Забава
Откриено колку заработил принцот Вилијам за една година: наследил и мал град
Како дел од војводството Корнвол, принцот Вилијам го наследил и малиот град Паундбери, еден вид социјален и архитектонски експеримент на татко му.
По смртта на кралицата Елизабета Втора во септември 2022 година, на принцот Вилијам му беше доделено профитабилното војводство Корнвол.
Принцот Вилијам ги доби титулата војвода од Корнвол и придружниот имот, кој во претходната година, според последните извештаи, заработил дури 30,4 милиони долари.
Тој ги наследи овој профитабилен имот и титулата од својот татко откога Чарлс стана крал во септември 2022 година, а тоа е војводство кое, всушност, е приватна кралска земја, каде што принцот Вилијам и неговото семејство имаат право да организираат „службени, добротворни и приватни активности“.
Војводството Корнвол се проценува на 1 милијарда долари, покрива приближно 531 квадратен километар и опфаќа приближно 20 окрузи. Во 1337 година бил основан од кралот Едвард III за приватни потреби, но денес на него има многубројни мали бизниси, кои му носат поголем профит на принцот Вилијам.
Имено, постојат мали семејни бизниси, кои одгледуваат добиток, овошје и зеленчук на своите фарми, потоа станбени области и недвижности за деловни и комерцијални цели, како и километри реки, шуми, брегови и каменолом.
Се очекува војводството да се управува „на начин што е еколошки и финансиски одржлив и од значајна вредност за локалната заедница“, се вели во извештајот за 2023 година.
Војводата од Корнвол доброволно плаќа данок на доход на годишниот вишок на приход што го добива по одбивањето на деловните трошоци. Имотот е ослободен од данок на доход бидејќи не е посебно правно лице.
Како дел од војводството Корнвол, принцот Вилијам го наследил и малиот град Паундбери, еден вид социјален и архитектонски експеримент на татко му. Имено, се работи за вештачко гратче, кое е изградено од темел според принципите на традиционалната британска архитектура, со голем број станбени, деловни и комерцијални простори, пренесува „Тпортал“.
Овој пристап промовира заедница во која луѓето може да живеат, работат и да купуваат во иста област намалувајќи ја потребата за патување со автомобил и охрабрувајќи го населението да пешачи и да поминува време во многуте паркови и градини.
Кралот Чарлс Трети инсистира на принципите на одржлив развој, вклучително и користење обновливи извори на енергија, зачувување на ресурсите и изградба на енергетски ефикасни згради.
Сепак, Кејт и Вилијам за време на серијата турнеи во 2023 година, во кои целосно го посетија величествениот имот, покажаа дека не станува збор за уште една титула и дополнителен имот од кој ќе го жнеат профитот, туку за земјиште чија вредност навистина знаат да ја препознаат.
Сепак, иако заработката од нешто повеќе од 30 милиони долари звучи одлично, во реалноста тој мораше да му даде половина на Чарлс, а потоа уште половина за понатамошни инвестиции. Причината е едноставна – тој го наследил војводството во средината на фискалната година по што управителите на имотот побарале од него да остави дополнителни 8,67 милиони долари како капитал за понатамошен развој.
Покрај тоа, извештаите тврдат дека идниот британски монарх од кралицата Елизабета Втора ја наследил веројатно омилената улога на покровител на Фудбалскиот сојуз, во која особено ќе ужива како жесток фудбалски навивач.
Пред и за време на ЕП имавме можност да видиме колку страсно ја прифати оваа задача и верно ги следеше избраниците на Саутгејт од подготовките до (уште едно) изгубено финале.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
По олимпиското злато, пирсингот на Алиса Лиу станува опасен вирален тренд
Откако американската уметничка лизгачка Алиса Лиу го освои златниот медал на Зимските олимписки игри во Милано, стоматолозите предупредија за здравствените ризици поврзани со виралниот тренд што таа ненамерно го започна. 20-годишната Лиу привлече внимание и со својот пирсинг, кој многумина почнаа да го копираат.
Лиу го освои златото во поединечна конкуренција на 19 февруари, откако претходно славеше во тимска конкуренција. Таа стана првата Американка што освои поединечен олимписки златен медал во уметничко лизгање за 24 години и првата медалистка за Соединетите Американски Држави во оваа дисциплина од 2006 година.
Додека медиумите известуваа за нејзиниот медал, на социјалните мрежи кружеа видеа на кои се гледаше сребрен накит над нејзините заби. Станува збор за таканаречен „смајли“ пирсинг, кој се поставува во тенката кожа што ја поврзува горната усна со непцата и е видлив само кога лицето се насмевнува широко.
Интересот се зголеми уште повеќе кога Лиу во јануари за NBC изјави дека самата го направила пирсингот, со помош на нејзината сестра. „Го направив тоа пред повеќе од две години. Сестра ми ми ја држеше усната, а јас само ја зедов иглата и ја ставив низ неа“, рече таа.
Стоматолозите сега предупредуваат дека ваквите процедури не треба да се прават дома. Американското стоматолошко здружение (ADA) истакнува дека оралниот пирсинг носи голем број ризици бидејќи устата е дом на голем број бактерии.
