Актерката Џенифер Кулиџ, најпозната по улогата на мајката на Стифлер во култната комедија „Американска пита“, откри дека таа улога ѝ донела неочекувани придобивки во приватниот живот. Таа тврди дека, благодарение на статусот на МИЛФ-икона, спиела со речиси 200 мажи, со кои, како што вели, инаку немало да има можност да спие, пишува „ЛАД бајбл“.
„Американска пита“, тинејџерска комедија што го обележа крајот на деведесеттите години, на светот му го претстави ликот на Стифлер, незаборавната сцена со питата од јаболка и, секако, мајката на Стифлер. Улогата на Џанин Стифлер, привлечна постара жена, која заведува пријател на својот син, ја лансира тогаш 38-годишната Кулиџ меѓу холивудските ѕвезди и ја претвори во мејнстрим секс-симбол.
Актерката во интервју за „Варајети“ во 2022 година отворено зборуваше за тоа како ја искористила славата што ѝ ја донела оваа улога.
„Улогата на МИЛФ ми донесе огромна популарност. Благодарение на ‘Американска пита’ имав многу сексуална активност“, изјави Кулиџ.
„Имаше толку многу придобивки од снимањето на тој филм. Мислам, спиев со приближно 200 луѓе, со кои инаку немаше да имам можност да спијам“.
Кулиџ го толкуваше овој легендарен лик дури четирипати во популарната франшиза – во филмовите „Американска пита“, „Американска пита 2“, „Американска пита: Венчавка“ и „Американска пита: Обединување“.
Сепак, во истото интервју Кулиџ призна дека славата имала и своја цена. По улогите на мајката на Стифлер и на Полет во филмовите „Русокоса од Харвард“, таа се чувствувала заробена во ист тип улоги верувајќи дека никој во Холивуд не ја доживува како сериозна актерка.
„Ако не добивам одлични улоги, доаѓам до заклучок дека луѓето мислат оти сум неспособна за такви улоги. А потоа донесувам одлука дека навистина сум неспособна. Мора да имате режисер како Мајк Вајт, кој ќе ви каже: ‘Мислам дека ти тоа го можеш’“, објасни таа.
Токму улогата на Тања Меквојд во популарната серија на Ејч-би-о, „Белиот лотос“, зад која стои режисерот Мајк Вајт, ѝ донесе препород на кариерата. Таа улога ѝ го подигна статусот во индустријата и ѝ ја обезбеди првата номинација за престижната награда „Еми“ потврдувајќи го нејзиниот актерски опсег и отворајќи ѝ врата за нови проекти.