Забава
Откриена вистинската причина за смртта на Брус Ли
Познатиот актер и мајстор за борачки вештини, Брус Ли, почина многу млад, на 32-годишна возраст, на 20 јули 1973 година. Веста за неговата смрт бргу се прошири, а лекарите врз основа на обдукцијата констатираа дека тој починал од оток на мозокот.
Причината за едемот е наведено дека е земање одредени лекови против болки, а не требало долго време за да почнат да кружат разни теории за неговата смрт.
Кога во јавноста беа објавени слики од неговото отечено лице, теоретичарите на заговор рекоа дека тој бил отруен, а главен виновник била неговата тогашна љубовница. Други тврдеа дека го убиле кинески гангстери, а суеверните отишле чекор понатаму велејќи дека го убило проклетство.
Сега, 49 години по неговата смрт, истражувачите ги разгледале доказите и заклучиле дека Брус, најверојатно, починал од хипонатремија.
„Со други зборови, велиме дека бубрегот не можел да го исфрли вишокот вода и затоа Брус Ли умрел“, напиша тим од експерти во списанието Clinical Kidney Journal.
Што е хипонатремија?
Хипонатремија значи дека нивото на натриум во крвта – што му е потребно на телото да одржува рамнотежа – е ненормално ниско. Нерамнотежата предизвикува отекување на клетките во телото, вклучувајќи ги и оние во мозокот.
Според студијата, Брус имал неколку знаци на ризик за хипонатремија, вклучувајќи пиење големи количини течности, употреба на канабис – што ја зголемува жедта – и други фактори што ја намалуваат способноста на бубрезите да функционираат, како што се употребата на дрога и алкохол.
Неговата сопруга Линда откри дека Брус пред смртта бил на диета со морков и јаболко.
И Метју Поли, кој ја напиша биографијата на Брус Ли во 2018 година – A Life, споменува повторно земање вода на денот кога умрел.
Студијата заклучува: „Ние претпоставуваме дека Брус Ли починал од специфична форма на бубрежна дисфункција: неможност да се излачува доволно вода за да се одржи хомеостазата на водата, која во голема мера е тубуларна функција. Ова може да доведе до хипонатремија, церебрален едем (отекување на мозокот ), а смртта да настапи во рок од неколку дена“.
Исто така, објавено е дека Брус бил чест корисник на канабис, а неговото земење може да ја зголеми жедта.
Во својата книга Поли споменува долгорочна употреба на оваа супстанција на 20 јули 1973 година, денот кога умре Брус. Истражувачите сугерираат дека тоа можеби го натерало Брус да пие премногу вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

