Забава
Објавена листата на најскапи градови за живеење, на прво место Њујорк и Сингапур

Њујорк и Сингапур се најскапите градови за живеење во светот во 2022 година бидејќи зголемените цени на енергијата ја удвоија стапката на инфлација во светските главни градови, според годишното истражување на Economist Intelligence Unit (EIU).
Минатогодишниот лидер – Тел Авив падна на третото место, Сиднеј влезе во топ-10, а Москва и Санкт Петербург од Русија се искачија дури 88 места погоре бидејќи санкциите и растот на цената на нафтата ги зголемија цените, според извештајот за трошоците на животот на EIU, пренесува „Гардијан“.
На листата на најскапи градови паднаа градовите во земјите во кои националната валута ослабе. Токио и Осака завршија на 37. и 43. место соодветно во споредба со 13. и 10. место, каде што беа во 2021 година.
Најмногу паднаа Стокхолм и Луксембург – по 38 места – сега се на 99. и 104. место.
Дамаск во Сирија и Триполи во Либија ги задржаа титулите на најевтини градови во истражувањето.
Поставувањето на Сингапур на врвот на индексот не беше изненадување, според „Гардијан“. Тој е вториот најскап град во 2021 година и е број еден во осум од изминатите 10 години. Оваа година е првпат Њујорк да биде рангиран како најскап град за живеење.
Три градови во Велика Британија паднаа на рангирањето. Лондон сега е на 28. место за разлика од 17-тото во 2021 година. Единбург падна од 27. на 46., а Манчестер е 73-ти најскап град за разлика од минатата година на 41. место.
Австралиските градови се искачија на ранг-листата. Мелбурн сега е 15-ти од 16-тото минатата година, а Бризбејн напредуваше четири места, сега е на 32. место. Перт падна за две места, сега е на 73-тото место.
Глобалниот пораст на инфлацијата се забрзуваше пред војната во Украина да предизвика прекини во снабдувањето со клучни производи, особено храната. Последователните санкции против Русија предизвикаа дополнително зголемување на цените на нафтата, гасот и другите енергетски производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Сè што може Жизел… може и тој! Том Брејди со провокативно селфи

Новопечениот ерген Том Брејди се соблече во долна облека и сподели провокативна фотографија на „Инстаграм“ во понеделникот – само неколку дена откако неговата поранешна сопруга Жизел Бундхен ги покажа своите облини додека позира на фотосесија на плажа.
Фудбалската ѕвезда (45) сподели разголена фотографија во „Инстаграм-приказни“ и на „Твитер“ додека го промовира сопствениот бренд за долна облека.
Атлетичарот, кој неодамна објави дека се повлекува од НФЛ, на себе има тесна долна облека додека ги покажува затегнатите стомачни мускули.
Впечатливата фотографија, на која се гледа како седи на работ од ненаместен кревет со раширени нозе со раката преку интимниот дел, не личи на ништо слично што Том досега го споделил. Оваа објава бргу предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.
Многу фанови беа изненадени бидејќи никогаш не го имаа видено во вакво светло. Некои корисници на интернет објавата ја опишаа како „стапица за жед“, а други се шегуваа дека тој станал лошо момче по напуштањето на фудбалот.
„Друже, сопругите и девојките на многу луѓе се на оваа апликација“, твитна еден корисник.
„Ако тоа е ова што мора да го трпиме од тебе поради твоето пензионирање, тогаш очекувам да те видам на тренинг-кампот“, твитна друг.
Том ја сподели фотографијата како одговор на зделката што ја направи со својата компанија за облека „Брејди Ббенд“, која продава кошули, панталони и долна облека.
Забава
Би-би-си: Интересни моменти од 65. издание на „Греми“

Во неделата вечерта во Лос Анџелес се одржа доделувањето на Греми-наградите, а трофеи добија сите од Ози Озборн и Адел до Вили Нелсон и Бијонсе, пишува Марк Севиџ од британски Би-би-си.
Хари Стајлс ја доби посакуваната награда за најдобар албум, Вајола Дејвис се стекна со статусот ЕГОТ, Бијонсе стана најнаградуваниот изведувач во историјата на „Греми“.
Музичкиот дописник на Би-би-си издвои неколку интересни моменти на вечерта, која, според него, имаше многу пресврти.
„Што треба да направи Бијонсе за да освои ‘Греми’ за најдобар албум?“, прашува тој во својата колумна.
Оваа година Renaissance беше претпоставениот фаворит за албум на годината. Но, четврти пат во кариерата Бијонсе беше победена во категоријата „Најдобар албум“. Овој пат круната ја зеде Хари Стајлс. Претходно тоа беа Бек, Адел и Тејлор Свифт. Која е пораката што „Греми“ се обидува да ја испорача овде? Се чини дека е: престанете да бидете толку впечатливи и напишете музика со која се чувствуваме удобно!
Во колумната има и коментар за музичарите кога го примаат трофејот. „Сите треба да работат на своите говори, освен Лизо. Изгледа дека не беше голема ноќ за држење говори“.
Понатаму, како и многумина, така и Севиџ забележа дека Бен Афлек не е импресиониран. Тој присуствуваше на церемонијата за да ја поддржи својата сопруга и очигледно дека целиот настан му беше прилично досаден.
Фотографии на кои тој се чини целосно незаинтересиран, не помрднувајќи го телото и вртејќи ја главата како Стиви Вондер додека Џенифер Лопез танцува на својот стол набргу се појавија на социјалните мрежи.
„Колку и да сте имале лош ден, сигурен сум дека не се чувствувате толку бедно како Бен Афлек на ‘Греми’ во моментот“, напиша еден набљудувач. „Можете да видите како неговите батерии се празнат во реално време“.
„Греми“ со задоцнување сфати дека хип-хопот е прилично добар.
Тоа беше голема ноќ за Ким Петрас.
Сем Смит и Ким Петрас освоија трофеј во категоријата „Најдобра соработка на поп дуо/бенд“ за својата секс-мелодрама Unholy, која ја изведоа на сцената со Смит облечен како ѓавол.
Забава
(Видео) Сопственичка покажа како го научила своето милениче на галење

Мачките се познати како своеглави, мистериозни и резервирани суштества, но како и секое друго живо суштество, така и тие умеат да искажат љубов. Единствено, ви треба малку поинаков пристап.
Тие не се како кучињата склони кон претерано галење. Сепак, мачорот Пакито докажува дека може да се научат од мали. Неговата сопственичка сподели видео на „Тик-ток“, во кое објаснува дека го галела своето милениче уште кога бил мал и секој ден го бакнувала на врвот на главата.
„Сега бара бакнеж секоја вечер пред спиење“, додава таа.
@paquito_thecat Sharing how I raised my cat to be cuddly. Follow for more! #cat #catsoftiktok #fyp #catlover #purring #asmr ♬ original sound – Paquito Del Barrio
Видеото собра над 800.000 прегледи, а многумина ги споделија своите искуства во делот за коментари.
„Некогаш и јас правев така, ама сега мојата мачка бега од мене“, „Мојата мачка сака да се гали и не би го менувала тоа за цел свет“, „Се обидов така и не успеа. Мојот мачор сака галење, но мрази бакнежи“, беа некои од коментарите.