Забава
Поранешниот возач на принцезата Дијана: Не ја знаеше вистината, тоа сè уште ме прогонува и по 27 години
Принцезата Дијана трагично загина во сообраќајна несреќа во Париз на 31 август 1997 година. Повеќе од 27 години по нејзината смрт, возачот на принцезата, кој доби отказ една година пред кобната несреќа, го даде своето прво интервју, во кое зборуваше за она што оттогаш го прогонува.
Покрај тоа што беше нејзин личен возач, Стив Дејвис со текот на времето станал нејзин многу добар пријател. Таа вечер кога загина Дијана, тој не го управуваше возилото бидејќи, како што рече, добил отказ една година претходно, во март 1996 година.
„Тоа се случи преку ноќ. Од некој што ја возеше насекаде, до забрана за пристап до нејзиниот автомобил. По божиќните празници, ми рекоа дека не сака да сум во близина на нејзиниот автомобил“, изјави тој за „Дејли мејл“. „Продолжив да земам плата, но единственото нешто што можев да го направам е да седам во гаража по десет часа на ден, колку што траеше мојата смена, без никаква работа, а потоа си одев дома. Бев скршен, понижен. Таа ме игнорира“, додаде тој.
Во тоа време, тој не знаеше дека е колатерална жртва на британскиот новинар Мартин Башир, кој ја наведе принцезата на најтешкото интервју во историјата на кралското семејство – нејзиното појавување во емисијата „Панорама“ во ноември 1995 година.
Новинарот ја убедил Дијана дека сите се против неа
Имено, во септември истата година на тајна средба со принцезата и нејзиниот брат ерл Спенсер, Башир ја убедил Дијана дека нејзините пријатели и најблиски соработници се дел од заговор против неа. Конкретно, новинарот го нарече возачот Стив шпион на медиумите и ја предупреди принцезата дека нејзиниот автомобил го следат и е озвучен.
„Бев принуден да ја напуштам работата што сакав да ја работам до крајот на мојот живот. Работата за кралското семејство подразбира доверба, лојалност, дискреција и чувство на должност. Вашата репутација и вашето добро име значат сè. Башир ме лиши од тоа кога ги упати овие обвинувања пред Дијана, јас не бев човек што троши време и енергија на незадоволство или лутина, но таа умре верувајќи дека сум ја изневерил и тоа е нешто што не можам да го заборавам или простам“, сподели Стив.
„Верувам дека Дијана ќе беше жива денес ако јас ја возев во Париз. Никогаш немаше да дозволам работите да се случат онака како што се случија таа вечер. Секогаш преземав дополнителни мерки на претпазливост кога стануваше збор за нејзината безбедност. Ја возев во разни ситуации и секогаш обрнував внимание на секоја ситница“, рече тој и додаде дека секогаш инсистирал на врзување на појасот и внимателно ги проверувал сите услови пред да тргне со автомобилот.
Башир, кој ја измами принцезата Дијана на интервју, подоцна им се извини на нејзините синови, принцовите Вилијам и Хари, а во таа пригода истакна дека е неразумно неговите постапки да се поврзат со смртта на Дијана. „Никогаш не сакав да ѝ наштетам на Дијана на кој било начин и не верувам дека го направив тоа“, рече Башир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(Видео) На 81 година, Мајкл Даглас вози санки по Арктикот и спие во хотел од мраз
Мајкл Даглас (81) објави видео од Арктикот, каде што вози моторни санки и престојува во хотел изграден целосно од мраз. Ова патување доаѓа откако неодамна го посетил и Антарктикот. Во снимката, тој ги опишува мразот, излегувањето на сонцето околу 10 часот и мракот кој паѓа веќе во 14 часот. Посетил и леден хотел со уметнички скулптури во собите.
Покрај патувањето, Даглас најави и објавување на свои мемоари, каде што ќе зборува отворено за својот живот, семејството и искуствата надвор од славата.
