Македонија
Возилата се набавени законски, реагира Министерството за одбрана
Возилата се набавени преку транспарентна постапка за јавна набавка, реагира Министерството за одбрана на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека фирма-донатор на СДСМ го добила тендерот.
-Јасно е дека ВМРО ДПМНЕ не може да замисли јавна набавка без министер или премиер да дадат нарачка како за „она на М“. Праксата на набавки како што беше набавен блиндираниот мерцедес во времето на ВМРО ДПМНЕ заврши. Оваа партија продолжува со опасна манипулација на јавноста – и покрај тоа што вчера во медиумите беше објавен одговор од МО во кој јасно стои дека возилата се набавени за служба во МО чиј возен парк беше амортизиран, дека не се работи за пари на граѓаните, туку за странска донација, и дека потпишаниот договор е за речиси 2 милиони денари поевтин во однос на проектирната сума за набавка на возилата, тие денеска решија да лажат – реагира Министерството.
Од таму велат дека возилата се набавени преку транспарентна постапка за јавна набавка согласно Законот за јавни набавки.
-Вкупната вредност на Договорот за сите 11 возила изнесува 9 453 500 денари, што е за околу 2 милиони денари пониска сума од проценетата врeдност на набавката. Набавката беше поделена во 3 дела, во сите три дела по објавен оглас во отворена постапка се јавија повеќе понудувачи и по спороведена електронска аукција согласно критериумот најниска цена, беше избран најповолен понудувач за секој дел од набавката. За целата набавка вкупно шест понудувачи учествуваа на електронска аукција и така е постигната најниската цена по која е склучен договорот за набавка. Јасно, кристално чисто и законски, велат од МО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

