Македонија
Судијка од Велес обвинета за фалсификување службена исправа, обвинение и против сопружници – сопственици на синџир аптеки
Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение против судијка од Основниот суд во Велес, двајца сопружници – сопственици на синџир аптеки, како и за правното лице, кои се товарат за фалсификување службена исправа и за употреба на исправа со невистинита содржина.
За фалсификување на службената исправа како продолжено кривично дело е обвинета судијката која во текот на постапката беше и разрешена од судиската функција, а управителката на синџирот аптеки и нејзиниот сопруг се обвинети за поттикнување при извршувањето на кривичното дело и за употреба на исправите со невистинита содржина.
Првообвинетата, постапувајќи во предмет во кој тужители се другите обвинети, донела пресуда со која им го усвоила тужбеното барање и им утврдила право на сопственост на деловен простор и земјиште под зграда. Иако пресудата не била правосилна и извршна, а тужените навреме изјавиле жалби, судијката поттикната со умисла од сообвинетите ја заверила со службен печат за правосилност и извршност, со што свесно внела невистинит податок во службената исправа. Ваквата службена исправа со невистинита содржина таа ѝ ја дала на рака на управителката на правното лице наместо преку судска достава.
Дополнително, како судија во вонпарнична постапка, обвинетата надвор од АКМИС системот за електронско управување со предметите во Судот, составила решение со кое на истите подносители им го усвоила предлогот за привремени мерки за обезбедување непарично побарување, со кое им овозможила на предметниот имот да впишат прибелешка во јавните книги со забрана за отуѓување и оптоварување. Потоа решила привремената мерка веднаш да биде извршна и примерок веднаш да биде доставен до Агенцијата за катастар на недвижности – Одделение за катастар на недвижности Велес. Решението било со невистинита содржина во поглед на податоците за наводно одржаното рочиште, а документот спротивно на судскиот деловник било доставено само до предлагачот.
Со посебно решение, таа ја задолжила спротивната страна да ги надомести парничните трошоци на предлагачите во износ од 1.124.308 денари, повторно веднаш давајќи и својство на правосилност и извршност на исправата, иако знаела дека се исполнети законските услови за повлекување на привремената мерка со што парничните трошоци би паднале на товар на подносителот. И ова решение не го доставила до останатите странки во постапката, туку единствено до предлагачот, со што ги оневозможила да користат правен лек – жалба.
За да ги прикрие сите противправни дејствија во предметите, обвинетата судијка свесно ги уништила службените документи – повратници и не ги споила сите документи во списите на предметот.
Обвинетите сопственици ги употребиле ваквите исправи со невистинита содржина пред Агенцијата за катастар на недвижности за да внесат промени во имотните листови во корист на обвинетото правно лице. Со лажно прикажување факти од судските постапки тие нанеле значителна имотна штета на спротивната страна, а за себе прибавиле значителна имотна корист. Парничните трошоци за постапката ги наплатиле преку извршител, иако знаеле дека барањето за извршување им е засновано на исправа со невистинита содржина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нови 15 милијарди денари за проекти во општините, забрана за нелегалните игри на среќа и реформи во јавната администрација
Премиерот најави нови 15 милијарди денари за проекти во општините, а со закон ќе се забранат нелегалните игри на среќа, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение, сублимирајќи ги најавите на премиерот и претседател на владејачката партија, Христијан Мицкоски.
„Општините ќе може да аплицираат за средства за капитални проекти од следната недела. Јавната администрација ќе се реформира во светло на ЕУ интеграцијата.Македонија се трансформира!“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
Муртезани на средба со Мати Масикас „Продлабочена соработка со ЕУ во процесот на интеграција“
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска оствари средба и со Мати Масикас, извршен директор за Европа во Европската служба за надворешни работи (EEAS).
На средбата беше истакната важноста на стратешките односи меѓу Северна Македонија и Европската Унија, како и континуираната поддршка на ЕУ за реформскиот процес и интеграцијата на земјата. Двете страни разговараа за актуелните предизвици во регионот и пошироко, зајакнувањето на институционалната соработка и спроведувањето на европската агенда.
Министерот Муртезани ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон реформите и стабилноста во регионот, потенцирајќи дека земјата останува конструктивен партнер во процесот на пристапување. Извршниот директор Масикас ја потврди поддршката на EEAS за Северна Македонија и ја нагласи важноста на продлабочената соработка во клучните области поврзани со европската интеграција.
Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе по повод 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев, по повод 153-годишнината од неговото раѓање.
Во рамките на државниот настан свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев положија и делегација на Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, делегација на Собранието, претставници на политички партии и граѓански здруженија и претставници на дипломатскиот кор.
По повод 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев панихида служеше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. г. Стефан.