Забава
(Видео) „Како татко не можам ова да го разберам“: снимка од Маск како го остава синот сам на скалите стана вирална
Илон Маск се соочи со критики откога беше објавено видео на кое се гледа како заминува без својот син X Æ A-Xii. Видеото стана вирално на социјалните мрежи додека Трамп и Маск продолжуваат да работат заедно во Белата куќа, каде што Маск е назначен за висок советник на претседателот.
Извршниот директор на „Спејс икс“ често го вклучува својот син, љубезно познат како X, во секојдневните активности додека тој сè повеќе влегува во политичкиот свет. Неодамна го одведе во Овалната соба, каде што останаа заедно додека Маск и Трамп разговараа со новинарите. Додека некои гледачи беа воодушевени што го видоа малиот Икс во друштво на американскиот претседател, други го критикуваа Маск затоа што изгледаше како да го остава својот син на претходен настан.
The so-called genius forgot his human shield son. What a loving father. pic.twitter.com/p4Pvy4bIXk
— Mukhtar (@I_amMukhtar) February 23, 2025
На снимката, за која се верува дека е направена во јануари, се гледа како Маск се спушта по метални скали и им мавта на обожавателите кога ќе стигне до дното. Во заднина се гледа четиригодишниот Х, кој полека се спушта по широките скали држејќи се за двете огради. На дното од скалите стои човек во костим, веројатно чувар, а Х продолжува да се спушта. Сепак, изгледа дека Маск не го чека својот син – на видеото се гледа како тој решително се оддалечува и исчезнува од кадарот.
Камерата потоа повторно се фокусира на X, кој сè уште внимателно се спушта по скалите. Со оглед на тоа што на видеото не се гледа дали некои други возрасни лица го придружувале детето, многу гледачи биле изненадени од глетката. Еден коментатор напиша: „Видеото сериозно ме вознемирува и растажува“.
Видеото има над 25 милиони прегледи.
Други го опишаа видеото како вознемирувачко, а еден корисник коментира: „Како татко, едноставно, не можам да го разберам ова. Можам да бидам сам на шопинг и сè уште рефлексно проверувам каде е моето дете. Не можам да замислам дека оваа навика некогаш ќе исчезне. Мојот син има три години. Колку години има Илон? Пет?“
Сепак, некои ги бранеа постапките на Маск посочувајќи дека безбедносните мерки на настанот значеле дека X веројатно никогаш не бил целосно без надзор. Еден корисник одговорил на критиките велејќи: „Зошто? Правилно го прави тоа. Така детето станува независно и стекнува доверба“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Ејми Шумер ослабе, па ги избриша сите стари фотографии од „Инстаграм“
Ејми Шумер одлучи да почне одново на „Инстаграм“. 44-годишната комичарка и актерка ги изненади своите следбеници со бришење на сите претходни објави од својот профил оставајќи само една нова фотографија, на која позира во црвен фустан. Таа го објасни својот потег едноставно велејќи дека нема причина за тоа.
На новата фотографија ѕвездата од Trainwreck носи црвен мини фустан од „Валентино“ во облик на срце, кој го комбинира со чевли од „Шанел“.
View this post on Instagram
„Се чувствувам добро и среќно. Ги избришав моите стари фотографии без причина!“, напиша таа.
Неколку часа пред да го избрише својот профил, таа објави снимка од екранот од својата прва објава во своите инстаграм-приказни. „Мојата прва објава на ‘Инстаграм’. Ќе ги избришам сите – зошто да не?“, напиша таа.

Потегот доаѓа откога Шумер неодамна отворено сподели фотографии што го документираат нејзиното патување за слабеењето. Кон крајот на октомври таа објави серија фотографии со натпис „Се чувствувам силно и своја“.
Актерката претходно отворено зборуваше за своите проблеми со тежината, вклучувајќи ги и липосукцијата во 2022 година и ужасното искуство со лекот „оземпик“.
„Го имам генот GDF15, што ми прави исклучителна мачнина, поради што бев толку болна за време на бременоста“, рече таа во јануари во емисијата „Хауард Стерн“. „Значи, го пробав ‘оземпик’ пред речиси три години и бев како прикована за кревет. Повраќав, а потоа немате енергија. Но, другите луѓе го земаат и сè е добро. Па бог да ги благослови“.
