Екологија
Отворање на пермакултурна градина во МКЦ

Во Младинскиот културен центар утре (20 мај) ќе биде отворен новиот зелен простор во градот наречен „ГРАДИДНИНА“.
„’Градиднина’ е новата пермакултурна градина во Скопје, создадена за поддршка на широки иницијативи во зародиш. Изградбата на просторот е резултат на учеството на МКЦ во меѓународниот проект насловен ‘Big Time Takeover’ развиен преку Ерасмус KA2 Програмата за соработка и инвовација и размена на добри пракси на Европската Унија. Прокетот се реализира во периодот од мај 2021 до јуни 2023 година, заедно со останатите европски партнери во проектот: Associazione culturale Mulab од Италија, Rinova Limited (Велика Британија), HFC-Hope for children CRC Policy Centar (Кипар) и Fundacija Arteria (Полска)“, информираат од МКЦ.
„Big Time Takeover“ има за цел да ги поттикне младите од 13 до 18 години да ја користат својата креативна моќ и потенцијалот на уметноста, природата и модерната технологија за да проговорат на прашањата што ја засегаат заедницата и развојот на идните генерации.
МКЦ преку овој проект ја согледува можноста да проговори за потребата од грижлив и одржлив пристап кон градинарството и урбаното живеење со акцент на креативниот и социјален развој кај младите.
„Од самиот почеток на проекот МКЦ соработува со уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски (Press to Exit project space) со цел да развие современ интердисциплинарен, уметнички и едукативен концепт и програма која ќе ги опфати сите клучни цели и насоки на проектот“, наведуваат од Младинскиот културен центар.
Клучен во развојот на овој проект е социологот и градинар Хајан Алхалаби, познавач во областа на пермакултурата и соработник на граѓанската иницијатива „Бостание“. Алхалаби е вклучен како експерт и едукатор во проектот.
„Целта на ГРАДИДНИНА е да прерасне во благородно и динамично место, кое покрај својата основна функција во духот на одржливата агрикултура и грижлив однос кон природата, ќе прерасне и во простор за реализација на различни широки иницијативи на сите заинтересирани поединци од уметнички, едукативен и социјален аспект“, појаснуваат од МКЦ додавајќи дека во создавањето на градината учествувале и гимназијалците од СУГС Никола Карев под менторство на професорката Емилија Ристановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Екологија
За две години, „Пепси“ ќе продава сокови само во рециклирана амбалажа

Компанијата „Пепси“ одлучи да ја укине пластиката добиена од сурова нафта, која се користи за пакувањa и амбалажи, на девет пазари на Европската Унија до 2022 година.
Во иднина пакувањата што ги користи „Пепси“ ќе бидaт направени од рециклирана пластика, а компанијата ќе продолжи да работи на подобрување на моделот за повторна употреба на шишиња и други амбалажи, се вели во соопштението на производителот на сокови.
Се прецизира дека фабриките за пакување на „Пепси“ во Шпанија, Германија, Романија, Полска и во Грција ќе почнат да користат рециклирана амбалажа веќе в година, а погоните во Франција, Белгија, Велика Британија и во Луксембург ќе користат 20 проценти рециклирана пластика до 2022 година.
„Пепси“ проценува дека со префрлањето на 100 проценти рециклирана пластика годишно ќе се елиминираат повеќе од 70.000 тони отпаден полиетилен базиран на фосилни горива.
Екологија
„Сименс“ и „Дојче бан“ развиваат возови на водород

Германскиот индустриски гигант „Сименс“ и „Дојче бан“ почнаа со развој на возови со горивни ќелии и станици за полнење, кои ќе бидат тестирани во 2024 година како дел од планот за замена на дизел-моторите на германските железници.
Прототипот ќе го гради „Сименс“ и ќе се базира на електричниот вагон „Мирео плус“, кој ќе биде опремен со горивни ќелии за претворање на водородот и кислородот во електрична енергија, соопштија двете компании.
Извршниот директор на „Сименс мобилити“, Мајкл Питер, објасни дека возовите ќе комбинираат можност за напојување од три извори во модуларен систем – батерии, горивни ќелии и постјното надземно напојување, во зависност од тоа каде ќе сообраќаат.
Германската железничка компанија „Дојче бан“ сè уште нема електрифицирано 40 проценти од мрежата со вкупна должина од 33.000 километри, која ја користат 1.300 дизел-локомотиви.
„Нашите возови на погон на водород ќе може долгорочно да ги заменат дизел-возовите“, рече Питер.
Новиот прототип ќе се полни за 15 минути и ќе има опсег од 600 километри до следното полнење, како и максимална брзина од 160 километри на час.
Локомотивите ќе бидат тестирани на линиите помеѓу Тибинген, Хорб и Пфорцхајм во сојузната покраина Баден Виртемберг.
„Главниот целен пазар се регионалните мрежни оператори, кои обично имаат меѓу 10 и 50 возови“, објасни Питер.
„Гледаме пазарен потенцијал од 10.000 до 15.000 возови што треба да се заменат во Европа во следните 10-15 години, од кои 3.000 само во Германија“, додава тој.
Екологија
Во Средоземното Море секоја година завршуваат над 200.000 тони пластика

Повеќе од 200.000 тони пластика завршуваат во Средоземното Море секоја година, објави Меѓународниот сојуз за зачувување на природата (IUCN), со строго предупредување дека таа количина ќе се зголеми двојно до 2040 година доколку не се преземат драстични мерки.
Новиот извештај на IUCN со наслов „Медитеран: Море од пластика“, заснован на теренски студии, проценува дека 33 медитерански земји фрлаат 229.000 тони пластика годишно, што е количина поголема од онаа на 500 бродски транспортни контејнери.
Дури 94 проценти од пластиката завршува во морето како резултат на лошото управување со отпадoт и се таложи на морското дно во форма на микропластика или честички помали од пет милиметри.
IUCN проценува дека можеби 3,5 милиони тони пластика се насобрале во Медитеранот на овој начин.
„Загадувањето со пластика може долгорочно да им наштети на копнените и морските екосистеми и на биодиверзитетот. Морските животни може да се заплеткаат во пластичен отпад или да го проголтаат и на крајот да умрат од исцрпеност и глад. Покрај тоа, пластичниот отпад ослободува хемикалии во животната средина, кои може да бидат штетни за екосистемите и здравјето на луѓето, особено во полузатворено море како Средоземното“, рече Мина Епс, директорка на Глобалната поморска и поларна програма на IUCN.