Македонија
Димитров: Зачести употребата на терминот „северномакедонци“, мора редовно да се реагира на секоја погрешна употреба

Во последно време зачести употребата на непостоечкиот термин “северномакедонци” од страна на претставници на земји – наши пријатели, кои го поддржуваат Преспанскиот договор, вели поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров.
„ Но, еден од двата клучни столба на компромисот на Преспанскиот договор, е токму самоопределувањето како Македонци кои зборуваат македонски јазик, нешто што самиот Договор го гарантира. Со други зборови “Северна Македонија” е можна само доколку во неа живеат Македонци, заедно со своите сограѓани и тоа така мора да се почитува.
Затоа секоја употреба на терминот “северномакедонци” освен што е навреда за Македонците е и подривање на Преспанскиот договор. Очигледно е потребен далеку посериозен фокус на нашата дипломатија за овој недвосмислен наратив да се промовира во меѓународните односи и да се превенира оваа појава бидејќи се чини дека во последниве месеци тоа никој не го работи. Тоа е недозволиво.
Особено имајќи предвид дека во овој период една земја членка на ЕУ и наш сосед директно го негира токму македонскиот идентитет и јазик.
Мора да се работи и проактивно, но и редовно и ажурно да се реагира на секоја погрешна употреба без исклучок се’ додека меѓународната пракса не биде целосно на линија со одредбите на Договорот“ напиша Димитров на Фејсбук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Премиерот Ковачевски се сретна со Метју Лосон, новиот амбасадор на Обединетото Кралство

Премиерот Димитар Ковачевски се сретна денеска со Метју Лосон, новиот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во нашата држава.
На состанокот е потврдено големото пријателство помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство и е потенцирана заедничката определба за унапредување на соработката во економијата, во одбраната – како партнерски држави во НАТО, во борбата против криминалот и корупцијата и е најавена поддршка на натамошните реформски процеси во државава.
На средбата се упатени честитки за напредокот на нашата држава во евроинтеграциите и почетокот на преговорите со ЕУ, преку постигнатите мудри решенија во предлогот на француското претседателство со Советот на ЕУ. При тоа е пренесена цврста поддршка од Обединетото Кралство за реализација на стратешките цели на Република Северна Македонија, како што е полноправно членство во Европската Унија, по членството во НАТО. Изразена е и поддршка на политиките што водат кон развој на државата, преку инклузивност и соработка, во земјава и во регионот.
На средбата е истакнато почитувањето од Обединетото Кралство на македонскиот јазик и на развојот на македонската култура.
Исто така, заеднички е констатирано дека политиките на добрососедство даваат резултати во перспективите на земјава и на целиот регион. Во таа насока е нагласено и значењето на иницијативата Отворен Балкан.
„Владата и јас како премиер сме насочени кон обезбедување подобар живот за граѓаните, преку примена на европските вредности во државата. Определени сме кон владеење на правото и независност на правосудниот систем. Водиме принципиелни политики на добрососедство со целосна посветеност кон националните и идентитетските определби. Во надворешната политика сме поставени стопроцентно на линија на политиките на ЕУ. И, очекуваме дека сите политички субјекти во земјава ќе ги надминат партиските интереси, со цел целосна реализација на втората стратешка цел – членството во ЕУ, што е едиствениот исправен пат и од којшто повеќе нема назад“, рече премиерот Ковачевски.
Македонија
Владина делегација положи цвеќе на гробовите на Михајло Апостолски, Киро Глигоров и Борис Трајковски

Делегација на Владата предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, а придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и заменик-министерот за одбрана, Башким Хасани, по повод 18 август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија, положи венци свежо цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел, и на гробовите на генерал Михајло Апостолски и на починатите претседатели на државата и врховни команданти на Армијата, Киро Глигоров и Борис Трајковски.
На одбележувањето на 79-годишнината од формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“, првата регуларна воена единица во Македонија во НОБ по која 18 август е прогласен за Ден на Армијата, одбележуваме и 30 години постоење на Армијата на Република Северна Македонија, се сеќаваме на вековната борба на македонските борци за слобода кои со својата несебична жртва, оставија силен печат вграден во темелите на македонската држава.
Армијата на Република Северна Македонија на највисоко ниво покажува зрелост, професионалност и посветеност, што се очекува од припадниците на современите вооружени сили и заедно со останатите сојузнички војници на земјите-членки на НАТО, дејствува согласно стандардите на Алијансата, учествува во меѓународни мировни мисии, давајќи свој придонес во зачувувањето на глобалниот мир и безбедност.
Македонија
Дел од Домот за доенчиња и мали деца во Битола ќе се преадаптира во градинка

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, денес потпишаа два значајни договори, преку кои е дефиниран начинот на реализација и финансирање на активностите за адаптација на дел од објектот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола во детска градинка, која ќе биде во состав на ЈОУДГ „Мајски цвет“.
„Преку овие два договори, практично, ќе обезбедиме подобра иднина за нашите сограѓани, овозможувајќи им згрижување на нивните деца во објект наменет за детска градинка. Општина Битола ќе финансира 30% од предвидената сума за градежните работи и адаптацијата на објектот, односно околу 4 милиони денари, средства кои се веќе обезбедени од Буџетот и планирани во Годишниот план за јавни набавки, а исто така, општината обезбеди средства за изработка на Проектот за адаптација.
Општина Битола со години има долга листа на чекање на деца за прием во детските градинки. Како локална самоуправа, максимално се залагаме да се изнајдат законски решенија, со кои ќе биде надминат овој горлив проблем за родителите, особено за оние кои одат на работа и немаат каде да ги остават своите најмили. Потпишувањето на денешните договори е токму во таа насока, да се обезбеди капацитет од нови 80 места за деца од претшколска возраст.
Присуството на министерката исто така во искористивме за да разговараме и за преостанатите две детски градинки кои се започнати во Битола, а треба да се завршат со поддршка од Министерството за труд и социјална политика, а кои се уште не се реализираат со потребната динамика“ – рече градоначалникот Тони Коњановски.
Ваквата инвестиција и е потребна на Битола, истакна министерката Тренчевска и посочи дека ги охрабрува и другите општини да доставуваат проекти за изградба, доградба и адаптација на простори со цел нивно наменување во детски градинки.
„Заедно со општината ќе делуваме во рамките на стратешките определби преку поддршка на активности од јавен интерес за унапредување, промоција и поддршка на политиките за развој на детската заштита. Целта е да придонесеме кон зголемување на опфатот на деца во детските градинки . Како министерство се залагаме за што поголема соработка со општините и унапредувањето на животот на граѓаните да доаѓа токму преку заложбите на локалните самоуправи“, рече Тренчевска.
Предвидениот рок за изведба на градежно-занаетчиските работи на градинката изнесува 10 месеци, сметајќи од денот определен за вовед во работа на изведувачот.