Откога го проба „оземпик“, таа се префрли на друг лек – GLP1, „мунџаро“, три години подоцна. Во март оваа година таа објави видео во кое вели дека имала одлично искуство по втората инјекција.
Откога јавно ја сподели дијагнозата за Кушингов синдром во 2024 година, Шумер рече дека сака да стане застапник за женското здравје.
Кушинговиот синдром е ендокрино нарушување предизвикано од долготрајно покачено ниво на хормонот кортизол во телото и може да се појави поради прекумерно производство на кортизол или како резултат на земање глукокортикоидни лекови. Симптомите вклучуваат тркалезно лице, акумулација на маснотии во абдоменот и на вратот, тенка кожа, модринки, замор, висок крвен притисок и остеопороза.
„Срамот и критиките кон нашите постојано менувачки тела се нешто со што се справувам и на кое сум сведок долго време“, рече таа во видео на „Инстаграм“ во тоа време. „Толку многу сакам жените да се сакаат себеси и да бидат немилосрдни во борбата за сопственото здравје во систем што обично не им верува“.
Забава
Актерката што регрутира жени во култ сега учи како да спасува луѓе
Актерката Алисон Мек, најпозната по улогата во серијата „Смолвил“, по излегувањето од затвор, се обидува да изгради нов живот и кариера.
Таа беше уапсена во 2018 година поради учество во сектата НХИВМ, која се претставувала како организација за самопомош, а всушност служела за сексуално искористување жени. Во 2021 година беше осудена на три години затвор, а пуштена е во 2023.
Мек денес студира социјална работа и вели дека сака да го посвети животот на помагање на другите. Во седумделниот поткаст „Алисон афер НХИВМ“ призна дека ја злоупотребила својата моќ, но и дека дел од неа навистина сакал да им помага на луѓето.
Во сектата таа имала улога на шефица што регрутира жени уверувајќи ги дека станува збор за програма за женска моќ. Жените биле подложени на изнудувања, глад, жигосување и сексуална злоупотреба од водачот Кит Раниер, кој е осуден на 120 години затвор.
Забава
Концерт на Божо Вреќо на 21 ноември во Скопје
Божо Вреќо, најпознатата босанскохерцеговска ѕвезда на денешницата, на 21 ноември доаѓа во Скопје каде што ќе настапи во Македонската филхармонија.
Вреќо е лирски тенор кој со својот ангелски глас ги испева најдлабоките емоции. Неговиот пристап е навистина катарзичен, трансверзален и уникатен, како што пишуваат светските медиуми како францускиот ARTE, американскиот New York Times и шпанскиот El Periodico.
Споменатите медиуми го нарекуваат и „икона на слободата, ангелски глас што ги милува душите и ги отвора срцата“. За неговата популарност и квалитет најдобро зборува фактот дека билетите за концертот кон крајот на минатата година во Сараево беа распродадени за само седум часа. Вреќо пее за љубовта, копнежот и раздвоеноста, за тагата, меланхолијата и осаменоста. Секој стих на Божо е како исповед и признание на љубовта, оттаму и магијата на неговите концерти. Тој соработува со особените уметници од светски глас со кои има напишано и нови севдах текстови што неговата сè побројна публика едноставно ги обожава, од „Лејлија“ па сè до „Саба“. Божо Вреќо навистина се одликува со несекојдневен опус, бидејќи вредно работи на музиката и на истражувањето на балетот и операта, како и на документарни филмови за севдалинката, на која ѝ дава и свој авангарден придонес.
Секако, ги проучува и мистичностите на балканската автохтона монофона и полифона музика. Неговите концерти се вистински суфи транс кој во себе го носи севдахот во неговата изворна и целосно ослободена форма. Кај луѓето ги ослободува сите потиснати емоции и предизвикува солзи на концертите, како и некои натприродни енергии кои се прелеваат од човек на човек и заедно создаваат бран воодушевување, љубов и катарза. Двојноста со која зрачи овој несекојдневен уметник го прави еден од најзначајните интерпретатори на модерниот карасевдах, кој жанровски навлегува и во сферите на џезот, блузот, спиритуалното и полифоното.
Билетите се достапни на karti.com.mk.