„Устата е дом на милиони бактерии, поради што инфекциите и отокот се чести. Отекувањето на јазикот или усните може да биде толку силно што го отежнува дишењето, а постои и ризик од задушување ако дел од накитот се откине“, според упатствата од MouthHealthy, организација која работи во соработка со ADA.
Стоматолозите, исто така, предупредуваат за можноста за оштетување на забите при гризење на накитот и трајно оштетување на непцата поради постојано триење. Можни се и компликации како што се крварење, лузни, враснат накит што бара хируршко отстранување и дренажа на раната.
„Најдобро е да размислите за отстранување на накитот пред да стане проблем. Оралниот пирсинг бара постојана грижа и одржување. Консултирајте се со вашиот стоматолог за совет“, велат тие.
фото/ЕПА
Забава
(Видео) Која е убавицата во црвениот фустан што привлече внимание на доделувањето на БАФТА наградите?
Маура Хигинс беше ѕвездата на црвениот тепих на доделувањето на наградите БАФТА, а нејзиниот драматичен црвен фустан стана главна тема на разговор на социјалните мрежи.
Во тесен црвен сатенски фустан со долг црн дел што се влече, ријалити ѕвездата беше една од највпечатливите на престижната церемонија.
Која е Маура Хигинс?
Маура Хигинс е 35-годишна ријалити ѕвезда која се здоби со слава во 2019 година како финалист во популарното британско шоу „Love Island“.
Моментално може да се види во ријалити шоуто „The Traitors“. Таа се појави на настанот во Кралската фестивалска сала заедно со голем број познати актери.
За оваа пригода, таа избра фустан украсен со црни монистра, а комбинацијата ја заокружи со црни проѕирни ракавици. Фустанот беше доволен сам по себе, па не претеруваше со накит. Косата ја собра во елегантна пунџа, а шминката ѝ беше воздржана и поприродна.
Иако таа вечер не беше меѓу номинираните, Хигинс неодамна го имаше своето актерско деби во ирската комедија „The Spin“.
Според „Дејли меил“, иако има само неколку реплики во филмот, нејзиното пристигнување на црвениот тепих наводно ги импресионирало филмските инсајдери и „големите холивудски шефови“. Велат дека многумина прашале за нејзините планови во филмската индустрија.
Забава
Петнаесет минути во Лувр: Фотографија од апсењето на Ендру осамна покрај Мона Лиза
Петнаесет минути Мона Лиза и Милоската Венера имаа нов сосед, Ендру Маунтбатен-Виндзор. Активистите закачија фотографија од апсењето на поранешниот британски принц во музејот Лувр во Париз за да покажат „како светот ќе го памети“, пишува „Евроњуз“.
Британската антимилијардерска група „Сите го мразат Елон“ објави фотографија вчера на ѕидот на познат француски музеј, со натпис „Сега се поти“. Тоа е референца на катастрофалното интервју за „Њузнајт“ од 2019 година со Емили Мејтлис, во кое поранешниот принц тврдеше дека не може да се поти и затоа ја обвини жртвата Вирџинија Џуфре дека лаже кога вели оти го видела испотен во ноќен клуб.
Џуфре, која изврши самоубиство минатата година, го обвини Маунтбатен-Виндзор дека имал сексуални односи со неа кога таа била малолетничка, со која тргувал педофилскиот финансиер Џефри Епштајн.
View this post on Instagram
Фотографијата го прикажува Маунтбатен-Виндзор на задното седиште на „рејнџ ровер“ откако ја напуштил полициската станица во Норфолк. Тој помина 11 часа во притвор таму откако беше уапсен во четвртокот под сомнение за злоупотреба на службената должност. Тоа беше прво апсење на висок член на британското кралско семејство од апсењето на кралот Чарлс I во 1647 година.
Групата „Сите го мразат Елон“ сподели видео на Инстаграм од своите членови кои ја прикачија фотографијата, со опис: „Велат ‘закачете го во Лувр’. Така и направивме“.
„Мислевме дека ќе му покажеме на поранешниот принц Ендру како светот ќе го памети со објавување на оваа иконска фотографија од неговото апсење во Лувр“, изјави групата за Ројтерс. „Да се надеваме дека ова е само почеток. Правда за сите жртви на Епстин“.
Персоналот на Лувр ја отстрани фотографијата 15 минути подоцна.
Маунтбатен-Виндзор беше уапсен откако американската влада објави милиони документи поврзани со Епстин. Меѓу нив беа копии од е-пошта што наводно покажуваа дека Маунтбатен-Виндзор споделувал класифицирани информации со Епстин додека работел како британски трговски претставник. Маунтбатен-Виндзор продолжува да негира какво било кривично дело.
Поранешниот војвода од Јорк останува осми во редот за наследување на тронот, а минатата недела беше објавено дека владата на Сер Кир Стармер разгледува закон за отстранување на Ендру од редот на наследници, со што ќе се спречи тој некогаш да стане крал.

