Македонија
Мицкоски: Главен фокус в година ќе бидат капиталните инвестиции, целта е да дојдеме до раст на БДП над 4 отсто проценти
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница во Собранието за пратенички прашања истакна дека в година главен фокус на Владата ќе бидат капиталните инвестиции и се очекува тие да бидат главен двигател во економијата, исто како што и оваа година од 3 % дојдовме на 3,4 % од БДП, а за третиот квартал се очекува и повеќе имајќи предвид дека само во градежништвото има раст поголем од 34 % во реализација и на капиталните и на приватните инвестиции во третиот квартал.
„Нашата цел е да дојдеме до реален раст на БДП од 4 % и повеќе во услови на ваква криза, особено во автомобилската индустрија и во услови на геостратешките политички консталации не само во Европа туку и пошироко и да дојдеме до номинален раст на БДП помеѓу 7,5 и 8 %, што веќе го правиме, бидејќи во првиот квартал беше 7,5 %, во вториот 7,8 %. Ова е она што претставува наша амбиција во ова време и да ги намалиме во тие услови и јавниот и државниот долг“, посочи Мицкоски.
Додаде дека ако ги гледаме 2025 година и додадената вредност, која ја креираме во економијата, и споредиме со задолжувањата, ќе видиме дека тоа е во однос 2 спрема 1 и затоа кога ќе прашаат каков е јавниот и државниот долг, одговорот е дека едниот е речиси 2,8 %, а другиот 3,5 % помал од оној што бил на крајот на 2024 година.
„Ако споредите со седум години СДСМ и ДУИ, ќе видите дека поголемо е задолжувањето отколку креираната додадена вредност во економијата. Тоа значи дека се задолжувале, а не создавале вредност, а ние во оваа година двојно повеќе создаваме вредност отколку што ја задолжуваме државата. Оваа влада домаќински се грижи за народните пари и може да ги планира соодветно, распределува, да инвестира соодветно за граѓаните да почувствуваат дека нешто добро се случува во државата во споредба со тоа како беше по принципот ‘како до сега’. И никогаш нема да ја научат лекцијата, им ги слушам пораките, дискусиите овде и сфаќам дека не сакаат да ја научат. Си кажуваат една работа, комотно им е тука во парламентот, убаво им е на малкумина, без да водат сметка како е во државата и каква одговорност имаат што седат во овие пратенички клупи“, потенцира Мицкоски.
Нагласи дека главна цел на Владата е да ги реализира капиталните инвестиции и во таа насока посочи дека сите капитални инвестиции, кои се дел од општините и ги финансира централната влада, „а вкупниот обем на тие, ако на тоа се додадат и програмите преку министерствата, доаѓаме до бројка од половина милијарда евра, додавајќи дека дел е досега завршен, дел во фаза на реализација, овие капитални инвестиции очекувам дека од 75 до 80 % ќе бидат готови.
Очекувам да бидеме при крај со автопатот Кичево – Охрид, во завршна фаза или најдоцна до првиот квартал во 2027 година, имаме мал проблем со проектирањето на косините, кои треба да ја стабилизираат земјата за да не ни се свлече за да нема инциденти, на линија се со потпретседателот на Владата и жестоки сме со компанијата, која си игра мајтап со трпението, и мислам дека треба да престанат да си играат мајтап и да го заврши она што требаше во февруари, па се продолжи до октомври и сега пак бара рок до февруари. Жестоко работиме на реализација на коридорите 8 и 10 д, очекувам да имаме огромен напредок, очекувам завршување на реализацијата на капиталните во други сегменти и почнување нови“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради превенција од свлечиште на Водно надлежните на итна координација
Поради превенција за активирање на свлечиштето на падините на Водно, во близина на улиците „Белградска“ и „Партенија Зографски“, и реалната опасност од негово понатамошно ширење, по иницијатива на Општина Центар беше одржан итен координативен состанок на кој учествуваа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, претставници на ЦУК, ДЗС, ДИГУ-Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, МВР, ИЗИИС, Град Скопје, Градежен факултет и Министерство за транспорт и врски.
На состанокот беа донесени јасни заклучоци кои веднаш ќе бидат доставени до Владата, со барање за итно преземање мерки за обезбедување технички и правни услови за санација на свлечиштето и регулирање на атмосферските води.
