Hitech
Ново Peugeot е-208 – сега имате избор меѓу бензински, дизел или електричен мотор
Peugeot брендот неуморно и прецизно ја следи својата амбиција, 100% од гамата да има своја електрична верзија. Оваа стратегија на Брендот им овозможува на потенцијалните клиенти да добијат избор повеќе при определување и дефинирање на своите потреби при купување на возило.
Како што најавуваат од Peugeot „иднината ќе биде се’, само здодевна не.“ Токму затоа компанијата Еуроимпекс, генерален узвоник за брендот Peugeot, ќе ги промовира на нашиот пазар сите модели на гамата со избор на 3 мотори. Бензин, дизел или електричен мотор.
Со ова им овозможуваат на своите клиенти да бидат чекор понапред и секогаш да целат кон иднината.
Во моментов модел кој може да понуди избор помеѓу 3 типови на мотори е новиот Peugeot 208, кој покрај многуте награди и признанија е воедно и добитник на најпрестижната награда „Автомобил на годината во Европа за 2020“, награда која гордо ја носи и докажано му прилега. Имено, Peugeot е единствениот бренд кој бил награден со 3 награди „Европски автомобил на годината“.
100% електричниот Peugeot 208 ја носи истата внатрешност и истиот надворешен изглед како и оној на внатрешно согорување, разликата е во надворешните детали кои го красат и онака возбудливиот дизајн. Деталите ќе ги забележите во решетката во боја на каросерија, ознаката „е“ која се наоѓа на страниците на возилото и логото на лавот кое се прелива во сина електрик боја во зависност од аголот.
Корисни информации за 100% електричниот 208:
Режими на возење и кочење
Новиот Peugeot е-208 нуди 3 режими на возење:
– Eco: оптимизирање на автономијата преку редуцирање на одредени опции,
– Normal: оптимален комфор за дневна употреба,
– Sport: користење на максималната моќност за максимално искуство при возењето (забрзување од 0 до 100km/h за 8,1 секунди)
И два режима на кочење кои овозможуваат надополнување на батеријата за време на успорувањето:
– Умерено: за многу слично чувство како моторното кочење кај мотор со внатрешно согорување,
– Зголемено: успорување контролирано преку педалата.
Батерија и полнење
Новиот Peugeot e-208 нуди уникатно и возбудливо искуство при возење со својот 100% електричен мотор, достапен од:
– 100 KW (136 КС) електричен мотор со 260 Nm (достапни од 0 km/h) за инстантнa ре-активност
– Тивок мотор, со 0 вибрации
– Технолошки приказ на централниот екран (приказ во реално време на патеката на возење).
Достапни се два вида на инвертори во возилото, за да одговараат на сите намени и сите решенија за полнење на клиентите, со еднофазен полнач од 7,4 kW како стандарден и опционален трофазен инвертор од 11 kW.
Начините за полнење се флексибилни и прилагодени на секоја дневна ситуација. Можни се неколку видови на полнење:
| Стандарден полнач монофазен за домашна употреба (8А): | 31 час / со батерија од 50 kWh
47 часа / со батерија од 75kWh |
| Брз полнач монофазен за домашна употреба (16A): | 15 часа / со батерија од 50 kWh
23 часа / со батерија од 75kWh |
| Ѕиден полнач монофазен од 7,4 kW | 7:30 часа / со батерија од 50 kWh
11:20 часа / со батерија од 75kWh и со еднофазен 7,4 kW инвертор. |
| Ѕиден полнач трофазен од 11 kW | 5 часа / со батерија од 50 kWh
7:30 часа/со батерија од 75kWh и со трофазен 11 kW инвертор. |
| Наменски јавен терминал | 30 мин./регулацијата на температурата на батеријата ви овозможува да користите полначи од 100 kW и да достигнете 80% полнење за (батерија од 50 kWh) или 45 мин. (75 kWh батерија). |
Животниот век на батеријата кај Peugeot возила е со гаранција од 8 години или изминати 160.000 км, по чие изминување батеријата ќе има капацитет од 70%. За време на гаранцискиот период, Peugeot врши замена на батеријата, во случај да нема механичко оштетување на истата.
