Македонија
Речиси третина од фирмите, чии лиценци ќе се одземаат, имаат блокирана сметка или се неактивни, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за фирмите кои се на списокот што го објави Министерството за транспорт и врски за одземање на нивните лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање, а по спроведените контроли и трагичниот настан во Кочани.
Иако на списокот на фирми на кои ќе им се одземат лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање што го објави Министерството за транспорт и врски има 479, всушност лиценци ќе им се одземат на 426 фирми бидејќи на списокот има некои фирми што се повторуваат, а други на кои им се одземаат по неколку лиценци.
Истражувањето за фирмите на кои ќе им се одземат лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање што го објави Министерството за транспорт и врски покажува дека на фирмите ќе им се одземаат 11 вида лиценци. Вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца.
Истражувањето открива дека:
– Лиценци ќе им се одземат на 426 фирми бидејќи од 479-те фирми на списокот, има некои што се повторуваат, а други на што им се одземаат по неколку лиценци;
– На фирмите ќе им се одземаат 11 вида лиценци, а вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца;
– За најголем дел од фирмите лиценците што ќе им се одземат не се услов за фирмите да работат и да добиваат државни тендери;
– Во моментот, само 49 од фирмите што се на листата за одземање лиценци имаат актуелни договори за јавни набавки во вкупна вредност од 26 милиони евра;
– Сепак, само 23 фирми што имаат важечки договор за јавна набавка, всушност, ќе ја загубат лиценцата што била услов за добивање на тендерот. Овие фирми имаат вкупно 58 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност изнесува 14 милиони евра;
– Од сите фирми на списокот, 101 има добиено тендер во последните три години, во вкупна вредност од 77 милиони евра;
– 28 % од фирмите за одземање лиценца се со блокирана сметка или се правно или деловно неактивни, а другите се активни;
– Приходи оствариле 85 % од фирмите во вкупна годишна вредност од 128 милиони евра (за 2023 година, која е последната година за која има објавено податоци);
– Најголем дел од фирмите остваруваат ниски годишни приходи. Секоја трета (31 %) од фирмите има годишен приход помал од 15 илјади евра, а приходи поголеми од 1 милион евра имаат само 33 фирми, односно 8 %;
– Во сите овие фирми работат 2.188 луѓе. 4 % од овие фирми немаат вработен, а 3 % имаат само еден вработен. Со повеќе од 10 вработени се само 3 % од фирмите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Крадец снимен како го ограбува манастирот „Успение на Пресвета Богородица”

Непознато лице го ограбило манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во село Обрштани, Кривогашатани. На снимката од безбедносните камери се гледа машко лице со маска на главата како краде пари од манастирот.
„Во текот на ноќта манастирот ‘Успение на Пресвета Богородица’ е ограбен. Секој што ќе го препознае сторителот да ги извести членовите на манастирскиот одбор“, повикаа од манастирот.
Македонија
Битола, Струга, Чаир се меѓу општините кои не аплицирале за проекти, рокот истекува за помалку од една недела

Седумнаесет општини воопшто не аплицирале за инфраструктурни општински проекти, за што Владата доделува средства од унгарскиот кредит. Во оваа група се Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Липково, Пробиштип, Валандово, Росоман, Боговиње, Врапчиште, Маврово Ростуше, Теарце, Дебар, Струга, Битола, Крушево, Долнени.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински рече дека 36 општини аплицирале со проекти во вредност од максимумот на финансиски средства кои им следуваат согласно формулата по глава на жител, додека 27 општини имаат можност да аплицираат со уште проекти до максимум предвидената сума.
Владата апелира уште еднаш до сите локални самоуправи да ја искористат можноста и да го запазат законски предвидениот рок за пријавување до 30 април.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Фатмир Битиќи да каже кои се тие класифицирани информации што му се украдени

ВМРО-ДПМНЕ го прашува Фатмир Битиќи и СДС да кажат кои се тие класифицирани информации кои му се украдени, и како се нашле во негов посед?
„Фатмир Битиќи во изјава за медиуми во врска со грабежот во неговиот дом кажа дека му е одземена папка со класифицирани документи. Го прашуваме Фатмир Битиќи и СДС да кажат кои се тие класифицирани информации кои му се украдени, и како се нашле во негов посед? Дали станува збор за највисоки државни тајни, и како и зошто истиот тој ги чувал во својот дом?“, праша Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, државните функционери немаат право да ги изнесуваат државните тајни и класифицирани документи од институциите во кои тие се наоѓаат и каде се заштитени.
Тој го повика СДСМ да каже дали изнесувањето на клааифицирани информации од институциите со кои управувале е партиска пракса и насока?
„И СДС и Фатмир Битиќи веднаш да ги известат органите за каков вид на документи станува збор. А граѓаните дали со кражбата на тие документи е загрозена Македонија. СДС и Фатмир Битиќи мора да им кажат на граѓаните дали Македонија е загрозена со кражбата на документи кои Фатмир Битиќи не смеел да ги чува во свој посед? Воедно го повикуваме ЈО да поведе постапка против Битиќи. Одговорност мора да има“, рече Манасиевски.