Македонија
Кузеска: Само во последните 3 месеци иста фирма добила три тендери со пет договори во неколку скопски општини, сите предводени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ

„Денеска, СДСМ го отвора првиот од серијата скандали поврзани со тендерите на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Ќе изнесеме низа одатоци и сомнежи за длабока корупција, сонежи за матни тендери во речиси сите општини предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Дури и со пари од унгарскиот кредит. Во фокусот се милионските тендери што завршуваат кај едни исти фирми. Дури и фирми со сомнително минато, кои биле гонети токму за злоупотреби и местење тендери, а кои последно земаат пари, и тоа од унгарскиот кредит“, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Дали е тоа поентата на унгарскиот кредит и каде завршуваат овие пари? Денеска го отвораме првиот скандал поврзан со компанија, која, верувале или не, работи на 50-ина јавни набавки во општини што ги води ВМРО-ДПМНЕ. Да биде скандалот поголем, компанијата претходно, во 2020 година, е осомничена токму за местење тендери во јавните набавки, погодете каде – во општина Зелениково предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за фирмата ИЗОЛАЦИЈА Дамјан Силјановски и др. ДОО увоз-извоз Скопје, во четири години добила 50-ина тендери вредни 10 милиони евра, речиси сите од општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ“, посочува Кузеска.
Додава дека само во последните 3 месеци истата фирма добила три тендери со пет договори во неколку скопски општини, сите предводени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа фирма веќе била гонета за местење тендери во 2020 година кога Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава против поранешниот градоначалник на Зелениково и шест други лица. До денес, таа е омилената фирма на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ која контуниирано со години добива тендери. Само за пример добила 13 тендери во Општина Гази Баба, 9 во Кавадарци, а во последните месеци ги освојува и тендерите во Бутел, Кисела Вода и Аеродром. Последните тендери кои ги добила се финансирани од унгарскиот кредит, кој граѓаните ќе го враќаат со високи камати. Индикативно е што понудената цена и постигнатата цена се во речиси сите случаи исти, односно нема пад на цените. Дали однапред се знаеле условите?“ истакнува Кузеска и прашува:
„Дали градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ им овозможиле ексклузивен пристап до информациите? Клучно е каде завршуваат парите од унгарскиот кредит? Парите од овој кредит не се бесплатни – тие се враќаат од буџетот, односно од парите на граѓаните и тоа со камата:
Jавноста има право да знае:
● Дали ова е механизам за финансирање на партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ?
● Дали парите завршуваат директно во „белата палата“?
● Дали граѓаните плаќаат огромни камати за унгарските кредити за власта да си ги дели со коруптивни тендери?
Ова не смее да остане само скандал за кој ќе зборуваме денес. Очекуваме надлежните институции да реагираат веднаш!
Очекуваме одговори од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ
Ова е само почеток – во наредните денови ќе следуваат нови информации и нови скандали“, завршува Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството со детали: Кумановката добила 4.000 евра за бебето од брачната двојка, а кога го барала назад не и’ го враќале – притвор за сопружникот и мајката

Обвинителството донесе наредба за истражна постапка против пет лица, во случајот со родилката од Куманово која и’ го дала своето бебе на брачна двојка, а потоа, според нејзината пријава, тие не сакале да и’ го вратат назад.
Според описот во диспозитивот на наредбата постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело „Трговија со дете“.
Обвинителството сподели детали за случајот, објаснувајќи дека кон средината на минатата година, две од осомничените и непознато машко лице, заедно и по претходен договор со осомничената која била бремена со своето седмо дете и се наоѓала во тешка финансиска состојба презеле дејствија со цел да извршат незаконито посвојување на нејзиното новороденче за сума од околу 5000 евра.
Двете од кои едната била евидентирана како згрижувач на деца, во повеќе наврати финансиски ѝ помагале на осомничената трудница исплаќајќи ѝ пари за месечни трошоци во висина од 250-270 евра, а за да ја следат здравствената состојба на бебето ѝ плаќале и ѝ организирале лекарски гинеколошки прегледи во Куманово и Скопје.
Во меѓувреме ја запознале со осомничениот брачен пар кој требало незаконски да го посвои детето. По породувањето, брачниот пар ја однеле на нотар каде потпишала изјава со која го признава првоосомничениот за татко на новороденчето и му го дава старателството, доброволно оставајќи го на чување, воспитување и издржување. Веднаш потоа осомничениот брачен пар ѝ исплатил 4000 евра, а подоцна кога го побарала детето да ѝ го вратат, првосомничениот ја одбил нудејќи ѝ уште 1000 евра и укажувајќи ѝ дека со потпишаната изјава таа веќе се откажала од него, информираа од Обвинителството.
Имајќи ги предвид околностите и тежината на стореното дело, јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи мерки кои судот ги прифати и определи мерка притвор за сопружникот и родилката, додека на останатите три лица им определи мерка куќен притвор.
Македонија
Учество на министерот Муцунски на панел-дискусија за евро-атлантската безбедност