Автономија
Главни фактори кои можат да влијаат на автономијата:
1. Брзина
При константна брзина од 130km/h, автономијата на 100% електричното возило ќе биде двојно помала споредбено со пропишаното според WLTP.
2. Клима уред и греење:
Разликата во опсегот при користење на клима уред/греење може да варира дури и за 35% помеѓу различни годишни времиња. Климатизација (ладење/греење) додека возилото е вклучено на полнење, е еден од најефикасните начини да се зголеми автономијата во зима и лето.
3. Стил на возење, услови на патот и географски терен:
Еко-возењето е значително подобрено кај 100% електричните возила. Забрзувањето со беспрекорна динамика и рекуперативното кочење, можат да заштедат и до 15% од вашата автономија.
| e-208 домет* во km
+5 % за умерено управување, -10% за динамично управување |
Многу ладно
(-10°C ) |
Ладно
(0°C ) |
Пролетно
(10°C) |
Умерено
(20°C) |
Топло
(30°C) |
| Во град (30km/h) | 205 | 260 | 300 | 350 | 280 |
| Комбинирано (50 km/h) | 250 | 300 | 330 | 360 | 315 |
| На пат (80 km/h) | 252 | 280 | 295 | 315 | 290 |
| Автопат (110 km/h) | 195 | 210 | 215 | 220 | 210 |
| На отворен пат (130km/h) | 160 | 165 | 170 | 175 | 170 |
Одржување
Нормални услови на користење:
Редовни интервенции
| Сервис: почетни интервенции | 2.500 Km / 3 месеци |
| Сервис: редовни интервенции | Секои 15.000 Km/1 година |
Дополнителни интервенции
| Замена на филтерот во патничката кабина | Секои 15.000 Km / 1 година |
| Замена на течноста за сопирачки | Секои 2 години |
| Проверка на PH на течноста за ладење | 125.000 Km/4 години. Потоа на секои 25.000 Km / 2 години |
| Проверка на прилагодувањето на предните светла | 4 години. Потоа на секои 2 години |
Редовните интервенции и сервисни услуги се сведени на минимум и подразбираат проверка на: предница, подвозје, течности, сигнализација, сопирачки, пневматици и притисок во пневматици, оптика на фарови, метлици…
Како што може да се забележи, современиот клиент би бил ослободен од сите останати трошоци кои нормално би ги имал доколку користи возило со мотор на внатрешно согорување.
Од брендот Peugeot потсетуваат на нивното мото „UNBORING THE FUTURE” кое што претставува силно ветување кон своите потенцијални клиенти и најавуваат возбудлива, забавна, безбедна и одговорна иднина, фокусирајќи се на следниве елементи: технологија, електрификација и автономија.
Овие елементи водат кон „моќта на изборот“ – можност која брендот Peugeot им ја дава на своите потенцијални клиенти. Можност да го изберат својот омилен мотор и при тоа да доживеат целосно различно искуство при возењето.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Hitech
ИТ-секторот пред пресврт: Вештачката интелигенција ќе замени половина од софтверот
Повеќе од половина од постоечкиот деловен софтвер би можел да биде заменет со вештачка интелигенција (ВИ), изјави Артур Менш, директор и основач на компанијата „Мистрал АИ“.
Неговите коментари доаѓаат во време на растечка загриженост кај инвеститорите за иднината на софтверските компании, чии акции во последните месеци бележат пад, објави „Си-Ен-Би-Си“.
Стравувањата дека вештачката интелигенција може да ги преземе функциите на постоечките деловни програми веќе доведоа до распродажба на акции на големи софтверски компании.
Инвеститорите се сè позагрижени дека ВИ може да ги извршува задачите за кои денес се користи деловен софтвер, што би можело да ги загрози бизнис-моделите засновани на софтвер како услуга (СааС).
