Uncategorized
Објавен извештајот на УНЕСКО: Сериозни препораки за заштита на Охрид
После последниот мониторинг кој во периодот од 9-ти до 14-ти април беше спроведен во Охрид, посебната експертска група на УНЕСКО, го објави најновиот извештај на оваа асоцијација за образование, наука и култура на светската организација, за степенот на заштита на Охрид и езерото.
Во истата се апострофира на недоволниот степен на заштита на Охрид и езерото, кои се прогласени за подрачја од особено значење и светско наследство. Се изразува загриженост од несоодветните инфраструктурни проекти, како развојот ски-центарот Галичица и експресниот пат кој е планиран да поминува на овој дел.
Охридските екологисти со реакции по однос на извештајот. Научниот советник и раководител на одделението за краповидни риби во охридскиот Хидробиолошки завод, Д-р Трајче Талевски посочува дека извештајот на реактивната мисија на УНЕСКО нè обврзува сериозно да се замислиме за она што сме и` го направиле на природата до сега, но и ни дава надеж дека може да се поправат штетите.
– Има многу работа, но прво треба да се промени мислењето и пристапот дека заедничкото е нечија лична сопственост. Вистинските луѓе на вистинско место и без никаква импровизација. Нема многу време. Часовникот веќе почна со одбројување. Рокот веќе тече, напиша Талевски на неговиот профил на Facebook.
Според Дејан Пановски, екологист и Координатор на ГЕФ Дримскиот Проект, извештајот го покажа правецот за иднината на Охридскиот регион.
– Извештајот на УНЕСКО дава точна слика и прецизни препораки за сите активности идентификувани како потенцијално загрозувачки за статусот на регионот. Препораките укажуваат на стопирање на активности за изградба на одредени делници на регионалниот пат Охрид – Свети Наум, да се напуштат плановите за скијачки центри во зоните на националниот парк и наместо тоа да се воведат еко туристички планови. Се препорачува мораториум на градби во крајбрежната зона до донесување на менаџмент планови. Потоа да се донесат заштитните зони, да се внимава на ендемичните форми на флора и фауна, да се внимава на управувањето со нивото на езерото, управувањето со отпадните води и цврстиот отпад, како и унапредување на билатералната соработка. И секако ограничување на употреба на возила во заштитеното градско јадро. Ако ги видите сите овие препораки, речиси се идентични со сето она за кое години наназад се залагавме, работевме и носевме процеси. Затоа што тоа е цивилизациски однос кој вакви вредности и наследство. Почитувањето на овие препораки ќе значи зачувување на статусот, но и зачувување на вредностите и базирање на развојот. Непочитувањето пак ќе значи, сечење на гранката на која стоиме затоа што статусот под УНЕСКО, освен за зачувувањето е значаен и за полтичките односи. На крај сами ќе треба да одлучиме што сакаме. Ние работевме за заштитата. И засега генерално успеавме, вели Пановски.
Извештајот на УНЕСКО беше изготвен по мониторингот кој во периодот од 9-ти до 14-ти април беше спроведен во Охрид.
Веле Митаноски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Стравична несреќа на автопатот Скопје–Куманово: Две возила целосно изгореа по судир, еден тешко повреден
Синоќа на автопатот Скопје – Куманово, пред клучката за обиколницата на главниот град, се случила тешка сообраќајна несреќа во која двете возила што се судриле целосно изгореле.
Според информациите од полицијата, судирот се случил помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 25-годишниот А.В. од селото Бујковци, и товарно возило „мерцедес“ со полуприколка, со неготински таблички, управувано од Љ.Д. (56) од село Брест, штипско.
По ударот, двете возила се запалиле и целосно изгореле. Во несреќата, возачот на патничкото возило се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му била укажана лекарска помош.
На местото на несреќата излегла увидна екипа.
Фото: илустрација (depositphotos)
Uncategorized
Бајден: Знаеме кои сме, време е да му го покажеме тоа на светот и на самите себе
Џо Бајден им се придружи на американските претседатели од редовите на Демократската партија во осудата на смртоносната пукотница во Минеаполис. Коментирајќи ја веста дека федералните агенти го убиле 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети, Бајден рече дека чинот претставува „предавство на најосновните вредности на Американците“.
Во изјавата во која се повикува на уставното право на правична постапка, Бајден рече: „Ние не сме земја што пука во своите граѓани на улица. Ние не сме земја што дозволува бруталност врз граѓаните за остварување на нивните уставни права. Ние не сме земја што го гази Четвртиот амандман и толерира тероризирање на нашите соседи“.
„Луѓето од Минесота нè потсетија на сè што значи да се биде Американец, а тие веќе претрпеа премногу под оваа администрација. Насилството и теророт немаат место во САД, особено кога нивната сопствена влада ги таргетира американските граѓани“, додаде тој.
Во малку прикриена критика кон Доналд Трамп, чија администрација се соочува со растечки критики за тактиките за имиграција, Бајден истакна: „Никој не може да го уништи она за што се залага и во што верува Америка, дури ни претседателот, ако ние, целата Америка, се заложиме и проговориме“.
„Знаеме кои сме. Време е да го покажеме тоа на светот. Уште поважно, време е да го покажеме и на самите себе“, истакна тој. Тој повика на „целосни, фер и транспарентни“ истраги за „бесмислените“ убиства на Прети и Рене Гуд.
Изјавата на Бајден следува по осудите што ги упатија претходно Барак Обама и Бил Клинтон. И двајцата ги повикаа Американците да проговорат и предупредија дека основните американски вредности се нападнати по засилената репресија на администрацијата на Трамп против имиграцијата во Минеаполис.
По напуштањето на функцијата, Бајден претежно се држеше подалеку од јавноста. Тој моментално се лекува од рак на простата и е ангажиран во пишување мемоари и развивање на претседателската библиотека.
Неговите изјави доаѓаат во време кога многу демократи се незадоволни од неговата одлука да остане претседателски кандидат на партијата долго време во текот на изборниот циклус во 2024 година, потег што критичарите го оценија како ослабување на моментумот на партијата.
Бајден на крајот ѝ ја отстапи номинацијата на потпретседателката Камала Харис, која Трамп ја победи и освои втор мандат во Белата куќа.
Uncategorized
Најдено тело на четиригодишно дете кое паднало oд брод со мигранти
Крајбрежната стража на Грција вчеравечер уапси маж кој со брод се обидел да избега додека криумчарел мигранти, додека пак пред два дена, по дојава дека биле истоварени мигранти кај Икарија, властите пронашле тело на четиригодишно дете.
Патрола на крајбрежната стража го забележала бродот како се движи со голема брзина кон западниот брег на Хиос, по што започнала потера, а криумчарот отишол кон плажата Гларој каде ги „истоварил“ сите патници кои избегали.
Подоцна, Крајбрежната стража и локалната полиција подоцна пронајдоа 16 мажи, 11 жени и девет деца, по што биле однесени во прифатен центар на Хиос.