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес учествуваше и се обрати на панел-дискусијата „Евро-атлантската безбедносна динамика: Предизвици за НАТО, Европа и процесот на проширување кон Западен Балкан“, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) во соработка со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Настанот го означи и официјалното отворање на Регионалната школа за безбедност 2025, која традиционално обединува млади професионалци, студенти и експерти за размена на искуства и дискусија за актуелните безбедносни предизвици.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна важноста на меѓународната соработка и стабилноста на Западен Балкан, особено во контекст на актуелните глобални и регионални безбедносни предизвици. Потсети дека оваа година се одбележуваат пет години од членството на Северна Македонија во НАТО, нагласувајќи ја посветеноста на државата во зајакнувањето на колективната одбрана, стабилноста на регионот и поддршката за Источното крило на НАТО.
Министерот ја реафирмираше континуираната поддршка на Северна Македонија за Украина,. Тој нагласи дека во време на зголемени безбедносни предизвици, неопходно е да се гради отпорност кон хибридни и сајбер-закани, дезинформации и економска принуда, при што државата веќе презема значајни чекори, вклучувајќи го и усвојувањето на Националната стратегија за сајбер безбедност (2025-2028).
Безбедноста и стабилноста на Северна Македонија е нераскинливо поврзана со стабилноста на целиот Западен Балкан. Во тој контекст, министерот истакна дека регионалната соработка и европската интеграција се патот кон одржлив мир и просперитет.
Во своите воведни излагања, претставниците на организаторите – Даниел Браун од Фондацијата Конрад Аденауер, Катерина Јакимовска од Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс во Брисел и проф. д-р Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет, ја потенцираа важноста на ваквите настани за подигнување на свеста кај младите лидери и нивната улога во градење стабилни и безбедни општества.
Македонија
Ѓорѓиевски: Ја отворивме првата спортска сала во Пинтија

Пинтија за првпат доби затворена спортска сала – современ простор кој ќе овозможи квалитетна настава по физичко образование и подобри услови за спорт и рекреација. Со површина од 350 квдратни метри, салата ќе им служи на учениците од ПОУ „Рајко Жинзифов“ и на сите млади спортски таленти од оваа населба.
Градонаачалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, обелодени дека слата го носи името на Александар Стојчев.
„Особено ми е чест што оваа сала го носи името на нашиот херој, Александар Стојчев, кој го даде својот живот за татковината во 2001 година. Неговата жртва никогаш нема да биде заборавена, а денешниот настан е и симбол на нашата почит кон неговото семејство, кое е денес тука со нас. Со отворањето на оваа сала не само што создаваме подобри услови за младите, туку и испраќаме јасна порака – Пинтија се развива како никогаш досега! Оваа населба, која со години беше запоставена, денес добива целосно нов лик со капитални инвестиции какви што никогаш досега не биле реализирани. Изградивме плоштад на местото на некогашната дива депонија, ги реконструиравме улиците низ целата населба, а со изградбата на фекалната канализација решaваме долгогодишен инфраструктурен проблем на жителите. И денес, на овој свечен ден, го заокружуваме овој развоен циклус со отворањето на првата затворена спортска сала во Пинтија – салата “Александар Стојчев”. Со овој проект, нашите ученици конечно добиваат современ простор за физичко образование, за спорт и за развој на нивните потенцијали во услови какви што заслужуваат“, рече грдоначалникот.
Им се заблагодари на “ТИТАН Усје” за нивната поддршка во реализацијата на овој проект.