Hitech
(Видео) Русите сакаат да го „брендираат“ светското небо
Руската стартап компанија StartRocket има идеја како рекламирањето на џамбо плакати да го зголеми во вистински џамбо размери.
Нивната идеја е во орбитата на Земјата да лансираат стотици мали CubeSat сателити, со големина од 10x10x10 сантиметри, кои ќе можат да се вклопат во одредена формација. Сите сателити од една група би биле лансирани со иста ракета, на височина од околу 450 километри (нешто повеќе од висината на која се наоѓа Меѓународната вселенска станица).
Таму, групата сателити би формирала екран наречен Orbital Display, во кој секој CubeSat би претставувал по еден пиксел кој може да биде индивидуално контролиран. За да се создаде слика, секој сателит ќе има свое огледало кое ја рефлектира сончевата светлина кон Земјата.
На овој начин се создава голем екран што ќе може да орбитира околу нашата планета. Поради брзината на орбитирањето, некои делови од Земјината топка би можеле оваа формација да ја гледаат во траење од околу шест минути при еден прелет.
Таков екран, каков што може да се види и на промотивното видео, ќе може на ноќното небо да пренесува пораки, симболи и, што е најважно во однос на потрошувачкото општество, логоа на компании кои ќе плаќаат за реклама на орбиталниот екран на ноќното небо.
Руските претприемачи изјавија дека сé уште не знаат колку би чинело рекламирањето на т.н. Orbital Display, но очекуваат поддршка од компании и брендови чие его е, како што велат, посјајно и од Сонцето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Hitech
„Епл“ дел од производството го сели од Кина во САД
Американскиот технолошки гигант „Епл“ соопшти дека дел од производството на компјутерот „Мек мини“ ќе го пресели од Азија во Хјустон, САД, а производните линии треба да почнат со работа до крајот на годинава.
Овој потег се надоврзува на најавата од август за инвестиции од 600 милијарди долари во САД во наредните четири години. Во Хјустон е предвиден и центар за обука за напредно производство, а проширувањето, според компанијата, ќе отвори илјадници нови работни места.
Во мај, американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на „Епл“ со царина од 25 отсто за производи произведени во странство. Ситуацијата дополнително се искомплицира откако Врховниот суд на САД пресуди дека претседателот ги пречекорил овластувањата со измената на царините. Трамп потоа најави привремени царини од 10 отсто, со важност до 180 дена.
Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, изјави дека компанијата е „цврсто одлучна да ја поддржи иднината на американската индустрија“.
И покрај тоа, најголемиот дел од производството на „Епл“, вклучувајќи ги „ајфон“ и „ајпад“, и натаму се одвива во Азија, претежно во Кина, иако дел е префрлен во Виетнам, Тајланд и Индија.
Hitech
ИТ-секторот пред пресврт: Вештачката интелигенција ќе замени половина од софтверот
Повеќе од половина од постоечкиот деловен софтвер би можел да биде заменет со вештачка интелигенција (ВИ), изјави Артур Менш, директор и основач на компанијата „Мистрал АИ“.
Неговите коментари доаѓаат во време на растечка загриженост кај инвеститорите за иднината на софтверските компании, чии акции во последните месеци бележат пад, објави „Си-Ен-Би-Си“.
Стравувањата дека вештачката интелигенција може да ги преземе функциите на постоечките деловни програми веќе доведоа до распродажба на акции на големи софтверски компании.
Инвеститорите се сè позагрижени дека ВИ може да ги извршува задачите за кои денес се користи деловен софтвер, што би можело да ги загрози бизнис-моделите засновани на софтвер како услуга (СааС).
Вредноста на фондот „Ајшерс експендед тех – софрвер сектор“, кој ги вклучува компании како „Мајкрософт“ и „Сејлсфорс“, паднала за повеќе од 20 проценти годинава. Пад бележат и акциите на големите индиски софтверски компании како „Тата Консултанси Сервисис“ и „Инфосис“.
„Проценувам дека повеќе од половина од она што ИТ-секторот моментално го набавува во форма на СааС ќе премине на вештачка интелигенција“, изјави Менш на маргините на самитот „АИ Импакт“ во Њу Делхи. „Вештачката интелигенција ни овозможува да развиваме софтвер со брзина на светлината“, додаде тој.
Менш објасни дека компаниите, со „соодветна инфраструктура“, можат да ги поврзат своите податоци со ВИ-системи и да создадат апликации за специфични деловни задачи.
„Кај нашите клиенти гледаме дека за само неколку дена можеме да создадеме целосно прилагодени апликации за управување со работни процеси, на пример за набавка или синџири на снабдување. Пред пет години за тоа ви беше потребен специјализиран СааС“, истакна тој.
Според него, во тек е „промена на платформите“, при што компаниите се насочуваат кон користење ВИ наместо постојните СааС-решенија.
„За нас тоа е голема можност, бидејќи повеќе од 100 деловни клиенти веќе ни се јавија со желба да го редизајнираат својот ИТ-систем. Сакаат да се ослободат од решенија купени пред 20 години, кои стануваат прескапи“, рече Менш. „Тие ја гледаат вештачката интелигенција како начин системот да стане поефикасен и поевтин.“
Сепак, Менш нагласи дека софтверот наменет за системи за складирање податоци „нема да се промени“, бидејќи тој е одговорен за податоците во организацијата и често функционира во соработка со ВИ.
Слично мислење има и Бипул Синха, директор на компанијата „Рубрик“, кој за „Си-Ен-Би-Си“ изјави дека „софтверот за работни процеси“ може да биде значително нарушен од ВИ, но дека софтверот за податочна инфраструктура што ја овозможува ВИ ќе има корист.
Менш потврди дека компанијата оваа година планира да отвори прва канцеларија во Индија, со што влегува на пазар каде што за удел се натпреваруваат сите глобални технолошки гиганти.
Мистрал веќе соработува со меѓународни компании присутни во Индија, а сега активно бара клиенти со седиште во земјата, и во јавниот и во приватниот сектор.
За разлика од Европа, каде што гради сопствени центри за податоци, во Индија компанијата ќе воспостави партнерства со фирми кои веќе имаат физичка инфраструктура.
Индиската влада го поттикнува развојот на ВИ-модели што можат да работат локално, со податоци складирани во рамки на земјата. Големите јазични модели на „Мистрал“ веќе поддржуваат повеќе индиски јазици, меѓу кои хинди и панџаби.
„Тоа е нешто што долгорочно ќе биде исклучително важно за индискиот потрошувачки пазар“, заклучи Менш.
Hitech
Нетфликс надмина 325 милиони претплатници, профитот нагло порасна
Американската стриминг услуга Нетфликс надмина 325 милиони претплатници низ целиот свет, објавувајќи го своето прво ажурирање за бројот на претплатници за една година.
Компанијата ја заврши 2024 година со 301,6 милиони корисници кои плаќаат. Во последниот квартал, Нетфликс ги зголеми приходите за 17,6 проценти на годишно ниво на нешто над 12 милијарди долари. Нето добивката достигна 2,42 милијарди долари, што е зголемување од речиси 29 проценти во однос на претходната година.
Нетфликс моментално бара да го купи студиото и стриминг бизнисот на холивудскиот гигант Warner Bros Discovery. За да го финансира договорот, кој вреди околу 83 милијарди долари, Нетфликс соопшти дека ќе ги суспендира откупите на акции, објавувајќи го овој потег заедно со својот извештај за заработка.
Американските компании често користат откупи за да помогнат во одржувањето на цените на нивните акции.
Акциите на Нетфликс паднаа за дури 5 проценти во тргувањето по затворањето на берзата. Откако се појавија извештаите за плановите за преземање на Warner Bros, акциите изгубија околу 30 проценти од својата вредност. Нетфликс потоа се откажа од плановите да вклучи акции во трансакцијата и изјави дека ќе ја плати куповната цена во готово.

