Македонија
Захариева: Како би се чувствувале по 75 години од војната некој да ве нарече фашист
Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, вели дека најголемиот проблем во односите со Северна Македонија се недоволните гаранции за спроведување на договорот за добрососедство. Во интервју за германскиот јавен сервис АРД, Захариева вели дека Софија нема да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори сè додека тие гаранции не станат дел од преговарачката рамка.
„Бугарија сака да биде признаена историската вистина. Тоа не беше проблем за Северна Македонија кога се потпишуваше договорот – тоа заедничко минато што треба да нè поврзува, а не да нè разделува. Ние не велиме: Овие херои се само наши. Ние велиме: Тоа се заеднички херои. Тоа е модерно размислување на две земји, особено доколку сакаат да бидат заедно во ЕУ. Не може секојпат кога некој во Северна Македонија јавно ќе каже дека некој од овие херои бил Бугарин, да биде јавно линчуван. 30 години по падот на тоталитарните режими, тоталитарните методи и пристапи не смеат да бидат државна политика“, вели Захариева за АРД.
Втората забелешка што ја изнесува Захариева се однесува на историските учебници во Северна Македонија. „Во учебниците во Северна Македонија Бугарите сè уште се претставени како фашисти. Како би се чувствувале вие, кога 75 години по војната, некој сè уште би ве претставувал како фашист?“, вели таа.
Понатаму во разговорот, бугарската министерка ја образложува потребата од вметнување на бугарските барања во преговарачката рамка, иако тоа беше одбиено од актуелниот претседавач со ЕУ, Германија.
„Не сакаме да ја блокираме Северна Македонија. Но, доколку во преговарачката рамка немаме никакви гаранции, невозможно е да се каже ‘да’. Сеедно дали од сегашното или идното претседателство на ЕУ, доколку нашите предлози бидат ставени за дискусија во преговарачката рамка, Бугарија ќе биде во можност да каже ‘да’“, додава таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Македонија
Вработена во МВР наплатувала по 15.000 евра за лажно посредување за социјален стан
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.
На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.
Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.
Македонија
Отфрлени се тужбите на „Европскиот фронт“ од Уставниот суд, ќе има прегласување
До доцна во ноќта Уставниот суд расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата „Европски фронт“. Од судот соопштија за шест одлуки според кои тужбите се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување на конкретни избирачки места.
„Европскиот фронт“ имаше поднесено седум тужби на одлуките на ДИК, а Управниот суд беше ограничен со роковите за нивно решавање.
Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.
Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.