Македонија
Братот на премиерот, Вице Заев, не сака камери во судницата
Адвокатот на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, не дал согласност медиумските екипи да го снимаат рочиштето за тужбата за клевета против тужениот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ во Основниот суд Скопје 2.
Новинската агенција „Макфакс“ испрати барање до претседателот на судот, Илир Сулејмани, за визуелно и звучно снимање на рочиштето, кое треба да се одржи на 26 февруари. Судот прибавил мислења од двете страни, при што полномошникот на тужителот навел дека не се согласува со аудио и визуелно тонско снимање oд медиумите. Тужениот Николоски се сложил. Врз основа на тоа претседателот на судот одлучил да не дозволи снимање.
Според одредбите од Судскиот деловник, звучното и визуелното снимање во парничната постапка и во управните постапки може да се врши со одобрение на претседателот на судот, но со претходна согласност од странките во посапката. Тоа значи дека јавноста ќе може да известува за рочиштето, но без присуство на камери и фотоапарати.
Во Основниот суд Скопје 2 на 16 јануари годинава се одржа подготвително рочиште за тужбата за клевета на братот на премиерот Заев, Вице Заев, против потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Причината за тужбата е поради тоа што Николоски во телефонско интервју за една телевизија рекол дека Вице Заев и неговото семејство ги добиваат сите главни бизниси во државата. На следното рочиште треба да биде распрашан братот на премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Жителите на Леуново се евакуирани и безбедни
Жителите на Мавровско Леуново се евакуирани поради неповолни услови, со успешно спроведена операција од надлежните служби.
Сите жители на Мавровско Леуново се евакуирани поради неповолните услови, соопштија надлежните служби. Евакуацијата е успешно спроведена, а службите кои беа ангажирани за поддршка и логистика ја покажаа својата подготвеност и координираност.
Жителите и посетителите на хотелот „Радика“ користеле автомобили и џипови за да стигнат до Маврово, каде патот е прооден и безбедноста е загарантирана. Според информациите, само неколку лица одлучиле да останат, по своја желба.
Евакуацијата помина без проблеми благодарение на брзата реакција на локалните власти и службите кои ја надгледуваа операцијата. Надлежните апелираат граѓаните да се придржуваат до препораките за да се избегнат несакани последици.
Останува ситуацијата да се следи, а службите се подготвени за дополнителни активности ако тоа е потребно.
Македонија
Највисока снежна покривка од 68 см во Маврови Анови
Врнежите од снег на планинските места ја зголемија и проширија снежната покривка особено во западниот дел од земјата. Како што соопшти УХМР, 68 сантиметри се измерени на Маврови Анови, 51 см на Попова Шапка, 25 во Лазарополе и 5 см во Берово.
Во пониските места, пак, врнежите беа од дожд. Најмногу наврнат воден талог за изминатите 9 часа до 16 часот, од 38 л/м2 се измерени во Крушево, 33 во Кавадарци, 32 Попова Шапка, 31 Маврови Анови, 30 Тополчани, 19 Битола, 17 Прилеп, 14 Берово, 12 Лазарополе, 10 Гевгелија, 9 Велес, Струмица, 6 Тетово, Виница, 5 Скопје – Зајчев Рид и 3 л/м2 во Штип, Пожаране и Охрид.
Времето утре наутро умерено до значително облачно со појава на слаб локален дожд и снег особено во јужните делови од земјата. Попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 2 до 8 степени.
Во Скопје претпладне облачно, преку денот тивко, а облачноста ќе се намалува.
Минималната температура ќе се спушти до 2 , а максималната ќе достигне до 8 степени.
До средината на неделата времето ќе биде стабилно со услови за појава на магла по котлините, а постојната снежна покривка постепено ќе се намалува. Наоблачување со појава на повремен дожд, а на планините и дел од повисоките места од снег ќе има во ноќта кон четврток и потоа преку денот.
Македонија
Груби негира поврзаност со лицата кои го палеа македонското знаме
Поранешниот вицепремиер и функционер на ДУИ, Артан Груби, го осуди палењето на македонското знаме за време на прославата на Денот на Албанското знаме. Во својата објава на Фејсбук тој ги демантираше наводите за неговата поврзаност со настаните искажани од Коалицијата „Влен“ и побара јавно извинување.
– Немате сила! Ниту знаење, ниту храброст, но уште поважно, ја немате волјата на Албанците, туку ја имате милоста на ВМРО и желбата да се потчинуватe и да им служите. Го осудувам насилството и палењето знамиња, како што го осудувам и институционалното поттикнување на тензии и селективната моноетничка правда и во најсилна можна форма демантирам каква било моја наводна монструозна и пропагандистичка поврзаност со настаните од 28 ноември. Срамот што си го наметнавте на себе и на вашите семејства не се покрива со никаква клевета, затоа, согласно законот, очекувам извинување од клеветникот во рок од 24 часа, во спротивно ќе го тужам за откривање на неговите лаги кои им се секојдневие, стои во објавата на Груби.
Коалицијата „Влен“ денеска на прес-конференција обвини дека младите кои го запалија државното знаме на Денот на албанското знаме се блиски соработници на поранешниот вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
– Со задоволство и гордост можеме да соопштиме на пошироката јавност дека Денот на независноста на Албанија се сметаше за идеален момент за дестабилизација на ДУИ, овој план беше срушен со 17 лице притворени. Зашто, никој никогаш во замена за ништо не може да запали државни и национални знамиња, без разлика на нивната припадност. Ние ја завршивме нашата работа многу професионално и многу брзо. Со жалење и загриженост ве известуваме дека ВЛЕН обезбеди и фотографии кои докажуваат дека младите кои го запалија државното знаме се блиски соработници на мајсторот на казиното, Артан Груби, изјави денеска Арбен Фетаи, секретар за надворешни прашања од Алијанса за Албанците, кој е и актуелен заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење.