Забава
Внуката на Џо Бајден среде претседателските избори објави дека е бремена
Америка во моментов нестрпливо ги очекува резултатите од овогодинешните претседателски избори. Меѓу оние кои ја извршија својата граѓанска должност со гласање е и Наоми Бајден, внуката на актуелниот претседател Џо Бајден. Откако гласаше, таа ги изненади своите фанови на Инстаграм со приказна во која откри дека е бремена.
„Гласавме“, напиша Наоми. Покрај тоа, таа објави фотографија на која е во раскошно уредена соба, а во преден план е нејзиниот заоблен труднички стомак. Таа со објавата стави емоуџи со американското знаме и смајли наопаку, а на нејзиното лице се гледа насмевка.
Ова ќе биде нејзиното прво дете кое го очекува со сопругот Питер Џорџ Херман Нил. Наоми е ќерка на синот на Бајден Хантер и неговата поранешна сопруга Кетлин Буле. Таа се омажи за Питер во ноември 2022 година за време на приватна церемонија во Белата куќа.
На венчавката покрај родителите на Наоми присуствуваа и Џо и Џил Бајден. „Беше прекрасно да се гледа како Наоми расте, открива која е таа и го создава овој неверојатен живот за себе. Сега сме горди што таа го избра Питер за свој сопруг и чест ни е да му посакаме добредојде во нашето семејство“, изјавија Џо и Џил на времето.
Наоми е најстарата од петте внуци на Бајден. Синот на Џо, Хантер, ги има ќерките Финеган и Мејси со неговата поранешна сопруга, а ја има и ќерката Нави од претходната врска со Лунден Робертс. Неговата втора сопруга Мелиса Коен го роди синот Бо, именуван по братот на Хантер, кој почина во 2015 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Кога и зошто почнала традицијата на славење на Новата година
Милиони луѓе од целиот светот ја пречекуваат Новата година како симбол на нов почеток и надеж за подобри денови. Но, обичајот на новогодишно славење има длабоки историски корени.
Новата година го означува почетокот на нов временски циклус, а во повеќето култури тој почнува на 1 јануари, според грегоријанскиот календар. Овој датум, сепак, не бил отсекогаш прифатен.
Најстарите траги од новогодишна прослава потекнуваат од Месопотамија, каде што пред повеќе од 2.000 години Новата година се славела на почетокот на март во согласност со природните циклуси и земјоделските работи. И Кинезите се меѓу првите народи што го одбележувале овој ден, при што празникот бил поврзан и со размена на подароци.
Во антички Рим, иако јануари бил воведен уште во 700 година пр. н.е., Новата година долго време се славела на 1 март. Промената дошла во 153 година пр. н.е. кога јануари станал почеток на граѓанската година. Конечно, во 46 година пр. н.е. Јулиј Цезар со новиот соларен календар законски го утврдил 1 јануари како официјален почеток на годината.
Оттогаш овој датум постепено станал прифатен во поголемиот дел од светот како симболичен почеток на новата година.
Фото: pexels
Забава
Од луд провод до тивка вечер дома: што вели хороскопот за новогодишната ноќ
Дали Новата година ќе ја дочекаш на луда журка, во ексклузивен ресторан или мирно дома со најблиските? Астрологијата открива како секој хороскопски знак најмногу сака да се забавува во најдолгата ноќ во годината – од разузданите Овни до мирните Ракови.
Овен – сака луд, разуздан помин и журки до зори, често со многу алкохол.
Бик – ужива во гурмански дочек, во ресторан или дома со блиските.
Близнаци – секоја година избираат нешто поинакво; патувања, големи прослави или дочек на улица.
Рак – најсреќен е дома, со семејството, добра храна и мирна атмосфера.
Лав – се подготвува со месеци и избира ексклузивен дочек; важно му е да биде забележан и да не биде сам на полноќ.
Девица – избегнува гужви и бучни забави, преферира тивок дочек дома со мал круг луѓе.
Вага – сака „ин“ места, дотерување и внимание; често ја дочекува Новата година во прегратка.
Шкорпија – поделени се; младите сакаат забава, постарите мирен дочек дома.
Стрелец – најчесто патува, но се забавува секаде каде и да е.
Јарец – не е љубител на гласни прослави; Новата година ја дочекува скромно, најчесто дома.
Водолија – обожава забави, клубови и дружење со нови луѓе; останување дома не доаѓа предвид.
Риби – најважно им е друштвото; сакаат домашен дочек, но знаат и да претераат со алкохол.
Забава
Зошто кафето не е решение за мамурлак и што да пиете наместо тоа
Дочекот на Новата година за некои значи и повеќе алкохол, а тоа може да резултира со мамурлак – главоболка, мачнина и вртоглавица, пишува Express.co.uk.
Според лекарите, се препорачува добра хидратација пред, за време и по консумирање алкохол, како и внес на електролити – преку напитоци или таблети, најдобро пред спиење.
Експертите предупредуваат дека кафето не помага, туку може дополнително да ја влоши дехидрацијата. Наместо тоа, се советува вода или електролитни напитоци, особено ако има мачнина или вртоглавица.
Електролитите може да се надоместат и преку исхраната – со храна богата со калиум, како банани, цитрусно овошје, зелен лиснат зеленчук, компири.
Покрај тоа, важен дел од закрепнувањето е одморот. Алкохолот го нарушува квалитетот на сонот, па експертите советуваат да се престане со пиење порано навечер за телото да има време да го преработи алкохолот и да се обезбеди подобар сон.
Фото: pexels

