Македонија
Поезија со сексизам и дискриминација издадена од Агенцијата за млади и спорт

Агенцијата за млади и спорт издала збирка поезија во рамки на проектот „Млади поети“, во која се објавени стихови со недолична и дискриминаторска содржина. Една од песните е со наслов „Партиски вработена“ која изобилува со сексизам, вулгарности и навреди, додека другата песна за која имаше бурни реакции на социјалните мрежи и во кои грашаните препознаваат албанофобија, е со наслов „Моите соседи“. Двете песни се од истиот автор Даниел Пиљаковски.
Уредник на публикацијата, испечатена во тираж од 5.000 примероци, е директорот на Агенцијата, Дарко Каевски.
Од Агенцијата за млади и спорт се оградуваат и велат дека изборот на песни кои се објавуваат го направила надворешна комисија, која требало да направи соодветна селекција, а АМС немала увид во содржината.
„Агенцијата за млади и спорт се оградува од содржина која содржи дискриминација и смета дека е недолична. Во тек е истрага за утврдување на фактите и причините кои довеле ваквата содржина да биде објавена, после што јавноста ќе биде информирана за мерките и одговорноста кои ќе се преземат“, додаваат од Агенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.20 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. 1 во населба Радишани. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Горно Лисиче лоцирани на потегот од Маг Комерц, А-М Стил, Феромонт Инжинеринг кон село Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Дел од Аеродром денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд и студени утра. Ќе дува умерен до засилен, а долж Повардарието повремено силен ветер од северозападен правец. Потоа следи период на стабилно и суво со постепен пораст на дневната температура.