View this post on Instagram
Забава
Каков прв состанок сака секој хороскопски знак
Некои сонуваат за вечера со свеќи, други би побегнале на патување, а трети најмногу се вљубуваат додека се забавуваат на исто место во исто време. Идеалниот состанок не изгледа исто за секого – бидејќи ниту романтиката не е универзална. Каков состанок одговара на секој хороскопски знак, открива „Индекс“.
♈ Овен
Најлошо му е кога е сè пребавно и „премногу тивко“. Идеалниот состанок започнува спонтано: краток пијалок, па некаква активност – билијард, картинг, пикадо, видео игри – што било каде што нешто се случува и каде што може да се натпреварува (па макар и на шега).
♉ Бик
За него романтиката е во уживањето. Вечера во проверен добар ресторан, десертот не се прескокнува, па мирна прошетка – тоа е неговиот јазик на љубов.
♊ Близнаци
Не поднесуваат состаноци кои изгледаат како долга пауза. Им треба динамика: кафе, па изложба или паб квиз, па „ајде уште тука“ – идеално кога вечерта има неколку станици, а разговорот секогаш оди во нов правец.
♋ Рак
Бара чувство на сигурност и топлина. Пријатно бистро, домашна вечера или филмска вечер, со акцент на „ние“ – без врева, без глумење, со разговор што останува во срцето.
♌ Лав
Сака сè да изгледа како настан. Коктели на убаво место, добра светлина, малку гламур и чувство дека вечерта е посебна – дури и ако трае само неколку часа.
♍ Девица
Не поднесува хаос, но го вреднува трудот. Идеалниот состанок е организиран и смислен: кафе, па прошетка или мал излет – деталите се важни, но на тивок, прецизен начин.
♎ Вага
Ја сака естетиката и атмосферата. Вино, убава околина, галерија или некој културен настан, па вечера на место каде што не мора да се викаш за да се слушнеш – сè треба да биде „по мерка“.
♏ Шкорпија
Не се пали на генерички сценарија: сака нешто интимно, малку мрачно, со доза на напнатост. Добар бар, музика, долг разговор и чувство дека „нешто се случува“, и без многу зборови.
♐ Стрелец
Најсреќен е кога состанокот е мини авантура. Роуд трип до блиско место, улична храна, нешто ново и смешно, план кој се менува во движење – за него романтиката е во слободата.
♑ Јарец
Вреднува квалитет без драма. Сериозна, добра вечера, добро вино и разговор со смисла. Без потреба од спектакл, но мора да се почувствува почит и намера.
♒ Водолија
Бега од клишеа. Идеалниот состанок е неконвенционален: стендап, паб квиз, алтернативен концерт или нешто сосема случајно – што подоцна ќе стане добра приказна.
♓ Риби
Најнежни од сите. Прошетка покрај вода, топло вино или чоколадо, мирна атмосфера и романтика што повеќе се чувствува отколку што се планира.
Естрада
По нападите врз Чолиќ и Кајмакоски, Хари Мата Хари не стравува: „Нема што да земат од мене, не станав богаташ од оваа работа“
Познатиот пејач Хари Мата Хари наскоро ќе одржи концерт во Белград, а особено се радува што по 10 години објави нова песна. На прес-конференција, тој отворено зборуваше за својата кариера, за колегите од естрадата, но и за актуелната клима на страв по неодамнешните инциденти.
По нападот врз домот на Здравко Чолиќ, кога беше фрлена бомба, и по киднапирањето на Даниел Кајмакоски, дел од музичката сцена изрази загриженост. Но, Хари тврди дека нема причина да се плаши.
„Мислам дека не сум толку важен. Немам обезбедување. Немам што да им дадам, немаат што да земат од мене“, изјави Хари, додавајќи дека е убеден дека не се замерил со никого, пренесе „Пинк“.
„Не станав богаташ од оваа работа, ниту некого премногу го иритирав. Не сум се дружел со погрешни луѓе“, додаде тој.