Вредноста на фондот „Ајшерс експендед тех – софрвер сектор“, кој ги вклучува компании како „Мајкрософт“ и „Сејлсфорс“, паднала за повеќе од 20 проценти годинава. Пад бележат и акциите на големите индиски софтверски компании како „Тата Консултанси Сервисис“ и „Инфосис“.
„Проценувам дека повеќе од половина од она што ИТ-секторот моментално го набавува во форма на СааС ќе премине на вештачка интелигенција“, изјави Менш на маргините на самитот „АИ Импакт“ во Њу Делхи. „Вештачката интелигенција ни овозможува да развиваме софтвер со брзина на светлината“, додаде тој.
Менш објасни дека компаниите, со „соодветна инфраструктура“, можат да ги поврзат своите податоци со ВИ-системи и да создадат апликации за специфични деловни задачи.
„Кај нашите клиенти гледаме дека за само неколку дена можеме да создадеме целосно прилагодени апликации за управување со работни процеси, на пример за набавка или синџири на снабдување. Пред пет години за тоа ви беше потребен специјализиран СааС“, истакна тој.
Според него, во тек е „промена на платформите“, при што компаниите се насочуваат кон користење ВИ наместо постојните СааС-решенија.
„За нас тоа е голема можност, бидејќи повеќе од 100 деловни клиенти веќе ни се јавија со желба да го редизајнираат својот ИТ-систем. Сакаат да се ослободат од решенија купени пред 20 години, кои стануваат прескапи“, рече Менш. „Тие ја гледаат вештачката интелигенција како начин системот да стане поефикасен и поевтин.“
Сепак, Менш нагласи дека софтверот наменет за системи за складирање податоци „нема да се промени“, бидејќи тој е одговорен за податоците во организацијата и често функционира во соработка со ВИ.
Слично мислење има и Бипул Синха, директор на компанијата „Рубрик“, кој за „Си-Ен-Би-Си“ изјави дека „софтверот за работни процеси“ може да биде значително нарушен од ВИ, но дека софтверот за податочна инфраструктура што ја овозможува ВИ ќе има корист.
Менш потврди дека компанијата оваа година планира да отвори прва канцеларија во Индија, со што влегува на пазар каде што за удел се натпреваруваат сите глобални технолошки гиганти.
Мистрал веќе соработува со меѓународни компании присутни во Индија, а сега активно бара клиенти со седиште во земјата, и во јавниот и во приватниот сектор.
За разлика од Европа, каде што гради сопствени центри за податоци, во Индија компанијата ќе воспостави партнерства со фирми кои веќе имаат физичка инфраструктура.
Индиската влада го поттикнува развојот на ВИ-модели што можат да работат локално, со податоци складирани во рамки на земјата. Големите јазични модели на „Мистрал“ веќе поддржуваат повеќе индиски јазици, меѓу кои хинди и панџаби.
„Тоа е нешто што долгорочно ќе биде исклучително важно за индискиот потрошувачки пазар“, заклучи Менш.
Hitech
Нетфликс надмина 325 милиони претплатници, профитот нагло порасна
Американската стриминг услуга Нетфликс надмина 325 милиони претплатници низ целиот свет, објавувајќи го своето прво ажурирање за бројот на претплатници за една година.
Компанијата ја заврши 2024 година со 301,6 милиони корисници кои плаќаат. Во последниот квартал, Нетфликс ги зголеми приходите за 17,6 проценти на годишно ниво на нешто над 12 милијарди долари. Нето добивката достигна 2,42 милијарди долари, што е зголемување од речиси 29 проценти во однос на претходната година.
Нетфликс моментално бара да го купи студиото и стриминг бизнисот на холивудскиот гигант Warner Bros Discovery. За да го финансира договорот, кој вреди околу 83 милијарди долари, Нетфликс соопшти дека ќе ги суспендира откупите на акции, објавувајќи го овој потег заедно со својот извештај за заработка.
Американските компании често користат откупи за да помогнат во одржувањето на цените на нивните акции.
Акциите на Нетфликс паднаа за дури 5 проценти во тргувањето по затворањето на берзата. Откако се појавија извештаите за плановите за преземање на Warner Bros, акциите изгубија околу 30 проценти од својата вредност. Нетфликс потоа се откажа од плановите да вклучи акции во трансакцијата и изјави дека ќе ја плати куповната цена во готово.
Hitech
„Фејсбук“ тестира наплата за споделување линкови
Фејсбук тестира систем кој би можел да им наплаќа на корисниците за споделување линкови преку интернет, потег што би можел да се покаже како дополнителен удар за медиумите и другите издавачи. Мета, сопственикот на социјалната мрежа, потврди дека спроведува „ограничен тест“ во кој корисниците без платена претплата Meta Verified, која започнува од 12 евра месечно, можат да објавуваат само два надворешни линка месечно, објавува The Guardian.
Што носи новиот тест?
Се чини дека тестот вклучува подмножество на Фејсбук страници и кориснички профили кои го користат „Професионален режим“, кој е дизајниран првенствено за креаторите на содржини да ги монетизираат своите објави. Иако медиумските организации сè уште не се директно вклучени во тестот, овој потег би можел силно да ги погоди бидејќи би можел да ги одврати нивните читатели од споделување содржина.
Издавачите веќе забележаа огромен пад на веб-сообраќајот по одлуката на Мета во 2023 година да ги деприоритизира вестите и да се префрли на прикажување видеа и вирална, кратка содржина.
Сообраќајот од Фејсбук кон страниците со вести се опоравува оваа година, но според некои мерења во 2024 се намалил за дури 50% за една година.
Цел да се поттикнат претплатите
Најновиот тест е дел од кампањата на Мета за охрабрување на корисниците на Фејсбук да се претплатат на нивната услуга Meta Verified, која чини од 12 до речиси 500 евра месечно по профил, во зависност од нивото на услугата. Претплатата нуди дополнителни функции на сметката и повисоко ниво на безбедност.
Во снимки што ги споделуваат корисниците, Фејсбук предупредува: „Почнувајќи од 16 декември, одредени профили на Фејсбук без Meta Verified ќе бидат ограничени на споделување на две органски [т.е. бесплатни] објави месечно. Претплатете се на Meta Verified за да споделувате повеќе линкови на Фејсбук, плус да добиете значка за верификација и дополнителни бенефиции.“
Стратешка промена на Мета
Дејвид Батл, основач на медиумската консултантска куќа DJB Strategies, рече дека Мета „намерно се повлекувала од вестите неколку години“.
„По повлекувањето од плаќање на издавачите и целосното блокирање на линковите за вести во Канада како одговор на регулативата, јасно стави до знаење дека вестите повеќе не се стратешки“, рече Батл.
„Овој последен експеримент – кој засега ги исклучува издавачите – го зајакнува поместувањето од бесплатната дистрибуција кон монетизација на досегот, бидејќи Мета се стреми да извлече поголема вредност од своите постари платформи. Ова може да биде поврзано со нејзиниот скап и широко признат погрешен чекор во метаверзумот, бидејќи сега ги удвојува своите напори за вештачка интелигенција“, додаде тој.
Портпаролот на Мета рече: „Ова е ограничен тест за да се разбере дали можноста за објавување зголемен број поврзани објави додава дополнителна вредност за претплатниците на Meta Verified“.
За потсетување, Мета во јануари изјави дека ќе „заземе поперсонализиран пристап кон политичката содржина, така што луѓето кои сакаат да видат повеќе од неа во своите канали можат да ја видат“.
Се чини дека овој потег доведе до повторно оживување на вестите, според анализата на Press Gazette и Similarweb. Еден од најголемите победници беше британскиот „Експрес“, чиј сообраќај од „Фејсбук“ порасна за 26% за една година, а во март, социјалната мрежа учествуваше со дури 75% од вкупниот сообраќај на социјалните медиуми.

