку народот дал за да ја спаси земјата.
„Знам колку разбравте дека вашата земја е загрозена и колку сакавте да помогнете, и затоа сум ви бескрајно благодарен. Благодарение на вас и вашата сила, успеавме да се бориме, успеавме да ја одбраниме и зачуваме Србија и сега само гледаме како Србија може да продолжи напред. Ви благодарам за вашата поддршка“, рече тој.
Фото: депозитфотос
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos

