Македонија
Бугарското МНР: До крајот на француското претседателство нема услови за конечно решавање на спорот

Министерството за надворешни работи на Бугарија објави став за предлогот на француското претседателство со Советот на ЕУ.
Се вели дека во оваа фаза и во овие рокови е невозможно да се дојде до решение на отворените прашања. Според МНР, предлогот е добра основа за идното решавање на спорот.
„Во оваа фаза повеќе не постои објективна можност за исполнување на краткорочните критериуми утврдени во Рамковната позиција до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ, неопходни гаранции за бугарските интереси и за правата на Бугарите во соседната земја. Можно е до крајот да има јасност за следните чекори во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија со сите потребни гаранции за бугарските интереси и правата на Бугарите во Северна Македонија“, велат од бугарското МНР.
Го поздравуваат, како што велат, конструктивниот пристап на Франција, која имаше средби со сите бугарски институции на темата и по долга работа покажала разбирање за позициите на државата.
„Франција го докажа не само пријателството со нашата земја, туку и посветеноста на процесот на проширување на ЕУ“, велат од бугарското МНР, пренесе БГНЕС.
Од Министерството додаваат дека сега целиот процес целосно зависи од Комисијата за надворешна политика на бугарското собрание, која се’ уште нема закажано состанок на оваа тема.
„Би било пожелно Комисијата за надворешна политика веднаш да го свика овој состанок со учество на Министерството, да се разговара за сите достапни документи, да се формулира консолидирана бугарска позиција и да се утврдат следните чекори на бугарската дипломатија. Би било оптимално ако Советот на министри веќе го изразеше своето мислење за ова важно прашање за земјата. Доколку тоа не се случи во најбрз можен рок, МНР има мандат само да се придржува до Рамковниот став, Декларацијата на Националното собрание од 2019 година и заклучоците од Советодавниот совет за национална безбедност од оваа година“, велат од бугарското МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Маричиќ на средба со германски функционери: Имаме перспектива – мора да ја задржиме

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес во просториите на Секретаријатот за европски прашања оствари средба со учесниците на Федералната академија за безбедносна политика 2022.
На средбата со високите германски функционери, тема за дискусија беше „Влијанието врз европската безбедносна архитектура“, а вицепремиерот Маричиќ во својот поздравен говор истакна дека Балканот и ЕУ имаат заедничка перспектива која мора да се задржи.
„Балканот отсекогаш бил клучен регион за безбедноста на Европа не смееме да дозволиме со ова „статус кво“ почвата на Западен Балкан да ја храниме со национализам, дестабилизација и нови алтернативи. Јасно е дека Европската Унија како лидер на европскиот простор повеќе не е сама. Формулата за задржување на позицијата на ЕУ како лидер на геополитичката карта е проширувањето“, рече Маричиќ.
Тој додаде дека војната во Украина и нејзиниот ефект врз регионот сега останува главна грижа за граѓаните на Балканот и дека ќе мора одговорно да го носат товарот кој го наметнуваат кризите, кој сигурно ќе биде товар во наредните години и за ЕУ и за Западен Балкан.
„Времето на лесни и пријатни дебати за европските политики одамна е минато. Сега ни треба заеднички одговор на глобалните предизвици со кои се соочуваме. Нестабилноста на регионот ќе значи нестабилност на Европа. Сега веќе не станува збор за проширување, сега е прашање на безбедност“, кажа Маричиќ пред гостите од Сојузна Република Германија.
Вицепремиерот на средбата потенцираше дека денес најдобро се разбира суштината и значењето на членството во најмоќниот воено-политички сојуз и дека НАТО е исклучително важен за регионот на Западниот Балкан, за Европа исто така, а особено за стабилноста и идниот просперитет.
На средбата беше присутен и заменик амбасадорот и раководител на економскиот сектор во германската амбасада, Ото Граф.
Курсот за високи функционери се состои од три фази: Во првиот дел од курсот, учесниците ги истражуваат историската, културната, политичката и економската заднина на Западен Балкан и разговараа за актуелните случувања со експерти.
Во вториот дел од курсот ќе ја формираат основата за дискусии со понатамошни експерти и носители на одлуки во регионот и тоа во Сараево, Белград, Скопје и Приштина. Во третиот дел од курсот, учесниците уште еднаш критички ќе размислуваат за нивните позиции и ќе го завршат курсот со дискусија помеѓу учесниците и националните носители на одлуки на високо ниво за тоа кои позиции и стратегии Германија и Европа треба да ги усвојат и да ги следат во однос на Балканот во иднина.
Организациски, Федералната академија за безбедносна политика спаѓа во областа на одговорност на Сојузното Министерство за одбрана. Претседател на Академијата е амбасадорот Екехард Бросе. Федералната академија за безбедносна политика има околу 70 вработени, кои доаѓаат од сите министерства застапени во Федералниот совет за безбедност, и е основана во Бон во 1992 година. Таа е со седиште во просториите на палатата Шенхаузен во Берлин од 2004 година.
Политика
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Поранешниот министер за образование на ДУИ и СДСМ физички се пресметува со пратеници

Поранешниот министер за образование на ДУИ и СДСМ необразовано физички се пресметува со колеги пратеници, демонстрира насилие, реагираат од опозицискиот ВМРО-ДПМНЕ на однесувањето на Арбер Адеми од ДУИ.
Преку фејсбук пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков сподели видео во кое потенцира: Вака се однесува претседателот на КЕП!
„Понижување, насилство и навреди во Собрание! Македонија наместо Европа стана див запад со “каубоите” од власта!“, пишува Лефков.
Македонија
Вархеји очекува Скопје и Тирана во наредните денови да ги отворат пристапните преговори со ЕУ

Говорејќи пред членовите на Европскиот парламент и парламентите на земјите на патот кон членство во ЕУ, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји изјавил дека во сегашниот променет геополитички контекст, Западен Балкан останува приоритет за ЕУ, пишуваат српските медиуми.
„Посветени сме, повеќе од кога било, да го внесеме целиот регион во ЕУ. Сега е поважно од кога било да работиме на тоа не само брзо, туку и со сета посветеност и волја“, кажал тој.
Еврокомесарот за проширување изјавил дека очекува Скопје и Тирана „во наредните денови“ да одржат меѓувладини конференции и да ги отворат пристапните преговори.
Според него, поддршката на ЕУ за Западен Балкан се рефлектира не само во процесот на пристапување, туку и во заедничкиот пристап на ЕУ за механизмите за набавка на храна и енергија, како и во Европскиот економски инвестициски план, кој треба да му донесе на регионот до 30 милијарди евра во инвестиции.
„Без соодветна регионална соработка, без разлика дали преку Берлинскиот процес, заедничкиот регионален пазар или отворениот Балкан, земјите од регионот не можат да имаат корист од економскиот инвестициски план. Секој што ја поткопува или блокира регионалната соработка, врз основа на правилата на ЕУ и со присуство на ЕУ, го поткопува економскиот и инвестицискиот план и напредокот на регионот“, заклучил Вархеји.