Констатирано е дека уште во 2022 година Град Скопје бил задолжен со записник од ЦУК да изработи проектна документација за прифаќање на атмосферските води од Водно, со цел да се реши проблемот со одводнување на сливните води од падините на Водно.
Стручните служби дополнително посочија дека за стабилизација на свлечиштето мора да се изгради потпорен ѕид. а бидејќи локацијата каде што треба да се изведуваат градежни работи се наоѓа на приватен имот, ниту една институција, вклучувајќи ја и Општина Центар, не смее да спроведе такви активности без соодветна одлука од Владата.
„Се работи за сериозна ситуација која бара координирано дејствување и постапување строго согласно ингеренциите на секоја институција. Само така можеме навреме да го решиме проблемот и да спречиме поголеми последици. Општина Центар останува целосно подготвена да ги преземе сите обврски што се во наша надлежност“, рече Герасимовски.
Македонија
Мицкоски: Уставниот суд и Кацарска го укинаа линеарното зголемување на пензиите, над 70 проценти од пензионерите ќе земат помала пензија
„Точно е тоа дека е покрената постапка пред Уставниот суд и точно е дека таа судијка за којашто сите зборуваме, којашто беше архитип на неправдата во судството, заедно со една друга обвинителка, којашто беше исто така вториот столб на тој архитип на судството едно време, и којшто соучествуваа во онаа чанта од брендот Луј Витон, се тие на коишто денес им пречи линеарното зголемување на пензиите на пензионерите“, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување на пратенички прашања.
Мицкоски додаде дека според последната информација, судијката на Уставниот суд, Кацарска ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите на пензионерите.
„Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значеше дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд“, рече тој.
Истакна дека ваквата одлука не е фер, бидејќи Уставниот суд ја укинува одлуката, а нема да се зачуди доколку истата судијка во Уставниот суд донесе одлука за одмрзнување на платите на судиите и обвинителите.
„Од аспект на фискален товар, помалку пари ќе даде Буџетот, но од аспект дали е тоа фер, не е фер затоа што во време на транзиција кога малкумина олигарски го приватизираа и разграбаа македонското стопанство или поголем дел го уништија, најголем дел од овие пензионери со ниски примања, 8.000, 9.000, 10.000 или 12.000 денари се резултат на тој процес во времето на транзицијата. И затоа тие добиваат така ниски пензии.
Целта на линеарното зголемување беше да се намали ХДИндексот, а да се зголеми стандардот на пензионерите и на тој начин да се намали степенот на сиромаштија“, нагласи Мицкоски и додаде:
„Замислете истовремено најверојатно следната одлука којашто ќе дојде од истиот суд е да ги одмрзнеме платите на судиите и обвинителите. Значи на пензионерите им се укинува правото, но затоа пак на овие обвинители и судии бидејќи се незадоволни со 2.500, 3000, 4.000 евра ќе треба да им се одмрзнат платите, а пензионерите со 10.000, 12.000 денари коишто треба да добијат 1000 денари зголемување сега овој месец, тие се побогати од овие малкумина судии и обвинители коишто ја контаминираат оваа професија“.
Според премиерот, ваквата одлука е неправда за пензионерите.
„Со ова ќе се нанесе неправда на пензионерите“, дециден е Мицкоски.
Македонија
Конечна одлука за т.н. линеарно зголемување на пензиите не е донесена, во тек е фаза на доставување мислења од Влада и Собрание, велат од Уставниот суд
Уставниот суд информира дека не е донесена конечна одлука за предметот У.бр.13/2025, за членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување).
Судот укажува дека на 24. седница одржана на 19.11.2025 година со мнозинство гласови, изрази сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот.
“Во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што ќе следува конечна одлука.
Јавноста ќе биде известена кога овој предмет ќе биде ставен на седница за гласање.
Во однос на прашањата, дали Уставниот суд поведе постапка за сите линеарни покачувања кои досега беа исплатени на пензионерите, Судот информира дека нема да ги преиспитува одредбите кои го опфаќаат зголемувањето на пензиите по 2500 денари (исплатени во септември 2024 и март 2025 година) бидејќи на седницата која се одржа на 19 ноември Судот ја отфрли иницијативата за преиспитување на членовите 3 и 18 кои го регулираа тоа прашање, поради фактот што истите беа од темпорален карактер и не се повеќе дел од правниот промет“.

