Македонија
Виз ер отвори уште една нова авиолинија од скопскиот аеродром – Штутгарт

Со првиот лет што полета денеска, понеделник, 29 септември, во 6:25 часот наутро, од Меѓународниот Аеродром Скопјe до Штутгарт, Виз ер отвори уште една нова авиолинија и дестинација од главниот град на Македонија до Германија, соопшти ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата ADP.
„Во соработка со Виз Ер и Владата, како ТАВ Аеродроми горди сме што ќе можеме да ги опслужуваме патниците на оваа нова редовна авионска линија од Скопјe до Штутгарт. Редовните летови меѓу двата града ќе ги задоволат потребите на нашите граѓани, бизнисмени и дијаспората. Ќе продолжиме да инвестираме во модернизација и подобрување на аеродромските услуги, нудејќи висококвалитетно корисничко искуство на сите патници и промовирајќи ја земјата како атрактивна дестинација и транзитен центар во регионот“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Авиокомпанијата ќе лета од Скопјe до Штутгарт 3 пати неделно, секој понеделник, среда и петок. Во текот на летниот распоред на летови на аеродромот во Скопјe, односно до 24 октомври, времето на полетување од Меѓународниот Аеродром Скопјe во понеделник и петок е 06:25 часот, додека времето на пристигнување во Штутгарт е 11:10 часот по локално време. Во среда, патниците ќе полетуваат во 06:30 часот, а ќе слетуваат во 11:10 часот по локално време.
Во зимската сезона, патувањата ќе се одвиваат во понеделник, среда и петок, но сите летови со исти времиња на полетување и следување, односно 06:30 часот со 11:30 часот по локално време.
Со додавањето на Штутгарт на мапата на рути на Меѓународниот Аеродром Скопјe, Виз ер има вкупно 9 рути до 9 градови во Германија: Штутгарт, Берлин, Дортмунд, Баден-Баден, Фридрихсхафен, Хамбург, Франкфурт-Хан, Минхен-Меминген и Нирнберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Католичката црква со реакција за муралот на Мајка Тереза: Ова е навредлив чин за сите верници

Католичката црква во Македонија изразува жалење за, како што велат, недостојниот и навредлив чин со кој на муралот на света Мајка Тереза, поставен на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, е додадена марама на нејзиниот лик.
Со оваа постапка,велат од Католичката црква, се повредуваат верските чувства на верниците и почитувачите на делото на светицата.
„Потсетуваме дека Света Мајка Тереза е светица на Католичката црква, родена во Скопје, почесна граѓанка на овој град и граѓанка на светот. Со својот живот посветен на сиромашните и болните, со својата едноставност, понизност и љубов, ја направи Македонија и Скопје препознатлива во светот и пример за почит кон другиот.
После големиот настан што се случи на 28 септември 2025 година за сиот македонски народ со осветувањето на храмот Свети Константин и Елена кој се наоѓа во непосредна близина на Спомен куќата на Света Мајка Тереза, се прашуваме: Зарем нашата Светица заслужи ваков однос од дел од своите сограѓани?
Почитта кон верските чувства е основен елемент на секое демократско општество. Грижата за нив е одговорност на сите граѓани, а воедно ја отсликува и демократската зрелост кај поединци и групи, нивната подготвеност за соживот и прифаќање на различните.
Слободата на уметничкото изразување и јавната дебата се драгоцени вредности, но тие треба да се остваруваат со почит кон достоинството на другите и кон она што е свето за една заедница. Затоа недозволиво е светите ликови, како света Мајка Тереза, да бидат инструментализирани или злоупотребувани за било какви цели“, се наведува во соопштението од канцеларијата на Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија.
Во него се додава дека Католичката Црква се приклучува кон сите добронамерни граѓани кои веќе реагираа и го осудија ваквиот срамен чин и апелира до целата македонска јавност на поголема свесност за значењето на светците, светите простори и другите свети работи, како и вредностите во општеството што ги застапуваат Црквите и верските заедници.
„Во таа насока, ги повикуваме надлежните институции да преземат соодветни мерки, да ги заштитат верските чувства на граѓаните и во иднина да ги превенираат ваквите појави. Во исто време изразуваме благодарност до сите луѓе на изразената загриженост и поддршка која ја упатија до Црквата“, велат од канцеларијата на Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија.
Македонија
Муцунски во Мичиген: Дијаспората претставува силен мост меѓу двете земји

Во рамки на завршните активности од посетата на САД, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, ја посетија Македонската православна црква „Раѓањето на Пресвета Богородица“ во Стерлинг Хајтс, Мичиген, како и Неделното црковно училиште во кое 120 деца имаат можност да се запознаат со православната вера, македонската традиција и да го изучуваат македонскиот јазик.
Делегацијата присуствуваше на утринската литургија што ја одржа отецот Синиша Ристовски и оствари средба со бројната македонска дијаспора.
Муцунски истакна дека дијаспората претставува силен мост меѓу двете земји и има значајна улога во градењето на врските меѓу македонското и американското општество, како и во промоцијата на македонската култура и традиција на американско тло.
„Изразуваме благодарност за топлиот прием. Остануваме цврсто посветени на зајакнување и продлабочување на контактите со нашата дијаспора,“ порача Муцунски.
Македонија
Костовски: Градиме модерен затворен пливачки базен во Радишани

Радишани добива нов модерен затворен базен, во вредност од 80 милиони денари, извести градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.
Како што соопшти градоначалникот, предност во користење на овој базен ќе имаат учениците од ОУ „Ацо Шопов“, но генерално ќе можат да го користат сите ученици, а и граѓаните во подоцнежните часови.
Тој најави и уште еден нов затворен базен во населеното место Бутел 1, во дворот на училиштето „Св. Климент Охридски“.