Македонија
Отстрането дискриминирачкото известување за родилките во струмичката болница
Болницата за гинекологија и акушерство никогаш не вратила ниту една родилка која немала документи, и секоја, независно дали е венчана или не, во рок од 36 часа добива извод за новороденчето, изјави за „Макфакс“ директорот на струмичката болница, Наќе Гогов, кој вели дека известувањето дека родилките мора задолжително да понесат извод од венчаните е утрово отстрането.
Според него, известувањето за кое имаше бурни реакции на социјалните мрежи и беше протолкувано како дискриминирачко го ставил некој од вработените веројатно без да размисли убаво за содржината.
„Струмичката болница е дел од проектот ‘Добредојде бебе’ и најодговорно тврдам дека никогаш не се случило некоја родилка да биде вратена бидејќи не поседува некој документ. Болницата на сите, без исклучок дали се венчани или не, во рок од 36 часа им издава извод на новороденчињата. Сметам дека известувањето беше протолкувано надвор од контекстот, но се согласувам дека не е соодветно напишано и утрово го тргнавме“, ни рече Гогов.
Имено, написот на кој вчера имаше бурни реакции на социјалните мрежи го содржеше следниов текст: „Пациентките кои доаѓаат на Акушерско одд. за породување ЗАДОЛЖИТЕЛНО со себе да донесат извод од венчаните“.
Во интегралното известување што го испратија до нашата редакција а од кое е изваден спорниот текст пишува: „Се известуваат сите родилки дека нашата болница е дел од Проектот на Министерството за здравство ‘Добредојде бебе’ и секоја родилка најдоцна 36 часа по породувањето може да поднесе да ѝ биде издаден извод за новороденчето преку болницата. За сите информации може да се обратите кај одделенската сестра на Акушерија или кај администраторот на Мој термин на 076/787-020 (Коле). Потребни документи за издавање извод на новороденче се: Копија од извод на венчани / копија од извод на родени од мајката (ако е самохрана мајка), копија од лична карта на двајцата родители (или копија од пасош), платежна картичка (од која се наплаќаат 50 денари за извод и 100 денари административна такса).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла има, 20 – 30 метри од Тетово до село Гајре, Делчево – 50 метри и Страцин – 100 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно време: претпладне магла, кон крајот на денот повремен дожд, а на повисоките планини слаб снег
Времето денеска ќе биде Променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремен локалeн дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен, а во југозападните делови повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје променливо облачно, претпладне со појава на магла, а кон крајот на денот со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег. Во недела врнежите наместа ќе бидат пообилни, а поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен северен ветер ќе бидат претежно од снег. На повеќе места се очекува да се формира снежна покривка, а на планините позначително да се зголеми. Повремен снег ќе има и во понеделник, а потоа ќе преовладува стабилно и студено време.
Скопје
Дел од Кисела Вода и Карпош без струја
Од „ЕВН Македонија“ АД известуваат дека без електрична енергија ќе останат:
– од 8 до 13 часот дел од корисниците од улицата Св. Наум Охридски, Црниче (општина Кисела Вода);
– од 10 до 14 часот дел од корисниците од булеварот Илинден, реонот кај раскрсницата со улицата Коле Неделковски (општина Карпош).